Прана значи „животна сила“ и ја опфаќа реалноста на сите нивоа, вклучувајќи ги и неживите објекти. Терминот потекнува од санскритскиот збор „prana“ каде што „pra“ значи „движење“, а „na“ значи „постојаност“. Таа се спомнува и објаснува во многу древни текстови како што се Ведите и Упанишадите.
Поврзаноста на енергетското тело и праната
Покрај физичкото тело за кое сите знаеме и сме свесни, постои и енергетско тело кое иако не можеме да го видиме постои и ја содржи енергијата во и околу физичкото тело. Во јогата ова е познато како енергетско тело или суптилно тело.
Во нашето физичко тело, крвта тече низ вени, капилари и артерии, додека пак во нашето енергетско тело, праната тече низ енергетски патишта наречени надии.
Праната е медиум што го поврзува телото со душата. Таа е поврзувачка сила помеѓу свеста и материјата. Го активира грубото (материјално) тело преки надиите (виталните енергетски канали). Го одржува животот преку обезбедување виталност до она кое инаку би било безживотно. Воздухот што го дишеме е всушност медиум на многу посуптилната прана.
Слични концепти постојат и во различни култури, вклучувајќи ја грчката „pneuma“, кинеската „qi“, полинезиската „mana“, германската и хебрејската „ruah“. Праната исто така се нарекува и „биоплазматска енергија“ и „суптилна енергија“.
Панча прана (пет прани)
Праната во човековото тело традиционално се дели на пет основни дела, кои заедно се викаат панча прана. Тоа се: прана, апана, самана, удана и вјана.
Прана – во потесна смисла, праната му припаѓа на делот од телото помеѓу дишникот и дијафрагмата. Поврзана е со респираторните органи, органите за говор и гркланот, заедно со мускулите и нервите кои ги активираат. Тоа е силата со која здивот се вовлекува.
Апана – сместена е под нивото на папокот и обезбедува енергија за дебелото црево, бубрезите, анусот и гениталиите. Нејзината функција е исфрлање на праната преку носот, устата и ректумот.
Самана – се наоѓа во пределот помеѓу срцето и папокот. Таа го активира и контролира системот за варење: црниот дроб, тенкото црево, панкреасот, желудникот и сè што лачат тие. Самана исто така го активира срцето и крвотокот. Одговорна е за правилна асимилација на хранливите материи.
Удана – ги контролира деловите на телото над дишникот. Според тоа, очите, носот, ушите и сите сензорни рецептори се активираат со оваа прана. Без неа не би можеле да мислиме, ниту да бидеме свесни за надворешниот свет.
Вјана – е витална енергија коај го пронижува целото тело. Ги регулира и контролира сите движења на телото и ги доведува во рамнотежа другите животни енергии. Ги хармонизира и активира екстремитетите и сите нивни мускули, лигаменти, нерви и зглобови. Таа исто така е одговорна и за исправената положба на телото.
Праната и чакрите
Важен аспект на праничното тело се чакрите или енергетските центри. Во јога, фокусот е насочен на седум главни чакри кои постојат по линија на ’рбетот, секоја од нив поврзана со специфични жлезди и органи на физичкото тело, како и области од нашиот ум кои влијаат на нашата личност.
Многумина веруваат дека имаме здравје и благосостојба кога има балансиран проток на енергија низ секоја од седумте чакри.
Наспроти тоа, кога праната е спречена да тече природно, поради блокада или хиперактивност во одреден момент, може да создаде дисбаланс и на физичко и на емоционално ниво.
Прана и пранајама
Човечкиот живот многу зависи од начинот на дишење. Древните јогини животот го мереле со бројот на дишења, а не со години. Ако секое вдишување и издишување се направи подолго, тогаш и животот подолго ќе трае. Длабокото вдишување обезбедува повеќе животна енерија или прана при секое вдишување.
Дишењето се менува според околностите. Кога некој се лути или е емоционално вознемирен, брзината и силата на дишењето се зголемува, а кога е задоволен неговото дишење е бавно и мирно.
Пранајама се техники за дишење кои ги расчистуваат физичките и емоционалните пречки во нашето тело, каде што преку контрола на дишењето, односно на здивот се „ослободува“ или тече праната низ телото.
Пранајамата обезбедува проток на праната низ пранамаја коша (виталното тело) да е слободен и непрекинат. Ова го одржува телото здраво. Исто така, духовниот практикант се здобива со смиреност на умот. За време на некои техники, дишењето е прогресивно забавено, а силата на издишаниот воздух е намалена. Кај некои техники се употребува кумбака (задржување на здивот), прекинување на процесот на дишење за кратко време. Ова доведува до контрола на праната во виталното тело кое го смирува умот и го ограничува процесот на дишење.
„Пранајама е средство со кое јогинот се обидува да го реализира целиот вселенски живот во неговото тело и обид да се достигне совршенство со стекнување на сите сили на универзумот.“
Свами Шивананда
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.