Според легендите, тајната на изворот на младоста се наоѓа во древните будистички ритуали, практикувани во изолирани и тешко достапни хималајски храмови, пред повеќе од 2500 години, а истите за прв пат се објавени од страна на Питер Келдер во делото „Окото на откровението”, во 1939 година. Питер Келдер раскажува за извесен британски полковник Бредфорд, кој по откривањето и практикувањето на ритуалите претрпел фасцинантна трансформација и изгледал 20 години помлад. Овие ритуали денес се познати како Петте тибетанци или “Фонтана на младоста”. Низата од динамични положби, со правилно практикување, добиваат форма на медитативен танц. Со оглед на тоа што ритуалните движења и позиции имаат многу сличности со традиционалната јога, оваа практика денес ја сретнуваме и под името тибетска јога.
Врските со традиционалната јога
Поврзаноста на ритуалите со традиционалната јога ја наоѓаме во сличноста на положбите, во начинот на нивното практикување, усогласеноста на дишењето со движењето, како и во сосредоточеноста во изведувањето на самите движења. Ваквата симултаност резултира со балансирање на чакрите (енергетски центри), со што се поттикнува и правилно насочува протокот на праната (животната енергија). Местоположбата на чакрите во телото се совпаѓа со местоположбата на жлездите од ендокриниот систем. Хормоните што ги произведуваат овие жлезди ги регулираат сите телесни функции, а истовремено се одговорни и за процесот на стареење. Со практикувањето на Петте ритуали се балансираат чакрите, а со самото тоа се воспоставува хормонален баланс. Доколку една од чакрите е блокирана тогаш виталната животна енергија нема да може да циркулира и доаѓа до одредено заболување. Со самиот дисбаланс на чакрите, човечкиот организам старее.
Основни насоки за практикување на Петте Тибетанци
Денес, голем број јогини овие ритуални движења ги воведуваат во својата редовна пракса. Со оглед на тоа што ритуалните движења во основа се едноствни и интересни вежби може да ги практикува секој, независно од возраста.
Ритуал 1
Застанете исправено, со рацете подигнати во линија на рамената. Дланките се свртени надолу. Започнете да се вртите во правец од лево кон десно и потрудете се да го задржите здивот стабилен. Брзината на вртењето не е важна. Доколку почувствувате вртоглавица, запрете го движењето, донесете ги дланките пред лицето и гледајте во палците. Дишете длабоко.
Ритуал 2
Легнете на грб со исправени раце и нозе. Рацете се покрај телото со дланките свртени надолу. Со вдишувaње, подигнете ги истовремено главата и нозете, со тенденција брадата да ја допре градната коска. Со издишување опуштете ја позицијата. Внимавајте на синхронизираноста на дишењето и движењето. Со вториот ритуал се стимулира тироидната жлезда, односно грлената чакра (vishuddhi). Доколку ваквиот начин претставува напрегање,поставете ги рацете под задникот или свиткајте ги колената.
Ритуал 3
Застанете на подколениците, со исправен грб и поставете ги рацете на бутините. Наведнeте ја главата напред, брадата да допре до градната коска. Потоа бавно движете ја главата назад, со истовремено извиткување на ‘рбетот. Вдишувате кога се движите назад, а издишувате кога се враќате во исправена положба. Абдоменот треба да биде вовлечен со што се заштитува долниот дел од грбот. Може да се стави подлога под колената.
Ритуал 4
Седнете со нозете исправени. Рацете се покрај телото. Брадата e наведната кон градната коска. Стапалата треба да се одделени околу 40 см. Притиснете со рацете на подот и со вдишување подигнете ги колковите да дојдете во позиција на “маса”. Торзото треба да биде хоризонтално во однос на подот. Затегнете ги сите мускули и со издишување вратете се во почетна позиција.
Ритуал 5
Легнете на стомак со дланките поставени под рамениците и со вдишување подигнете го горниот дел од телото. Потоа, со издишување подигнете ги колковите и дојдете во позиција на “планина”. Главата оди кон градниот кош, а погледот е во папокот. Со вдишување, вратете се во претходната положба. Додека ја работите оваа вежба, абдоменот треба да биде вовлечен. Доколку во позицијата “планина” имате потешкотии, свткајте ги малку нозете во колената.
Помеѓу секој ритуал направете кратка пауза, застанете исправено, со рацете на колковите и дишете длабоко. По завршувањето на циклусот, легнете на грб, со нозете и рацете благо раширени (во традиционалната јога оваа положба се нарекува shavasana), за да ја почувствувате новосоздадената енергија. Почекајте барем половина час пред да се истуширате. Туширањето треба да биде со млака вода.
Редоследот на вежбите е строго определен и не смее да се менува. Почетниците најдобро е да започнат со три повторувања на секој ритуал и секоја недела да го зголемуваат со уште два, се додека не стигнат до дваесет и едно повторување. Важно е бројот на повторувања да е непарен.
недела | 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 |
серија | 3 | 5 | 7 | 9 | 11 | 13 | 15 | 17 | 19 | 21 |
При вежбањето не треба да се чувствува напрегнатост ниту замор. Најдобро е вежбите да се работат на празен стомак или најмалку два часа после последниот оброк. Дишењето е бавно, длабоко и координирано со движењето. Исто така, многу е важно да биде запазен континуитетот. Вежбите се работат секој ден, наутро или навечер или наутро и навечер. Доколку се пропушти еден ден, се почнува од почеток.
Шестиот ритуал
Покрај наведените пет ритуали постои уште еден, шести ритуал, кој многу мал број луѓе се подготвени да го практикуваат. Имено, станува збор за ритуал со кој се пренасочува односно трансформира сексуалната енергија. Практикувањето на шестиот ритуал подразбира целибат и се практикува само кога ќе се почувствува вишок на сексуална енергија. Во секој случај, шестиот ритуал не е задолжителен, а за негово практикување задолжително треба да бидат совршено совладани претходните пет.
Застанете исправено и со издишување испразнете ги целосно белите дробови . Наведнете се, ставете ги рацете на колена и доиздишете. Потоа вратете се во исправен став, ставете ги рацете на колковите. Вовлечете го стомакот колку што е можно повеќе, а во исто време подигнете ги градите. Задржете се во оваа позиција без воздух колку што е можно повеќе. Кога веќе не можете да останете без воздух, вдишете низ нос, а издишете од уста. Како што издишувате, опуштете ги рацете природно покрај телото. Потоа неколку пати вдишете длабоко преку уста или нос.
Придобивки од практикување на петте тибетанци
Главната придобивка од практикувањето на Петте Тибетанци е успорувањето на процесот на стареење. Покрај тоа, со редовно вежбање се зголемува енергијата, се намалува стресот и сè поприсутно е чувството на смиреност и јасноста на мислите. Од физички аспект, се зголемува флексибилноста на телото и се подобрува неговото држење.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.