Пратјахара, од санскритски се преведува како (praty) „одземе“ и (ahara) „храна“. Во буквален превод значи „контрола на ахара“ или „контрола врз надворешни влијанија“. Можеби на почетокот звучи контраинтуитивно, но целта е да најдеме „храна“ од внатрешни извори, а не од надворешни.
Патјахара е портата помеѓу првите четири гранки на јогата позната како бахиранга јога, или надворешни, физички потраги. Тука спаѓаат јамите, нијамите, асаните и пранајамата. Последните три гранки, дарана, дијана и самади се познати како антаранга јога, или внатрешните потраги.
Не само што пратјахара е портата низ која надворешниот, манифестиран свет се влева во внатрешниот, неизразен свет, туку исто така е и длабока точка на поврзување без која патот до самади би бил неплоден.
„Кога умот е исклучен од петте сетилни органи, се јавува пратјахара.“
Јога сутра 2.54
Сетилните органи
Петте сетилни органи, имено очите, ушите, јазикот, кожата и носот, не можат самите да се повлечат. Целта на пратјахара е да се повлече или исклучи citta, или умот/свеста, од самите сетилни органи.
Сетилните органи дејствуваат како филтер преку кои секојдневно го доживуваме светот. Тие потоа ги одредуваат нашите постапки, допаѓања, навики итн.
Кога петте сетилни органи се исклучени од умот, тогаш свеста останува непречена за да можат да се случат следните делови на јогата.
Фокусирање кон внатре
За повеќето не е можно директно префрлување од асана во медитација. Ова бара скокање од телото во умот, заборавајќи што се наоѓа меѓу нив. За да се направи оваа транзиција, дишењето и сетилата, кои ги поврзуваат телото и умот, прво треба да бидат ставени под контрола и да се развиваат правилно. Овде влегува пранајама и пратјахара. Со пранајама ги контролираме нашите витални енергии и импулси, а со пратјахара се стекнуваме со мајсторство над „непослушните“ сетила – и двата предуслови за медитација.
Без пратјахара, не може да се пристапи кон длабоките нивоа на концентрација што ги бара дарана или длабочината на медитација за време на дијана.
Како да практикувате пратјахара?
Оваа практика најчесто се занемарува до тој степен што понекогаш се нарекува „најмалку практикуван дел од јогата“. Патјахара е моќна алатка затоа што ве придвижува во зоната на набљудување.
Пронајдете тивок простор во вашата куќа, каде можете да ги исклучите светлата и да ги спуштите завесите. Седнете удобно во седечка положба, исправете го грбот и затворете ги очите. Смирете го дишењето и пробајте да не го придвижувате телото.
Свртете го вашето внимание само кон очите. Очите и свеста/умот овозможуваат гледање. Набудувајте неколку моменти. Потоа преминете на ушите. Ушите и умот овозможуваат слушање. Набудувајте. Преминете на јазикот. Јазикот и умот создаваат вкус. Бидете присутни неколку моменти. Насочете го вниманието на кожата. Кожата и умот создаваат чувство. Набљудувајте. За крај насочете го вниманието на носот. Носот и умот создава чувство за мирис. Набудувајте го тоа неколку моменти.
Ова е процес што бара време и трпеливост. Зачекорете низ портата на пратјахара за да ја најдете вашата внатрешна врска.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.