Close Menu
Омниа
    Facebook X (Twitter) Instagram
    среда, мај 14
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    Омниа
    • Јога
    • Здравје
    • Личен развој
    • Духовност
    • Авантури и природа
    • Глобална свесност
    • Рецепти
    • Астрологија
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    Омниа
    Home»Јога»Енергијата (свеста) на првите три чакри
    Јога

    Енергијата (свеста) на првите три чакри

    omnia.mkBy omnia.mk24/02/2022Updated:13/01/2023Нема коментари6 Mins Read
    Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email
    Енергијата (свеста) на првите три чакри
    Share
    Facebook Twitter LinkedIn Pinterest Email

    Енергијата во првите три чакри (Муладхара, Свадиштана и Манипура) поврзана е со Егото и со неговата егзистенција во материјалниот свет. Кога овие три чакри се во хармонија, стабилни сме, сигурни, знаеме да уживаме во задоволствата што животот ни ги нуди, со свесност и полна одговорност. Полни сме со самодоверба и лесно ги остваруваме поставените цели, без при тоа да влегуваме во конфликтни ситуации. Работејќи на првите три чакри се ослободуваме од негативните обрасци поврзани со нивната функција.

    Доволно е една од овие три чакри да не е во хармонија за да дојде до целосна дисхармонија во енергетското тело. Нивната отвореност и усогласеност е неопходна за свеста да се подигне до четвртата чакра (Анахата), во која се обединуваат физичкиот и духовниот аспект и каде се отвора патот кон повисоките духовни сфери. Едноставно, не можеме да се поврземе со Изворот на спознанието ако доминира нагонот. На вибрацијата на чакрите можеме да делуваме на различни начини. Една од најмоќните техники е медитацијата.

    МУЛАДХАРА (коренска чакра)

    Коренската чакра (Муладхара чакра) ги поврзува нашето тело и ум со елементот земја, а со самото тоа и со квалитетите цврстина и структура, кои му даваат поддршка на целокупното наше битие. Поврзана е со несвесниот дел од умот и со нашата анимална природа и во себе ги носи егзистенцијалните инстинкти како инстинктот за опстанок, инстинктивната потреба за храна, вода, секс, безбедност на домот и припадност во семејството. Се претставува како темноцрвен лотос со четири ливчиња.

    Самиот збор муладара е санскритски и означува корен или поддршка (mula – корен и adhara – база, основа), па затоа оваа чакра уште се нарекува и коренска чакра. Лоцирана е во основата на ’рбетот, во сакралниот плексус на дното на карлицата, помеѓу анусот и перинеумот кај мажите, односно во пределот на цервиксот кај жените. Таа е извор на севкупната енергија во човекот – сексуалната, емотивната, менталната, психичката и духовната. Отворена и  добро балансирана коренска чакра овозможува способност да се справиме со стравот и стресот.Чувствуваме спокој, стабилност, безбедност и удобно ни е во самите себе.

    Од физички аспект и начин на балансирање

    Поврзана е со надбубрежните жлезди, дебелото црево, носот и анусот, а исто така ја регулира функцијата и развојот на скелетниот систем, нозете и стапалата кои се во директен контакт со земјата. Аномалии поврзани со небалансирана коренска чакра  може да се појават на соодветните делови  во телото, а исто така може да се појават и проблеми со рамнотежата и стабилноста.

    Со оглед на тоа дека елементот со кој е поврзана коренската чакра е земјата, за балансирање на истата се препорачува да одиме боси по земја и да поминуваме повеќе време во природа.

    СВАДИШТАНА (сакрална чакра)

    Свадиштана чакра е центарот на задоволството, страста, уживањето, емоциите, желбите, сексуалноста и креативноста.  Се наоѓа во сакралниот дел на телото, веднаш над Муладхара, па во западниот свет позната е под името сакрална чакра. Клучната афирмација е Јас чувствувам. Се претставува како лотос во портокалова боја со шест ливчиња. Со Свадиштана владее подсвесниот дел од умот.

    Сакралната чакра нема да биде во хармонија со космичката вибрација доколку ги потиснуваме емоциите, се сомневаме во сопствената привлечност или чувствуваме страв да не изгубиме некое задоволство за кое сме се врзале и навиката прераснала во зависност. Кога Свадиштана не е во хармонија чувствуваме недостаток на креативна енергија и живееме здодевен живот. Чувствуваме срам и грижа на совест за некои минати дејствија и немаме доволно самодоверба. Лесно се навредуваме. Се плашиме од промени.

