Џаги Васудев познат како Садгуру е индиски современ мистик и јогин и се смета за еден од 50-те највлијателни луѓе во Индија. Автор е на значајни дела, духовен учител, мотивациски говорник и филантроп. Основач е на фондацијата „Иша“ позната низ целиот свет по своите транформативни програми и социјални активности за развој на општеството. Садгуру најчесто говори на теми што се од општ интерес за секој човек, како што се здравјето, благосостојбата и подигнување на човековата свест. Вистината за него е животно искуство, а не дестинација, заклучок или прашање подложно на метафизички шпекулации. Можноста за самореализација, тој силно верува, е достапна за сите.
Детство
Поради природата на работата на својот татко кој бил офталмолог и работел во „Индиски железници“ семејство на Садгуру често се селело. Така се развила и неговата љубопитност да го истражи непознатото, која подоцна преминува во љубов кон природата, авантурите и патувањата. Како дете тој бил фасциниран од природата и честопати „прибежиште“ барал во џунглата близу својот дом, каде што минувал часови, некогаш дури и денови. Исто така, тој развил доживотна љубов кон змиите како резултат на неговите искуства во детството. Садгуру се заинтресирал за јога уште на 12 годишна возраст кога се запознал со Свами Маладихали Рагавендра кој го научил неколку јога асани, кој тој продолжил да ги практикува долги години. Кога бил студент на универзитетот во Мајсор, се заљубил во моторцикли и со својот мотор патувал низ разни делови на земјата. По дипломирање на универзитетот, станал успешен бизнисмен.
Духовно искуство
Своето прво духовно искуство го доживува на 25 годишна возраст. Возејќи се со својот мотор на ридот Чамуди, седнал на карпа и со отворени очи влегол во медитативна состојба во која повеќе не постоела разлика меѓу него и околината.
За ова искуство Садгуру вели:
„Одеднаш, она што бев јас, беше скоро насекаде. Самата карпа на која седев, воздухот што го дишев, самата атмосфера околу мене, како да се претопив во сè. Тоа звучи како крајна лудост. Ова, мислев дека траеше десет до петнаесет минути, но кога се вратив при мојата нормална свест, беа поминале четири и пол часа седејќи целосно свесен со отворени очи.“
Ова искуство го натерало да обрне подлабоко внимание на својот живот. Неколку недели по духовното искуство, решил да го остави својот бизнис. Заминал на патување за да добие поголем увид во своето мистично искуство. По околу една година интензивна медитација и патувања, Садгуру решил да го реализира неговиот вистински повик и да предава јога преку споделување на внатрешното искуство.
Во 1983 година Садгуру го одржал својот прв јога час во Мајсор со седум учесници. Со текот на времето тој почнал да држи часови и во околните градови, патувајќи секогаш на својот мотор. Одбивал да наплаќа за своите часови, а донациите ги давал на локални добротворни цели. Овие првични програми биле основата на која подоцна биле изградени програмите на Иша, која била формирана во 1992 година.
Дјаналинга
Седејќи тивко само неколку минути во сферата на Дјаналинга е доволно дури и оние што не искусиле медитација да доживеат длабока состојба на медитативност.
„Дјана“ на санскрит значи медитација, а „линга“ значи форма. Дјаналинга е медитативен простор кој не припаѓа на ниту едно верување или вера, не бара никаков ритуал, молитва или обожување. Моќна и единствена енергетска форма, претставува порта за просветлување или духовно ослободување. Во метафизичка смисла самата Дјаналигна е гуру, нудејќи им на духовните трагачи да се чувствуваат како да се во физичко присуство на гуру, нешто што традиционално било достапно за малкумина.
И покрај тоа што отсекогаш постоела во јогиските раскажувања, Дјаналинга не се споменува во древните скрипти. Таа била сон на многу просветлени битија, но комплексностите што биле потребни во нејзиното создавање не дозволувале тој сон да стане реалност. Најблискиот обид за осветување на ваква линга се случил пред околу илјада години во Бопал, Индија. Процесот пропаднал во завршните фази.
Изградбата и осветувањето на Дјаналинга била животна мисија на Садгуру која му била доверена од страна на неговиот гуру Палами Свами. Дјаналинга била осветена од Садгуру на 24-ти јуни 1999 година по три години интензивен процес на прана пратишта – чист енергетски процес, при кој енергиите на сите седум чакри се подигнуваат на врвот и се заклучуваат. На 23-ти ноември 1999 година, Дјаналинга била понудена на светот.
Физичката форма на Дјаналинга – црниот камен од гранит – е само скеле за оваа енергетска форма. Дури и да се отстрани, енергијата што постои таму не може да се уништи. Таа е вечно присутна и достапна за сите.
Влијанието на Садгуру
Садгуру го има посветено својот живот да му помогне на секој човек во пронаоѓање на својата внатрешна радост и исполнетост. Како гуру, тој нема доктрина што ја предава, нема филозофија која ја пренесува, нема верување кое го проповеда.
“Единственото решение за сите болести кои го мачат човештвото е себе-трансформација” – вели Садгуру.
Тој има уникатна способност да ја направи античката наука за јогата релеванта за современите умови, делувајќи како мост до подлабоката димензија на животот. Неговиот пристап не содржи ниту еден систем на верување, но нуди методи за себе-трансформација, кои се подеднакво докажани и практични.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.