Дали се затекнувате себеси фатени во маѓепсан круг на претерано размислување? Откријте што вели Садгуру за тоа што значи да се биде заглавен во сопствениот ум и како може некој да излезе од тој круг и да ја зголеми својата свесност.
Садгуру: Во моментот кога ќе се идентификувате со нешто различно од тоа што навистина сте, активноста на умот започнува. Не можете да го спречите тоа. Дали сте се обиделе? Се забавувате сами себеси и само поминувате низ животот. Немојте да се забавувате самите себе. Само седнете 24 часа и обидете се со сите сили да го запрете умот. Ќе видите каде ќе ве одведе тоа. За три дена ќе полудите. Ова е како да сте јаделе лоша храна и сега имате гасови. Нема да помогне ако се обидете да ги задржите. Треба само да престанете да јадете лоша храна.
Погрешно се идентификувате себеси и кога еднаш тоа погрешно идентификување ќе се случи, активноста на умот се случува без прекин. Не можете да го спречите тоа, што и да направите. Едноставно, ако е во одредена граница, мислите дека е нормално. Не е нормално. Вие сте во рамки на општествено прифатените нивоа на лудило. Кај сите луѓе се случува ова, па затоа мислите дека е во ред. Но, вие не ја познавате радоста која произлегува од тоа едноставно да седите на едно место без ниту една мисла. Ако се затворам во себе четири – пет дена, тие четири – пет дена нема да се појави ниту една мисла. Не читам ништо, не погледнувам дури ниту низ прозорецот. Едноставно седам без ниту една мисла.
Да претпоставиме дека сте почнале да гледате прекрасно изгрејсонце, вашите мисли исчезнуваат на некое време бидејќи се случува нешто многу поголемо. Или сте се вклучиле во нешто што го сметате за важно и тогаш мислите исчезнуваат на некое време. Овие би биле најубавите моменти во вашиот живот.
![Како да престанете со претераното размислување?](https://www.omnia.mk/wp-content/uploads/2021/11/benjamin-davies-JrZ1yE1PjQ0-unsplash-1024x683.jpg)
“Изворот на животот кој функционира внатре во вас е далеку поголем феномен од мисловниот процес”.
Ако стапите во контакт со нешто поголемо, помалите работи природно изчезнуват. Изворот на животот што функционира внатре во вас е многу поголем феномен од мисловниот процес. Бидејќи никогаш не сте стапиле во контакт со него, мислите стануваат многу важни. Или со други зборови, ако вашите мисли се многу важни, тоа значи дека некаде во вашата искривена перцепција, креацијата на креаторот е неважна. Вашата сопствена креација станува многу важна. Не обрнувате внимание на креаторот, ниту на неговата креација, туку сте зафатени со својата сопствена креација. Зарем ова не е најлошото светогрдие кон креаторот? Ниту за момент вашето внимание не се префрла на изворот на животот во вас. Ако сте го спознале блаженството кое се појавува кога едноставно само седите без да правите или размислувате нешто, само да осетите како е да си жив, тогаш животот ќе биде сосема поинаков.
Да се биде во допир со изворот на креацијата
Кога станува збор за надворешниот свет, различни луѓе имаат различни способности. Сепак, кога станува збор за внатрешниот свет, сите ние сме подеднакво способни. Ова не се случува вака затоа што никогаш не сте обрнувале внимание, не затоа што е тешко или недостапно или затоа што не сте квалификувани. Секој човек е подеднакво квалификуван за човековата внатрешна природа. Кога работите во надворешниот свет, без разлика дали сакате да изградите зграда или да зготвите оброк, или да направите нешто друго, секој од нас е различно способен. Сепак, кога станува збор за внатрешната реалност, сите ние сме подеднакво способни. На еден му се случува а на друг не, едноставно затоа што другиот не обрнал внимание, тоа е сé.
“Она што е внатре во вас, никој не може да го порекне освен вие самите”.
Луѓето дошле до овие заклучоци дека спиритуалниот процес е многу тежок затоа што постојано прават погрешни работи. Во надворешниот свет, сфаќате дека доколку не ја направите вистинската работа, нема да функционира правилно. Истото важи и за внатрешниот свет.
Еден ден, еден турист дојде во едно село близу Иша и праша: “Колку е далеку Иша Јога Центарот?“
Локалното селанче му кажа: “Тој е 24.996 километри далеку.
