Обуката за јога учители претставува посебно и емотивно искуство. Самата јога пракса не менува, што може лесно да се воочи по неколку месечна или неколку неделна редовна пракса. Јогата ни дава увид на нашите модели на однесување и ги изнесува на површина сите наши емоции, па со интензивирање на самата пракса, произлегува огромен потенцијал за прераснување во нова личност. Искуството, секако е индивидуално и различно за секој од нас, а исто така многу зависи и од обуката која ќе се одбере и од учителите кои ја водат.
Добрата програма за обука на јога учители мора да биде забавно и фантастично искуство, каде ќе стекнете доживотни пријатели. Не занемарувајте го делот со напорната „работа“, но изберете обука на која ќе се чувствувате добро, слободно и на која ќе имате целосна поддршка од колегите и учителите.
Кои 7 работи треба да ги добиете од јога обука за учители?
1. Кога барате обука за јога учители, барате учители кои не само што се искусни, квалификувани и имаат добри референци, туку и обука која резонира со вас. Секое училиште си има своја посебна атмосфера и важно е при изборот да имате учител кој ќе ве инспирира за да може да го пренесете знаењето и на вашите идни ученици.
2. Постојат многу различни програми и важно е да ја пронајдете онаа што е прилагодена на вашите потреби и распоред. Обуката за учители е искуство кое ќе ви го промени животот, но исто така и голема обврска, па затоа е важно да изберете програмата чија структура одговара на вашиот животен стил, за да може да останете фокусирани и да останете вклучени во процесот.
3. Учењето за јогата е толку обемно што не може да се „научи“ за цел еден живот, а сигурно не на обуки кои траат 200, 300 или 500 часа. Побарајте обука која е добра балансирана и каде нема да учите само за асаните, или само за еден вид на јога, туку ќе биде вклучено и учење за јога филозофија, јога сутрите, анатомија, психологија, медитација, мантри, чакри и древните текстови за јогата. По завршување на обуката треба да имате добра основа и повеќе знаење за различни делови од јога праксата и филозофијата, па така многу посамоуверено ќе го пренесете знаењето.
4. Јогата како заедница е еден прекрасен дел од обуката за учители. Луѓето со кои ќе бидете на обуката честопати стануваат ваши доживотни пријатели, понекогаш и партнери. Затоа побарајте училишта каде има силна заедница и взаемна поддршка, каде учителите и менторите се достапни за учениците. Важно е да имате учител со кого може да комуницирате за вашите проблеми, учители кои ќе ве поддржуваат и охрабруваат, кои ќе ве советуваат и ќе бидат дел од вашето патување. По завршување на обуката важно е да останете поврзани со учителите и соучениците за да може да споделувате нови информации и знаења.
5. Обуката е само почетокот на вашиот пат. Запомнете дека секогаш сте ученик! Изберете училиште што често организира работилници, предавања на различни јога теми, училиште со многу учители и различни стилови на јога, за да можете да продолжите со обуките. Бидејќи и еден час јога кој не сте го пробале, може да ве научи многу, а сигурно ќе научите многу и од секој нов учител.
6. Истражете ги материјалите што ќе ги добиете за време на обуката и истражете колку е сложена програмата. Подгответе се психички и физички пред почетокот на обуката.
7. Добрата обука за јога учители се темели на традиционалните учења, но исто така е во постојан процес на надградување. Науката за јогата, анатомијата, психологијата, постојано се ажурираат со нови знаења, па затоа изберете учител кој постојано се надградува и добива нови информации. Изберете учител кој е автентичен, има добро развиена пракса, но постојано учи и пренесува нови информации на своите студенти.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.