Свадиштана, позната уште како сакрална чакра, е втората чакра во седумчлениот чакра систем. Се наоѓа веднаш над Муладхара, околу 4 см под папокот. Зборот Свадиштана (свадистхана)(sanskrit: स्वाधिष्ठान) е санскритски, а се преведува како престој, седиште или стан, но зборот ‘swad’ исто се преведува и како уживање и задоволство. Свадиштана е центарот на креативниот потенцијал, на сексуалноста и задоволството. Кореспондира со афирмацијата „Јас чувствувам“. Поврзана е со емоциите и желбите, а нејзиниот примарен нагон е потрага по задоволството. Го одредува начинот на кој го доживуваме сопственото тело.
Покрај тоа што е одговорна за креативноста, односно за она што индивидуата му го нуди на светот преку уметноста, Свадиштана не поврзува и со нашата длабока интимност и познавање на внатрешното јас. Со Свадиштана владее потсвесниот ум кој е поврзан со сензуалноста, себеприфаќањето и интимноста. Внатрешниот свет е поделен на светла и темна страна. Само кога ја земаме предвид оваа двојна реалност и ги прифаќаме нашите слабости, ние сме способни да работиме на себе.
При работа со свадиштана, како впрочем и со секоја друга чакра, потребно е да бидеме искрени со самите себе, без да се осудуваме, залажуваме, срамиме или пак да ја префрламе одговорноста на друг. Да се чувствуваме самите себе, да го сакаме своето тело, да ја прифатиме сопствената страст и да бидеме отворени за нашата највисока радост. Додека не можеме да се прифатиме себеси такви какви што сме, нашиот духовен развој ќе стагнира.
На физичко ниво, свадиштана ја активира енергијата на бубрезите, мочниот меур, долниот дигестивен тракт, сексуалните / репродуктивните органи, како и лумбалниот плексус. Поврзана е со половите жлезди – гонади.
Кундалини шакти
За да може Кундалини шакти да помине низ свадиштана, потребно е таа да е отворена, во баланс и облагородена со возвишени чувства. Доколку во свадиштна преовладува бес, омраза, љубомора, суровост, желба и гордост, тогаш Кундалини се враќа во муладара и не може да продолжи кон погорните чакри, да се реализира низ нив и да стигне до крајната цел, до Сахасрара (крунската) чакра, до самореализација.
Атрибути
Боја – портокалова, елемент – вода, семенска мантра – ВАМ, животно – крокодил
Свадиштана чакра се претставува како лотос со шест ливчиња во портокалова боја. Во центарот има претстава на млада месечина. Портокаловата боја е боја на изгрејсонцето и ја симболизира растечката свест. Исто така, таа се поврзува и со залезот на сонцето како и со годишното време есен, кога природата се повлекува, а свеста се врти кон внатре, кон себе. Кореспондира со мантрата ВАМ. Не поврзува со елементот вода. Соодветен претставник во мудрите е Buddhi Mudra (Varuna mudra), а од животинскиот свет претставник е крокодилот. Владеачки божества се Вишну и божицата Ракини.Кога се концентрираме на свадиштана чакра можеме да најдеме одговори на многу прашања кои за нас имаат суштинско значење.
Кога свадиштана не е во баланс
Блокираната сакрална енергија може да биде поврзана со зависности, потиснати емоции и недостаток на креативна енергија, но исто така причина може да биде и здодевен, повторувачки, монотон живот или негативен фидбек поврзан со нашата креативност или сексуалност.
Кога свадиштана е во дисбаланс, не само што чувствуваме здодевност и имаме недостаток од креативна енергија, туку и многу лесно се навредуваме, се плашиме од промени, чувствуваме срам и грижа на совест за некои минати дејствија, немаме доволно самодоверба, чувствуваме љубомора, имаме потреба од прекумерно трошење, од сексуален разврат, проблеми со коцкање и многу често посегнување по алкохол или дрога.
Кога е во баланс
Кога сакралната чакра е отворена и балансирана, се чувствуваме динамични, стимулирани и полни со идеи. Искрени сме кон себе и отворени сме кон околината. Умееме креативно да се изразиме. Имаме разбирање за разлките меѓу половите и умееме слободно да ги изразиме емоциите. Отворената и балансирана свадиштана дава одлучност да се направат значајни промени во начинот на кој го живееме животот.
Аномалии од физички аспект
Симптоми поврзани со блокирана сакрална чакра може да бидат: полицистични јајници, неправилни менструални циклуси, како и други проблеми со репродуктивните органи, инфекции на уринарниот тракт, компликации со мочниот меур и бубрезите и други абдомeнални проблеми, хронични болки во долниот дел на грбот и др.
Пубертет
Се смета дека доминантноста на свадиштана е во периодот од осмата до четиринаесетата година од животот, веднаш после доминантноста на муладара чакра. Тоа е периодот кога се појавуваат првите симпатии, за првпат се вљубуваме и почнуваме да ја доживуваме сексуалноста. Кај жените се појавува менструалниот циклус.
Неколку начини за балансирање на сакралната чакра
Свадиштана чакра го поврзува нашето тело и нашиот ум со елементот вода, па затоа за балансирање на оваа чакра се препорачуваат секакви активности поврзани со вода како пливање, прошетки покрај вода, топла бања со етерични масла и слично. Бидејќи е центар на креативноста, исто така за нејзино балансирање се препорачува занимавање со некоја уметност – сликање, музицирање, пишување, танц.
Медитација – седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Дланките се на колена во варуна мудра (Varuna mudra). Опуштете ги мускулите и насочете го вниманието во карличниот предел. Визуелизирајте разбрануван океан, под мрачно небо, ноќно време. Брановите на океанот претставуваат опаѓање и издигнување на нашата свесност. Исто, можеме и со визуелизација на портокалова светлина во пределот каде што е лоцирана свадиштана.
Во Јога асаните кои ја стимулираат свадиштана се вбројуваат сите асани за отварање колкови, кобра (Bhujangasana) танчерска поза (Natarajasana), Триаголник со увртување (Parivrtta trikonasana) и други.
Храна – се препорачува храна со портокалова боја како портокали, моркови, слатки компири, праски, кајсии, манго, папаја, тиква, мандарини, кокос, разни видови на семиња како лен, афион, сусам, коноп, тиква,сончогледови семки и оревите.
Кристали кои вибрираат на иста фрекфенција со свадиштана чакра се кристалите со портокалова боја како што се месечев камен, карнеол, златен топаз, арагонит, портокалов калцит и други.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.