Вају е санскритски збор чиј буквален превод е ветер. Во јогата под вају се подразбира струењето на виталната енергија, на санскрит позната како прана, без која животот не би бил возможен. Култивирањето свест за еден или повеќе вајуси ни помага во продлабочувањето на нашата свест за телото и здивот, а со тоа доаѓа и до подобрување на нашата јога практика.
Античките јогини откриле дека праната, во зависност од нејзиното струење и од нејзините квалитети, може дополнително да се подели на повеќе сегменти, од кои главни се пет. Секој вају има специфични квалитети, функции и насоки на проток.
Начини на кои можеме да влијаеме на вајусите
Вајусите имаат многу суптилни, но сепак изразени енергетски квалитети кои влијаат на нашата физичка, емоционална и ментална состојба. Тие се создаваат во текот на процесот на дишење, па така со асаните (положби на телото) и со пранајамите (техники за контрола и регулирање на здивот) вршиме директно влијание на овие витални сили во телото.
Покрај со асаните и пранајамата, вајусите може да се контролираат и култивираат со фокусирана свесност на истите. Преку оваа свесна контрола и култивирање на вајусите, се создаваат услови не само за оптимално здравје и благосостојба, туку и за активирање на исконската енергија – Кундалини и искусување состојба на просветленост, во јогата позната како Самади.
Вају – чакра – елемент
Секој вају поврзан е со одрена чакра, со соодветниот елемент и со одредена област во телото кој е под влијание на конкретниот вају и конкретната чакра. Ако одреден вају не е во рамнотежа, тоа може да создаде дисхармонија низ целиот енергетски систем на телото или може негативно да влијае на соодветната чакра и на органите поврзани со неговата локација.
Прана вају
Прана вају е основната енергија. Сместена е во градниот кош, во пределот на срцето, поточно помеѓу душникот и дијафрагмата. Поврзана е со срцевата чакра – Анахата и со елементот воздух. Управува со приемот на сите нешта, воздух, храна, сетилни стимулации и мисли. Тоа е силата со која здивот се вовлекува.
Поврзана е со респираторните органи, органите за говор и гркланот, заедно со мускулите и нервите кои ги активираат. Кога е слаб, умот не може да се фокусира. Недостаток на здив, вознемиреност, ниска енергија или слаб имунолошки систем може да бидат поврзани со неурамнотежена прана-вају.
За култивирање на прана-вају, се препорачува бастрика, нади шодхана и уџаи пранајама. Од асаните, сите оние кои го отвораат срцето, односно кои ја стимулираат срцевата чакра Анахата како што се данурасана (лак), уштрасана (камила), буџангасана (кобра), натараџасана (танчер) и чакрасана (мост). Исто така поттикнувањето се прави и со асани во кои рацете се подигнати над глава, како вирабадрасана (воин 1), тадасана (рајско истегнување) и сл.
Апана вају
Апана вају се преведува како „воздух што се оддалечува“. Сместена е во карличните и долните абдоменални области. Обезбедува енергија за дебелото црево, бубрезите, анусот и гениталиите. Нејзината функција е исфрлање на праната преку носот, устата и ректумот. Поврзана е со елементот земја и со енергијата на Муладхара (коренска) чакра.
Апана-вају одговорна е за варењето, елиминацијата и репродукцијата. Управува со елиминација на физичкиот отпад и токсините од телото. Она што го издишуваме низ ноздрите е познато како апана. Во некои описи, воздухот што патува надолу во телото и излегува низ анусот се нарекува апана.
Знаци на нездрава или неурамнотежена апана вају може да варираат од мрзеливост и тапост до конфузија и неодлучност како и чувство на несигурност и слабост во нозете. Болестите поврзани со исфрлање отпадни материи од цревата, бубрезите или уринарниот тракт исто така може да бидат поврзани со нарушена апана-прана.
