Најомилената и најшироко распространетата мантра меѓу следбениците на Буда е мантрата ОМ МАНИ ПАДМЕ ХУМ (санскритски изговор), која најчесто се преведува како Скапоцен камен во лотосот. Во зависност од географската местоположба, изговорот е различен. Оваа мантра може да ја практикува секој кој оди по патот на љубовта и сочувството. Вибрацијата што се чувствува при пеењето најинтензивна е во пределот на срцевата чакра – Анахата, преку која се поврзуваме со нашата вродена љубовна и сочувствителна природа. Се верува дека во рамките на оваа моќна мантра е сублимирано целокупното учење на Буда.
Како и секоја друга мантра, практикувањето може да биде изведено со пеење, рецитирање или повторување во себе. Користењето на мала (јапа) со оваа мантра е корисно исто како и самото пеење на мантрата. Според Далај Лама, практикувањето на Ом Мани Падме Хум има моќ да го „трансформира нашето непрочистено тело, говор и ум во чисто тело, говор и ум, односно да се достигне состојбата на Буда“. Репетитивноста помага во повикувањето на благородните особини на Бодисатва Авалокитешвара (во Тибет познат како Ченрезик), претставникот на сочувството и заштитникот од опасностите.
За значењето на мантрата
Точното значење на мантрата не може лесно да се пренесе во неколку реченици. Станува збор за мантра сочинета од шест слога, од кој секој слог има свое значење. При пеење на ОМ МАНИ ПАДМЕ ХУМ, покрај фокусот на изговорот и на вибрацијата, треба да бидеме фокусирани и потполно свесни, односно да медитираме на значењето на секој слог, како и на значењето на зборовите во целост.
Подолу е основното разбирање на мантрата за кое се согласува мнозинството будистички практиканти.
ОМ (ослободување од егото)
ОМ е првобитниот, космички звук со кој ја повикуваме духовната моќ и присуството на апсолутот. Се верува дека тоа е звукот на универзалното творештво и дека од него потекнува целото создание. Универзумот беше создаден од Ом и во него има сè што е, било и секогаш ќе биде. Трите букви – A, У и M го симболизираат истовремено непрочистеното тело, ум и говор на оние кои ја пеат мантрата, како и возвишеното тело на Буда, неговиот ум и говор. Трите букви исто така ги симболираат и трите состојби на свеста: А – будност, У – сон, М – длабок сон.
Будистите веруваат дека звучните вибрации на ОМ придонесуваат за ослободување од егото и гордоста и помагаат во негувањето на квалитетите љубезност и великодушност.
МАНИ (ослободување од љубомората, желбите и страста)
Зборот Мани во целост се преведува како скапоцен камен или монистра и ја претставува намерата на практикантот да постигне супериорни нивоа на сочувство и просветлување.
Слогот Ма помага во ослободувањето од љубоморни пориви и приврзаност кон минливи задоволства, истовремено интензивирајќи го етичкото однесување. Слогот Ни не ослободува од нашата приврзаност кон желбата и страста, а истовремено ја засилува нашата трпеливост, како кон себе, така и кон другите.
ПАДМЕ (ослободување од незнаење и посесивност)
Падме се однесува на светиот цвет – лотос. Ја симболизира мудроста, која води до реализација на внатрешното јас со помош на истрајноста, фокусот и совршенството.
Слогот Пад ја ослободува нашата приврзаност од многуте предрасуди и сугестивни поими, односно не ослободува од незнаењето, истовремено култивирајќи ја нашата истрајност. Слогот Ме помага да се ослободиме од посесивноста, истовремено подобрувајќи ја нашата способност за концентрација.
ХУМ (ослободување од омраза)
Хум значи „дух на просветлување“ и помага во усовршување на мудроста.
Со слогот Хум работиме на ослободување од чувствата на агресија и омраза, истовремено култивирајќи ја нашата вродена внатрешна мудрост. Хум исто така го претставува она што не може да биде нарушено од ништо. Непоколебливост и неподвижност.
Многу често, во Северна Индија, Непал и Тибет ОМ МАНИ ПАДМЕ ХУМ ја наоѓаме врежана на карпи, познати како мани камења, или пак пишувана е на хартија која потоа се вметнува во молитвени тркала. Молитвените тркала, наречени Мани се со разни големини и се користат за медитација на Ом Мани Падме Хум. Будистичките практиканти ги вртат овие големи молитвени тркала или мали рачни тркала додека медитираат или пеат мантра, истовремено здобивајќи се со многу благослови. Во последно време, сè повеќе интерес има и за прстените со врежаната мантра, бидејќи се вели дека дури и едноставниот чин на гледање врз мантрата ќе ги донесе истите ефекти.
Рецитирајќи ја оваа мантра одново и одново, со правилна намера, се ослободуваме од нечистотијата и необлагородените чувства сè додека не станеме чисти, сочувствителни и мудри како самиот лотос. Според Далај Лама, мораме да практикуваме со соодветна намера , бидејќи намерата е сè.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.