Нади шодан, исто така позната како алтернативно дишење е моќна техника со многу придобивки. Нади е санскритски збор што значи „канал“ или „проток“, а шодан значи „прочистување“. Затоа, нади шодан првенствено е насочена кон расчистување и прочистување на суптилните канали на организмот и умот, а истовремено балансирајќи ги нејзините машки и женски аспекти.
Придобивки:
- го полни телото со кислород;
- отстранува и ослободува токсини;
- го намалува стресот и вознемиреноста;
- го смирува и подмладува нервниот систем;
- помага во балансирање на хормоните;
- помага за олеснување на симптомите од респираторни алергии;
- ги балансира сончевата и месечевата енергија, односно машката и женската енергија;
- ја поттикнува менталната јасност и концентрација;
- одржува баланс помеѓу левата и десната хемисфера на мозокот;
Начин на изведба:
Нади шодан (како и повеќето пранајама техники) најдобро се практикува на празен стомак. Рано наутро е идеално време за изедба на оваа техника. Изберете удобна седечка положба – некоја од положбите за медитација (доколку е потребно ставете перниче или ќебе под задникот) или седнете на столче со исправен грб, стапалата да го допираат подот. Грбот, вратот и главата треба да бидат во иста линија. Нежно затворете ги очите.
Започнете со неколку длабоки вдишување и издишување (но, без напрегање), со цел да помогнете да се разбуди пранамаја коша (енергетското тело) и да се исчистат сите пречки кои инаку би ја спречиле практиката на пранајама. Кога ќе го почувствувате дишењето природно и смирено, може да започнете со практикување на нади шодан.
Донесете ја десната рака пред лицето. Показалецот и средниот прст се споени и ги поставуваме во просторот меѓу веѓите. Палецот ќе го користиме за затворање на десната ноздра, а домалиот прст за затворање на левата ноздра.
Со палецот затворете ја десната ноздра и вдишете низ левата, потоа со домалиот прст затворете ја левата ноздра, ослободете го палецот, отворете ја десната ноздра и издишете низ нејзе. Сега вдишете низ десната ноздра, затворете ја со палецот, а издишете низ левата.
Ова претставува еден круг (циклус) на нади шодан. Истата шема продолжува и за секој нареден круг. Вдишуваме преку левата ноздра, издишуваме преку десната, вдишуваме преку десната, издишуваме преку левата. Повторете ја оваа наизменична шема уште неколку пати, фокусирајќи се на дишењето и на воздухот како влегува и излегува низ ноздрите. Важно е дишењето да биде бавно, нежно и опуштено во текот на изведба на техниката.
Кога ќе бидете подготвени да привршите со техниката, завршете го последниот круг секогаш со издишување низ левата ноздра. Опуштете ја десната рака со која сте ја работеле техниката и поставете ја удобно во скутот, додека го стабилизирате дишењето и повторно го почувствувате природниот тек.
Забележете ја состојбата на вашиот ум. Како се чувствувате? Какви сензации се присутни во вашето тело ? Само набљудувајте ги ефектите од нади шодан неколку моменти. Потоа, нежно отворете ги очите. Кога ќе се почувствувате подготвени полека станете и обидете се оваа смиреност што ја почувствувавте за време на изведба на техниката да ја задржите низ целиот ден.
Постојат многу варијации на нади шодан пранајама. Некои понапредни техники вклучуваат и задржување на здивот (внатрешно и надворешно) и специфични временски периоди за вдишување и издишување. Горенаведените упатства имаат за цел да обезбедат соодветен вовед во нади шодан. Се разбира, секогаш е најдобро да се научи нова техника, лично од сертифициран јога инструктор.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.