Една од најпогодните медитативни техники за сите оние кои започнуваат да чекорат по спиритуалниот пат на јогата, но и за оние кои се навлезени во подлабоките духовни сфери е мантрата Со Хам. Се изведува со фокусирање на здивот. При секое вдишување, во себе изговараме продолжено СО, а при секое издишување, продолжено ХАМ. Всушност, ова е основниот и наједноставниот начин на кој можеме да ја практикуваме оваа мантра.
Со Хам е една од најстарите хинду мантри. За неа сведочат многу антички и средновековни записи меѓу кои и класичните јога-трактати „Геранда Самхита“ и „Шива Самхита“. Потеклото на зборот е санскритско и се преведува како “Тоа сум јас” или “Јас сум тоа/ тој”, а подразбира идентификација на себе си со Универзумот како ултимативна реалност.
За време на праксата, умот се насочува кон дишењето и кон менталното повторување на слоговите Со Хам. Спонтаните мисли што надоаѓаат за време на мантрата ги набљудуваме „од позиција на сведок“, без да се идентификуваме со нив. Тоа помага подобро да разбереме како и на кој начин нашиот ум функционира , како ги формираме мислите и идеите и каков вид на мисли вообичаено се присутни. Најчесто тие доаѓаат од нашето его. Кога само сведочиме за нив, ни станува појасна нашата приврзаност кон одредени луѓе, места, ситуации како и нашата аверзија кон одредени луѓе, места, ситуации. Емоциите се еквиваленти на мислите, па така, мантрата Со Хам, впрочем како и секоја друга мантра, врши позитивно влијание на нашата емоционална состојба, ја интензивира интроспективноста и ни овозможува да допреме до подлабоките нивоа на свесност.
Начин на практикување
Најдете удобно и мирно место, седнете во удобна положба со исправен грб и затворете ги очите. Насочете го вниманието кон дишењето и набљудувајте го со свесност неговиот природен ритам. Не менувајте ништо.
Развивајте свесност за струењето на воздухот низ ноздрите. При секое вдишување воздухот допира до третото око, од каде со издишување, излегува низ ноздрите. Со вдишувањето, ментално, во себе изговараме продолжено „СО“, а на издишување во себе изговараме продолжено „ХАМ“. Понирајте длабоко во себе за времетраењето на мантрата. Погледот секогаш насочен кон внатре, кон третото око или кон срцето. Со Со Хам, покрај интроспективноста, се зголемува и подобрува концентрацијата. Умот станува мирен.
Светлина
Додека ја практикуваме мантрата, можеме воздухот да го визуелизираме како светлина. При вдишување (СО) светлината влегува преку ноздрите и стигнува до третото око, од каде, со издишување излегува во вид на уште поблескава светлина (ХАМ). Светлината може да поаѓа и од Муладхара чакра (коренска чакра), се движи по должината на ‘рбетниот столб за да стигне до Агја чакра (трето око), светлината исто може да ја „вдишуваме“ и „издишуваме“ директно од Агја чакра …
Звуци на Универзумот
Според некои, значењто на зборовите СО ХАМ е од исклучителна важност, но сепак речиси повеќето се согласни дека најважно е фокусот да е на „звучниот“ концепт, на вибрацијата, затоа што и СО и ХАМ се звуци на Универзумот.
Мантрата Со Хам може да се изведува и на други начини, а позната е и под имињата Аџапа мантра, Аџапа Гајатри, Хамса Гајатри, Хамса мантра, прана мантра, Шри Папрарасада мантра, параматма-мантра …
За време на секоја мантра култивираме чувство на релаксација и сјајност, со концентрација на мантрата. Секогаш кога ќе забележиме дека мислите го одвлекле вниманието, се враќаме повторно на здивот, светлината и звукот (мантрата).
Со Хам можеме да ја практикуваме во секое време од денот, независно од тоа каде и со кого се наоѓаме.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.