Научниците го откриле првиот доказ дека честичките од загадениот воздух патуваат низ белите дробови на бремените жени и навлегуваат во плацентата.
За токсичниот воздух веќе се знае дека влијае негативно врз здравјето и развојот на фетусите, но начинот на кој се предизвикува штетата не е сè уште познат. Новото истражување кое вклучувало мајки кои живеат во Лондон, Велика Британија, открило ситни честички во плацентата на секое бебе, па според тоа истражувачите сметале дека можна опција е честичките да навлезат и во самите фетуси.
Серија претходни истражувања покажале дека загадувањето на воздухот значително го зголемува ризикот од предвремено раѓање и мала тежина кај новороденчињата, што доведува до доживотни негативни последици врз здравјето.
Научниците со сè повеќе истражувања потврдиле дека загадувањето на воздухот резултира со здравствени проблеми кои не ги опфаќаат само белите дробови. Едно истражување открило дека загадувањето на воздухот предизвикува огромно намалување на интелигенцијата, додека друго истражување пронашло токсични наночестички од загадениот воздух во човековите мозоци.
Новото истражување ги испитувало плацентите на пет мајки кои биле непушачи и родиле здрави бебиња. Истражувачите изолирале макрофажни клетки кои биле дел од имунолошкиот систем на телото кои ги „заробувале“ штетните честички како бактерии и честичките од загадениот воздух.
Истражувачите со помош на оптички микроскоп откриле дури 72 темни честички од 3500 клетки, а потоа користеле моќен електронски микроскоп, за да го испитаат обликот на некои од честичките. Тие изгледале многу слично на темните честички пронајдени во макрофагите во белите дробови.
Истражувачите сè уште не се сигурни дали честичките кои ги имаат пронајдено може да навлезат во фетусот, но доказите сугерирале дека тоа е навистина можно. Исто така истражувачите утврдиле дека честичките не морале да влезат во телото на бебето за да имаат негативен ефект, бидејќи ако имале влијание врз плацентата, ќе имале директно влијание и врз фетусот. Ова истражување укажува на можен механизам за тоа како бебињата се засегнати од загадувањето на воздухот, додека теоретски се заштитени во матката.
Спроведеното истражување треба да ја подигне свеста кај јавноста и лекарите во врска со штетните ефекти од загадувањето на воздухот кај бремените жени. Потребна е построга политика за почист воздух, за намалување на влијанијата на загадувањето врз здравјето, бидејќи веќе се гледаат здравствени проблеми кај младите луѓе.
Загадувачите не само што им наштетуваат на белите дробови на бебињата, туку тие може и трајно да го оштетат нивниот мозок во развојот – а со тоа и нивната иднина.