Сурија бедана доаѓа од санскритските термини „сурија“ што значи „Сонце“ и „бедана“ што значи „влегување“. Таа е класична пранајама техника која што ја насочува праната во вид на сончева енергија кон внатре преку десната ноздра.
Во јогиската терминологија, десната ноздра ја претставува портата на Сончевата енергија или „пингала нади“, а левата ноздра е портата на Месечината или „ида нади“. Енергијата на Сонцето ја претставува топлината, или машката енергија, додека енергијата на месечината ја претставува смиреноста, или женската енергија.
Значење на сурија бедана
Кога ја изведуваме сурија бедана ние всушност ги стимулираме внатрешните органи во пределот на стомакот, односно папокот. Произведуваме топлина преку вдишувањето низ десната ноздра, а суптилната мрежа од надии во телото ја насочува оваа енергија во пределот на стомакот или соларниот плексус. Во јога, пределот на стомакот се смета за местото на Соцето во нашето тело.
Пингала нади (или десната ноздра) поаѓа од основата на ‘рбетот, местото каде што лежи Кундалини во заспана состојба, а тука исто така се наоѓа и Муладара или коренската чакра.
Практикувањето на сурија бедана ја култивира нашата свест околу основата на ‘рбетот. На овој начин, оваа пранајама техника ја стимулира коренската чакра и со тоа ја буди заспаната Кундалини енергија.
Придобивки од сурија бедана
Енергијата на Сонцето која доаѓа преку оваа пранајама го активира физичкото тело заедно со сите негови поврзани функции. Ја зголемува температурата во телото и ги чисти синусите. Воедно практикувањето на сурија бедана ја зголемува ефикасноста на дигестивниот систем. Се верува дека ја намалува анксиозноста и депресијата. Со практикување на сурија бедана се острануваат блокадите во надиските канали што води до духовно будење.
Практикувањето сурија бедана неколку пати на ден помага да се контролира дишењето, мислите и емоциите. Дава чувство на мир, среќа и задоволство. Редовното практикување на оваа пранјама исто така, го забавува процесот на стареење. Со оглед на разновидните придобивки од оваа техника, се чини дека нема причина зошто не може да стане дел од нашата секојдневна пракса.
Начин на изведба
Седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Поставете го показалецот и средниот прст од десната рака во просторот помеѓу веѓите. Палецот на десната рака е покрај десната ноздра, а домалиот прст е покрај левата ноздра. Затворете ја левата ноздра со домалиот прст и вдишете низ десната. Затворете ја десната ноздра, задржете го воздухот (доколку работите кумбака, доколку не веднаш преминете на следниот чекор) па издишете низ левата ноздра. Ова претставува еден циклус. Повторете го истото најмалку десетина пати.
Соодносот на вдишување – задржување – издишување за напредни практиканти е 1:4:2 (секунди). За почетниците не е препорачливо да работат со внатрешно задржување на воздухот или кумбака. Соодносот за нив е 1:1.
Работете ја пранајама техниката на празен стомак, 4 до 5 часа по јадењето или наутро на празен стомак. Не ја работете сурија бедана доколку имате покачена температура.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.