Стрес е секое физичко или ментално оптоварување, кое го доживувате кога се справувате со какво било побарување што ви е поставено. Може да биде какво било дејство што треба да го извршите или ситуација со која треба да се справите, желба или очекување што сакате да го исполните. Секој доживува стрес, без исклучок бидејќи сите сме склони кон привлечност и одбивност. Самиот процес на живеење и справување со секојдневните проблеми е доволно стресен. Бидејќи, ние имаме ограничена контрола врз нас самите и врз животната средина, сигурно ќе го доживееме.
Исто како што постојат многу видови на стрес, причини за стрес и стресни ситуации, постојат и многу начини на кои може да се справите со него. Решенија можете да најдете и во науката и во религијата. Самата цел на духовноста е да се најдат трајни решенија за надминување на привлечноста и одбивноста и да се остане рамнодушен и одвоен од стресните ситуации за да се доживее мир и спокој.
Фактори кои придонесуваат кон стресот
Стресот произлегува и од внатрешните и од надворешните фактори. Тие можат да бидат во ваша контрола или надвор од ваша контрола. Ако внатрешните фактори се генетски поврзани, може да биде тешко да се справите со нив. Што се однесува до надворешните фактори, можете или да ги избегнете, да ги намалите, да ги промените или да научите да живеете со нив. Во духовноста, ќе го најдете последното решение како најефикасно. Учите да склучувате мир со факторите што ви создаваат стрес или ве прават несреќни, лути, вознемирени или несигурни.
Многу луѓе се ослободуваат од стресот кога ќе започнат да вежбаат јога. Целта на јогата е сузбивање на модификациите на умот, со познавање на нивните причини и справување со нив, со што ќе се ослободите од ментални страдања и ќе доживеете мир. За тоа, прво ќе се фокусирате на несовршеностите или нечистотиите на вашиот ум и тело и ќе се обидете да ги отстраните. Во овој процес, за кој е потребна дисциплина, станувате експерт за справување со сопствените несовршености и како да станете стабилни. Потоа следи широк преглед на трансформативниот процес со кој стекнувате контрола врз вашиот ум и тело.
1. Негување на добри навики и надминување на лошите
Во јогата, тие се познати како јама (ограничувања) и нијама (практики). Целта е да вежбате воздржаност, да негувате дискреција, да го подобрите вашето размислување и перцепција, да ја зајакнете решеноста и да развиете здрав ум и тело. Јадењето здрава храна е важен аспект за постигнување на истото. Ги ревитализира вашиот ум и тело и ви дава дополнителна енергија, сила и издржливост, така што вие не само што се исполнувате со позитивна енергија, туку и ја користите за да ги разбудите скриените потенцијали. Со помошта од јамите и нијамите, стекнувате контрола над вашата „мрачна“ природа, лошите навики и негативното однесување.
2. Правилно дишење
Ова е уште еден важен, основен чекор за подобрување на виталните функции на вашиот ум и тело. Нашето дишење е неправилно. Нашите мисли и емоции влијаат на нашите шаблони на дишење. Неправилното дишење влијае на нашето здравје. Кога дишете правилно, тоа му дава на вашето тело дополнителен кислород што му е многу потребен за да ги одржува своите витални функции. Вашиот мозок добива повеќе кислород и се отстрануваат нечистотиите од крвта. Во јогата, учиме да дишеме преку пранајама техники.
3. Неинволвираност и одвојување
Дури и во науката, знаеме дека работите се пожешки во центарот и поладни на периферијата. Било да е тоа земјено јадро, Сончевиот систем или галаксија, ова е вистина. Кога сте во центарот на кој било проблем, настан или ситуација, вие станувате тотално вклучени во тоа. Меѓутоа, кога сте на периферијата на што било, станувате сведок. Затоа, потребно е да се знае кога да се инволвирате со луѓе и ситуации, а кога да се повлечете. Второ, кога ќе ги повлечете умот и телото од луѓето, проблемите и ситуациите, ќе најдете време да размислите и да ги истражите подлабоките аспекти на животот. Ја дознавате важноста на размислување и набудување со одвојување, емоционална стабилност, ментална рамнотежа и интроспекција. Во јогата, оваа пракса ја нарекуваме пратјахара.
4. Внимание и свесност
Светот има тенденција да ве вознемирува затоа што вие сте негов производ и сте длабоко поврзани со него. Во јогата ја учите важноста на набудување и разбирање на светот, без да бидете под влијание на истиот. Учите да размислувате наместо да реагирате. Го правите истото со модификациите на вашиот ум. Наместо да ги потиснувате или да гледате во друга насока или да живеете во негирање, дозволувате емоциите и чувствата да се појават во вашата свест и се обидувате да ја разберете нивната основна причина. Ако сте внимателни и набудувате, ќе сфатите дека повеќето проблеми во вашиот живот, размислување и однесување произлегуваат од неколку фактори кои можат ефикасно да се контролираат или решат. Повеќето луѓе навистина не обрнуваат внимание на работите и луѓето во нивните животи. Тие ги земаат здраво за готово или ги игнорираат симптомите на потенцијални проблеми кои на долг рок може да станат извор на грижи и стрес. Во јогата, оваа практика се нарекува концентрација (дарана) или фокус.
5.Проникливо разбирање
Светот не е секогаш таков каков што изгледа. Како ќе го перцепираме светот зависи од нашето размислување, став, интереси, желби и внимание. Со правилно размислување, правилна перцепција, правилно знаење, бестрастие и одвојување, кои произлегуваат од доблесното живеење и со практикување на внимателност, концентрација и размислување, можете да развиете увид во природата на нештата. Ќе ја разберете суштината на нештата во нивната чистота, без егоизам, желба, очекување и предрасуди. Умот тогаш станува огледало и ја рефлектира вистината. Во јогата, оваа пракса се нарекува дјана (медитација). Кога се комбинира со концентрација, се нарекува самјама (размислување со контрола, концентрација и рамнотежа).
Ослободување од стресот
Која е суштината на сето ова? Суштината е да се ослободите од сите негативни и лоши навики и да се одвоите од нештата контролирајќи ги вашите желби и очекувања и пуштајќи ги да заминат, за да можете да бидете во нештата без да ве вознемируваат.Тоа значи да се живее со свесност, знаење, мудрост, разбирање, дискреција и вештина во набљудувањето на светот и луѓето и да се учи од нив, како и од сопственото искуство и интеракција со нив. Јогата не гарантира целосна и апсолутно ослободување од стресот. Сепак, нуди ефективни начини да се справите со него и да го намалите. Кога сте во центарот на нештата, без ментално да бидете во центарот, лесно ќе пловите низ животот, дури и ако поминете низ некоја турбуленција и непостојаност.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.