Уџаи е пранајама техника за дишење која за разлика од другите пранајама техники кои се изведуваат самостојно, најчесто се изведува при практикување на асаните, во Аштанга јога. Учењето на нови техники за смирување и енергизирање на телото преку дишењето во голема мера користи позитивно во секојдневниот живот.
Името доаѓа од санскритскиот збор „ujjayi“ што значи „да се победи“. Затоа, доста често се нарекува и „победоносен здив“. Поради звукот што се испушта кога правилно се изведува техниката, уште може да се нарече и „океански здив“.
Уџаи е една од техниките која помага да се смири умот и да се загрее телото. При изведба на оваа пранајама техника се исполнуваат белите дробови, грлото малку се контрахира, а се диши низ нос.
Придобивки од уџаи
Одржување на стабилно и ритмичко дишење е најважниот дел од јога праксата. Со контрола на дишењето, се смирува умот и се насочува свесноста на сегашниот момент. Ова свесност е срцето на јогата. Се верува дека со практикување на свесност во техниките за контрола на дишењето, можат да настанат многу позитивни промени во физичката, менталната, емоционалната и духовната состојба.
За разлика од другите пранајама техники кои се изведуваат од седечка или лежечка положба, уџаи најчесто се изведува паралелно со изведбата на асаните. Секако, уџаи може да се практикува и од седечка положба како самостојна пранајама техника. Стабилноста, звукот и длабочината на уџаи дишењето помагаат да се поврзе телото, умот и духот со сегашниот момент. Ова обединување придонесува за длабочина на праксата.
Редовното практикување уџаи за време на асана праксата може да ви помогне да се ослободите од потиснатите емоции. Внесот на дополнителниот кислород и длабоките издишувања ја зајакнуваат вашата физичка пракса. Уџаи е особено корисна за смирување на умот. Познато е дека е корисна техника за оние кои страдаат од стрес, несоница и ментална напнатост. Оваа техника го забавува работењето на срцето и затоа е корисна за луѓето со висок крвен притисок.
Контраиндикации
Кога практикувате уџаи, внимавајте да не го стегате грлото. Престанете со техниката, доколку почувствувате главоболка или вртоглавица. Секогаш работете ги техниките во рамки на вашите способности.
Начин на изведба
Седнете во било која удобна положба. Контрахирајте го отворот на гласните жици во грлото. Дишете длабоко и меко низ нос, како при благо ’рчење на заспиено бебе. Чувствувајте дека дишете само низ дишникот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.