Сахасрара, седмата чакра, се наоѓа на врвот на главата и е позната како крунска чакра. Тоа е местото каде што се сретнуваат времето и безвременоста, смртта и вечниот живот. Ја нарекуваат изворот на светлината и престојувалиште на највисоката свест.
Името Сахасрара е санскритско и се преведува како бесконечност. Во неа нема интелектуално знаење, туку ведрина, радост и длабок мир. Поврзана е со спиритуалноста, космичкото соединување, самореализацијата и просветлувањето. Во неа се случува мистичниот спој на Шива и Шакти, спојот меѓу Индивидуалната и Космичката свест или Самади – крајната цел на јогата.
Сахасрара е сублимат на духовноста, свесноста и самоспознанието. Таа е средиште на трансценденцијата и низ неа се манифестира нашата врска со божественото. Во неа исчезнуваат сите илузии и Кундалини се реализира како чиста свест. Тука го искусуваме единството со Севкупното. Егото исчезнува и доаѓаме во контакт со повисокото јас кое е поврзано со секое битие на планетата. Во крунската чакра доживуваме свесност за целта на нашето постоење.
Атрибути
Се претставува како лотос со илјада ливчиња во различни бои, наредени во дваесет слоеви, на кои се испишани сите зборови од санскристската азбука. Во центарот на лотосот се претставува Шивалингам – симболот на чистата свест. Поврзана е со виолетовата или белата боја, но според некои учења, Сахасрара нема посебна боја или квалитет. Таа е чиста светлина и ги содржи сите бои. Во неа се обединува енергијата од сите нади (енергетски канали). Физички еквивалент е хипофизата или питуралната жлезда. Кореспондира, исто како и чакрата Агја, со мантрата ОМ. Од животинскиот свет, претставник е орелот. Постојат повеќе мудри за стимулација на Сахасрара чакра меѓу кои: Сахасрара Мудра, Ади Мудра, Хакини Мудра, Лотос Мудра и др.
Крунската чакра е најдоминантна во периодот од од 43-тата до 49-тата година од животот. Во тој период најчесто доаѓа до духовно будење, спознавање на космичката, универзалната свест и Севкупното. Од педесетата година, циклусот на доминантност на чакрите почнува од почеток, од првата, коренската чакра.
Кога е отворена и во рамнотежа
Позитивните духовни аспекти на Сахасрара се: поврзаност со Универзумот, духовна сила, верба и интроспекција. Кога Сахасрара е во рамнотежа свесни сме за врската што постои меѓу нас и Универзумот, за усогласеноста со сопственото битие и имаме сочувство за другите. Целосно живееме во сегашниот момент, ги разбираме универзалните вистини и му веруваме на своето внатрешно Себство. Живееме во мир, благодарни сме и исполнети со радост. Кога Сахасрара е отворена излегуваме од ограниченоста на физичкото тело, на егото, умот и интелектот и се ослободуваме од оковот на желбите. Се одликуваме со креативност, храброст, инспиративност, визионерство и хуманост.
Кога е затворена или не е во рамнотежа
Кога чакрата Сахасрара е затворена се соочуваме со егзистенцијална и духовна криза која се манифестира како чувство на осаменост, изолација, безнадежност и очај.
Имаме недостаток на животна радост, бегаме од стварноста, имаме тешкотии при медитирање, при одлучување, збунети сме, меланхолични и депресивни. Немаме самодоверба, се плашиме од запознавањето на самите себе и мислиме дека животот е бесмислен. Имаме стравови и верувања кои не се совпаѓаат со вистинската суштина на нашето битие. Сметаме дека интуитивното знаење не ни е достапно, скептични сме кон духовноста и веруваме само во она што можеме да го видиме. Од друга страна, негативните аспекти на Сахасрара може да се манифестираат и како наклонетост кон црна магија, празноверие, недоволен интерес за световното постоење и повлеченост. Не чувствуваме поврзаност со другите луѓе и единствената желба ни е да создадеме материјално богатство, бидејќи само во материјалното гледаме сигурност.
На физички план се манифестира со хронични главоболки, слаб имунолошки систем, нервни пореметувања, респираторни проблеми, рак, мултиплекс склероза, душевни заболувања и проблеми со физичката координација.
Начини на балансирање
За урамнотежување на крунската чакра потребно е секојдневно да култивираме чувство на несебичност и благодарност кон Севкупното. Со редовна работа на крунската чакра, ја зголемуваме нашата духовна свест и почнуваме да уживаме во малите моменти на убавината и животот што ни ги нуди.
Медитација – седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Дланките се на колена во некоја од соодветните мудри. Опуштете ги мускулите и насочете го вниманието кон врвот на главта. Медитирајте на лотос со илјада ливчиња. Замислувајте како се отвораат ливчињата на лотосот и како низ нив се пробива светло-виолетова светлина која го проткајува целото ваше тело.
Асана пракса – најпознатата и најефикасната асана за стимулирање на чакрата Сахасрара е асаната Ширшасана (стој на глава).
Кристали – кристали кои вибрираат во согласност со чакрата Сахасрара се кристали со виолетова и бела боја како: горски кристал, сугилит, селенит, дијамант.
Исхрана – Во врска со иcхраната, за балансирањето на крунската чакра многу е важно да не се внесуваат шеќери и масти кои содржат празни калории. Консумирајте повеќе свеж органски зеленчук и овошје, кафеав ориз и кафеав леб. Исто така, исхрана која помага во балансирањето на Сахасрара е храна со виолетова боја како модар патлиџан и црвено грозје. Ѓумбирот и билните чаеви исто така имаат благотворно дејство за крунската чакра.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.