Тој рече: „Што! Толку далеку? ”
Момчето рече: „Да, по патот по кој сте тргнале. Но, ако се насочите на другата страна, тој е само четири километри“.
Гледате во една насока и се обидувате да бидете духовни – сега тоа е многу долг пат. Мора да го поминете целиот универзум и да се вратите назад. Ако само се свртите обратно, тука сте, затоа што она што го барате е во вас, а не надвор од вас. Она што е во вас, никој не може да го порекне освен вие самите. Може ли некој да ви го порекне влегувањето во вашиот сопствен внатрешeн свет? Ако тоа не се случува, мора да разберете дека не сте ја создале потребната волја за тоа да се случи. Нема друга причина.
![Како да престанете со претераното размислување?](https://www.omnia.mk/wp-content/uploads/2021/11/jared-erondu-j4PaE7E2_Ws-unsplash-1024x683.jpg)
Дали си надвор од умот?
Не пробувај да ги потиснеш мислите во овој момент. Најголема грешка е што луѓето ти зборувале “Контролирај го својот ум“. Штом се обидеш да го контролираш умот, готов си! Да речеме сега практикуваш Шамбави Махамудра*. Ако го направиш процесот, тоа ќе создаде одредено растојание помеѓу тебе и телото, и помеѓу тебе и умот. Правиш Шамбави и едноставно си седиш – твоето тело е тука, твојот ум е таму и она што го гледаш како „себе“ е некаде на друго место.
Кога еднаш ќе се случи ова разграничување, умот повеќе нема да те измачува. Ако некој ти каже: „Ти си надвор од умот“, не чувствувај се навредено. Тоа е најголемиот комплимент што можат да ти го кажат. Тие ти велат: „Ти си Буда“. Да бидеш Буда значи да бидеш надвор од умот. Луѓето подразбираат дека ако си надвор од умот си луд. Тоа не е лудило. Лудилото секогаш му се случува на умот. Ако си надвор од умот, ќе бидеш сто проценти разумен. Тоа е крај на лудилото. Сега го гледаш животот таков каков што е.
Откако ќе го видиш животот таков каков што е, а не како што твојот ум го одразува, тогаш ќе видиш дека сѐ е толку мало. Она што може да го направи твојот ум, она што може да го направи светот, е толку ситно што можеш само да си играш со него до степен до кој сакаш. Ако не сакаш, тогаш можеш само да се повлечеш. Обата избори се свесни. Нема повеќе компулсивност во тебе. Во моментот кога ќе станеш сведок на самиот извор на создавањето, целата компулсивност во тебе ја снемува, сега се е по твој избор и животот станува убав.
Животот станува убав не поради она што се случува, туку затоа што ти избираш да го направиш таков. Ништо не е убаво или грдо. Ако сам одлучиш да направиш нешто и активно се вклучиш, сé што ќе направиш ќе биде прекрасно. Ако некоја активност ти е наметната или ја правиш несвесно, ќе биде стресна. Истото се случува и со активноста на умот. Ако е свесна, умот ќе го користиш како прекрасна алатка, но бидејќи активноста на умот често не е свесна, станува стресна.
*Шамбави Махамудра Крија e древна, прочистувачка 21-минутна јога практика на неизмерна трансформативна моќ што Садгуру ја понуди на современиот свет. Шамбави го усогласува целиот ваш систем така што вашето тело, ум, емоции и енергии функционираат во хармонија, воспоставувајќи хемија на блаженство во вас и охрабрувајќи ве да го создадете вашиот живот онака како што вие сакате. Како прв чекор во иницијацијата е програмата Inner Engineering Online.
Садгуру е јогин, мистик, визионер и автор на бестселер според New York Times. Книгата бестселер “Внатрешен инженеринг” е преведена и на македонски јазик и е најкупувана книга во Македонија за месец декември и јануари. Садгуру е именуван како еден од 50те највлијателни личности во Индија. Неговата работа има допрено до животите на милиони луѓе низ светот преку неговите трансформативни програми за внатрешна благосостојба и мир. Неговиот пристап не припаѓа на ниеден систем на верување туку нуди моќни и докажани методи на себе-трансформација. Дневно го следат 8 милиони претплатници на Youtube и FB, 5 милиони на Instagram и 3 милиони на Twitter.