    Кога Свадиштана е отворена и во хармонија со космичката вибрација дава сигурност да се направат значајни промени во начинот на кој го живееме животот. Тогаш знаеме целосно да им се предадеме на задоволствата што животот ни ги нуди, со полна одговорност и свесност за сопствените постапки. Умееме слободно и без срам да ги изразуваме емоциите. Се чувствуваме динамични, стимулирани и полни со идеи.

    Од физички аспект и начин на балансирање

    На физичко ниво, Свадиштана чакра ја активира енергијата на бубрезите, мочниот меур, долниот дигестивен тракт, сексуалните / репродуктивните органи, како и лумбалниот плексус. Поврзана е со половите жлезди – гонади.

    За да биде Свадиштана во хармонија треба да се поврземе со нашата сопствена, внатрешна убавина и привлечност и да се прифатиме такви какви што сме. Свадиштана чакра го поврзува нашето тело и нашиот ум со елементот вода, па затоа за балансирање на оваа чакра се препорачуваат секакви активности поврзани со вода како  пливање, прошетки покрај вода, топла бања со етерични масла и слично. Бидејќи е центар на креативноста, исто така за нејзино балансирање се препорачува занимавање со некоја уметност – сликање, музицирање, пишување, танц.

    МАНИПУРА (соларна чакра)

    Третиот енергетски центар, чакрата Манипура е центарот каде се буди разумот и каде се развива посилно чувство за Себе. Не поврзува со елементот оган. Тука е нашата сила, но не онаа физичка сила од коренската чакра, туку умствената сила, силата на волјата и интелектот. Тука е нашето его, моќ, одлучност, самопочит, самодоверба и виталност.  Во неа е зачетокот на нашата внатрешна мудрост и претставува наш интуитивен водач па така кога оваа чакра е во хармонија секогаш носиме правилни одлуки. Знаеме точно кога треба да преземеме акција, а кога да се повлечеме. Тука се нашите принципи за кои се бориме, нашиот личен интегритет и карактерот.

    Кога Манипура е во хармонија лесно ја насочуваме сопствената волја за постигнување одредена цел, без притоа некого да повредиме или да влеземе во конфликт, но бидејќи тука е и егото, многу лесно може да излеземе од рамнотежа, да се оддалечиме од посакуваната цел и нашиот живот да стане натпревар, борба за признанија и самодокажување. Урамнотежена Манипура значи да знаеме да ги поставиме своите лични граници и да кажеме НЕ, без грижа на совест.

    Името Манипура доаѓа од санскритскиот збор “мани”, што значи „скапоцен камен“ и “пура’ што значи „град“. Се преведува како „град на скапоцени камења“, па оттаму за оваа чакра се вели дека е наш личен центар на моќ и благосостојба. Лоцирана е во пределот на соларниот плексус, над папокот, па поради тоа, оваа чакра се нарекува и соларна чакра.

    Од физички аспект и начин на балансирање

    Оваа чакра на физичко ниво поврзана е со дигестивниот систем, панкреасот, жолчниот меур  и црниот дроб, па така доколку не е во рамнотежа, резултира со заболувања на овие органи, а можна е појава и на чиреви и дијабетес.

    За балансирање на Манипура чакра се препорачува да се внесат одредени промени во секојдневната рутина и да се излезе од зоната на сигурност и удобност. Во секојдневието тоа можеме да го реализираме преку отворено изразување на своите ставови, внесување на одредени промени во начинот на облекување, како и во односот што го имаме со другите луѓе.

    Подготви: Габриела Донакова, сертифициран јога инструктор

    УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
    Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.

    енергетски систем коренска чакра манипура муладхара сакрална чакра свадиштана соларна чакра спиритуалност чакри
    Share. Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email
    Previous ArticleОдење по патот на карма јога
    Next Article Медитацијата и мозочните бранови
    omnia.mk

    Related Posts

    Пренатална јога: Подгответе го телото за бременоста

    09/09/2024

    Медитација и јога во природа: Придобивки, совети и најдобри места во Македонија

    25/05/2024

    Болка во зглобовите при јога? 11 совети за спречување на болки во зглобовите

    05/02/2024

    Comments are closed.

    Омниа.мк
    info@omnia.mk
    контакт телефон +389210180
    Copyright © 2023 Omnia.mk

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.