Асани кои го стимулираат и зајакнуваат протокот на апана вају се: Прасарита падотанасана (стоечка положба со раширени нозе со извиткување кон напред), врксасана (дрво), бада конасана (поза на врзан агол) и шалабахасана (скакулец). Кога свесноста е на апана-вају во која било јога положба, не поврзува со земјата и го стабилизира долниот дел од телото. Од пранајамите се препорачува капалабхати пранајама, а од другите јога техники: наули, агни сара крија, ашвини мудра и мула бандха.
Самана-вају
Самана е санскритски поим што значи „смирување“, „ублажување“ или „олеснување”. Самана-вају се преведува како „балансирачки воздух“ и неговиот проток се движи од периферијата кон центарот на телото. Одговорна е за правилната асимилација на хранливите материи. Поврзана е со Манипура чакра и со елементот оган. Се наоѓа во пределот на папокот.
Самана се шири кога прана-вају и апана-вају се обединуваат во центарот на папокот, будејќи ја сушумна нади, централниот енергетски канал лоциран по должината на ‘рбетот
Кога не е во рамнотежа, тоа може да се манифестира со правење погрешни проценки, немање самодоверба и недостаток од мотивација и желба. Проблеми со варењето на храната исто така може да бидат поврзани со нарушена самана-вају. Поврзана е со системот за варење, со црниот дроб, тенкото црево, панкреасот и желудникот. Исто така го активира срцето и крвотокот.
За балансирана самана-вају покрај капалабхати пранајама со удијана банда, од асаните се препорачуваат: париврта парсваконасана (револуцијална странична аголна поза), уткатасана (положба на стол), навасана (брод), џатара паривартанасана. Свесната концентрација на самана-вају во која било јога положба го отвора и го релаксира телото.
Вјана-вају
Санскритскиот збор вјана значи „воздух што се движи кон надвор“. Вјана-вају го проткајува целото тело. Поврзана е со елементот вода и со чакрата Свадиштана. Управува со циркулацијата на сите супстанции низ целото тело.
Вјана-вају претставува сврзувачка енергија, која ја поддржува функцијата на другите четири вајуси. Ги регулира и контролира сите движења на телото и ги доведува во рамнотежа другите витални енергии. Ги хармонизира и активира екстремитетите и сите нивни мускули, лигаменти, нерви и зглобови. Таа исто така е одговорна и за исправената положба на телото. Кога не е во рамнотежа, може да се чувствува физичка или психичка нерамнотежа.
За балансирана вјана-вају се препорачува кумбхака (задржување на здивот). Од асаните се препорачуваат динамични винјаса секвенци како што е “Поздравите на сонцето“. Свесно фокусирање на вјана-вају во која било јога положба ја подобрува циркулацијата на течностите во телото.
Удана-вају
Удана се преведува како „воздух што се искачува”. Започнува во грлото и оди нагоре во главата. Игра важна улога во говорот и во пеењето молитви и мантри. Поврзана е со Вишуди и со Агја чакра и со елементот етер (или простор). Го регулира говорот, растот и самоизразувањето, како и метаболизмот, преку тироидната и паратироиднита жлезда. Исто така влијае и на нервниот и ендокриниот систем.
Удана-вају ја насочува енергијата од долните кон горните чакри, а исто така служи и како канал од пониските кон горните нивоа на свест.
За балансирана удана-вају се препорачува уџаји и брамари пранајама како и џаландара банда. Покрај пранајамите и медитативните техники, од асаните се препорачуваат обратните положби како што се сарвангасана (свеќа), халасана (плуг) и ширшасана (стој на глава) Насочувањето на свесноста кон удана-вају во која било асана го засилува фокусот на издолжениот ‘рбет и правилното држење на телото.
Кога е во рамнотежа, јогинот е артикулиран, фокусиран, интуитивен и самоуверен. Слаба или дисфункционална удана-вају може да се манифестира со тешкотии во говорот, во изразувањето, отежнато дишење, болести на грлото, некоординирано движење или губење на рамнотежа.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.