Секојдневна јога пракса значи посветување на себе и на сопствениот напредок. Секојдневната пракса е од суштинско значење за да ни помогне да бидеме физички спремни, ментално избалансирани, духовно поврзани и емоционално силни. Тоа е едноставна, достапна пракса која може да ја правите речиси секаде. Не мора да биде долга или комплицирана, доволно е дури само 15 минути дневно. Без разлика на времетрањето ќе биде од голема корист за вашето тело, ум и дух.
Јога сутрите (1.14) нè учат дека за да бидеме цврсто вкоренети во нашата пракса, мора да внимаваме таа да биде редовна , без прекини, со посветеност и радосно срце. Кога вежбаме секојдневно, поставуваме моќна основа и јасно внимание на напредокот на патот кон просветлување.
Предизвикот на секојдневната пракса
Учениците често доаѓаат на јога полни со ентузијазам. Тие купуваат јога простирки, специјални облеки за вежбање. Се „запишуваат“ на часови и изјавуваат дека сега „вежбаат јога“. Како што поминува време и се нурнуваат во својата пракса, тие почнуваат да се соочуваат со своето его, со своите стравови, фрустрации и гнев бидејќи не можат да го допрат носот до колената. Телата долго оставени до состојба на вкочанетост реагираат со болка бидејќи недоволно користените мускули се повикани на работа. Егото страда додека јогините гледаат низ просторијата споредувајќи се со останатите практиканти.
Многумина во оваа фаза престануваат да доаѓаат на часови и на крајот се откажуваат. Но, токму во тој момент кога се среќаваме со нашите пречки и изговори започнува вистинскиот предизвик на праксата.
Придобивките од секојдневна јога пракса
Нема да ја трансформираме нашата јога пракса – ниту, пак, праксата ќе ги трансформира нашите животи ако не вежбаме редовно. Колку повеќе вежбаме, толку подлабоко навлегуваме во нашиот потенцијал, нашето вистинско јас.
Што се случува кога вежбаме јога секој ден? Секојдневната пракса нè зајакнува со физичка но и духовна самодоверба добиена од напредувањето низ асаните и пробивањето на менталните, физичките и емоционалните пречки. Секојдневната практика не учи дека преку трпение и сочувство, а не со брутална сила, можеме да постигнеме речиси сè на и надвор од нашите простирки. Секојдневната јога пракса има многу придобивки. Таа ни овозможува да останеме приземјени, центрирани, избалансирани, флексибилни, силни, мирни, со јасни глави, фокусирани, опуштени, среќни, здрави и ослободени од стрес и анксиозност.
Колку јога е доволно?
Практикантите најчесто го поставуваат стандардното прашање: Колку време ќе помине пред да ги совладам јога асаните? Искрениот одговорот е дека нема одредено време кое може да се даде како временска рамка. Асаните се работат и се совладуваат целиот ваш живот.
Јогата не е дестинација, таа е патување. „Совладување“ на асаните не е целта на вежбањето, тоа е резултат на самата пракса. Патаби Џоис има кажано: „Јогата е еден процент теорија, останатото е пракса“. Мудрецот Патанџали не пропишал временски период потребен за да се совладаат асаните. Тој не учи дека преку абхјаса, постојан и решителен напор и ваирагија, неприврзаност и ослободување од желби, можеме да воспоставиме цврста основа во нашата пракса. Тоа е спротивно на начинот на кој многумина од нас ги живеат нашите животи. Сакаме моментално задоволство. Цел живот вежбање? Тоа е премногу долго за многумина од нас.
Но, мора да вежбаме ваирагија и да се ослободиме од нашата приврзаност кон целта. Мора да пристапиме на нашата пракса со ревност и волја за да ја одржиме праксата во текот на целиот живот. На тој пат, гледаме како јогата влијае на нашите животи. Учиме како она што го правиме на простирката да го правиме и надвор од неа. Нашиот став додека се подготвуваме за предизвикувачка асана е одраз на тоа како ги живееме нашите животи.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.