Нијама е санскритски термин кој во буквален превод значи позитивна должност или почитувања. Во индиските традиции, особено јогата, нијамите се препорачани активности и навики за здраво живеење и духовно просветлување. Тие се однесуваат на должностите насочени кон самите себе – внатрешни набљудувања.
Петте нијами се опфатени во различни древни текстови. Тие ја претставуваат втората гранка, од осумчлената јога на Патанџали и се доблесни навики, однесувања и почитувања. Овие доблести и етички принципи се неопходни за поединецот да достигне само-реализирана, просветлена, ослободена состојба на постоење (moksha).
Според „Јога Сутрите“ на Патанџали, постојат пет нијами.”
Shauca – чистота
Сауча, првата од серијата нијами, не се однесува само на надворешната чистота, туку уште поважно, внатрешната чистота. Нашата облека, нашето тело како и нашите мисли и чувства треба да бидат чисти. Истото се однесува и за луѓето со кои што се дружиме. За нашиот спиритуален развој од големо значење е да имаме друштво од луѓе кои имаат добро влијание врз нас, кои се спиритуални и нè поддржуваат со нивната мудрост. Практикување на сауча ни дава можност и да ги препознаеме навиките кои ги имаме во животот и да се ослободиме од оние кои повеќе не ни служат.
Сауча се смета за неопходна за здравјето, среќата и општото добро на практикантот. Надворешната чистота се достигнува преку одржување на секојдвневна хигиена, додека внатрешната чистота се одржува преку практикување асани и техники за дишење (пранајами).
Овој принцип вклучува и чистота на говорот и умот. Гневот, омразата, предрасудите, алчноста, гордоста, стравот и негативните мисли се извор на нечистотија на умот. Нечистотиите на интелектот се чистат преку процесот на само-анализа. Умот се прочистува преку свесност и медитација врз сопствените намери, чувства, дејства и причини.
Santoshа – задоволство
Задоволството е едно од најголемите богатства што можеме да го поседуваме. Како што кажал индискиот поет Тулсидас: „Можеме да поседуваме рудници со злато и скапоцени камења, но внатрешното незадоволство го уништува целото богатство. Можеме да бидеме задоволни само тогаш кога ќе сфатиме дека сите земски добра носат само разочарување и дека внатрешното богатство носи поголема среќа од материјалните добра“.
Сантоша нè охрабрува да го прифатиме и да го цениме она што го имаме и што сме, токму сега. Тоа произлегува од искуството на прифаќање на животот, на околината и околностите и на самите себе и на она што ќе ни го донесе животот. Кога сме задоволни , ние сме среќни. Тоа е и клучот на оваа нијама, преку моќта на задоволството, среќата станува наш избор. Тоа е духовна состојба неопходна за оптимизам и напор за промена на иднината.
Tapas – само-контрола /само-дисциплина
Тапас може да се објасни како дисциплина или „ентузијазам“. Оваа нијама ни помага да одржуваме самодисциплина и храброст. Во суштина, тоа е внатрешната мудрост што понекогаш ја игнорираме. Се однесува на некој личен потфат, преземен за постигнување на некоја цел.
Секоја дисциплина која доброволно и со задоволство се прифаќа за да предизвика некоја промена, дали е тоа подобрување на здравјето, нова позитивна навика, подобрување на концентрацијата или одредување на поинаква насока во животот, претставува тапас. Оваа нијама ја фокусира енергијата, ја зголемува силата и довербата. Секојдневното и посветено практикување на асаните е форма на тапас за телото, како што медитацијата е форма на тапас која го прочистува и фокусира умот.
Во животот кога се сретнуваме со катастрофи и пречки не треба да се откажуваме. Наместо тоа, треба да продолжиме по одбраниот пат со цврста одлучност. Да се продолжи, само-дисциплинирано, со упорност и трпение – тоа е клучот на успехот.
Svadhyaya – самопроучување / проучување на светите списи
Во буквален превод значи „самопроучување“. Самиот Патанџали вели: „Студирај се, откриј го боженственото“. Практикувањето на интроспекција, набљудување и проучување на себе, нè прави повеќе свесни за она што го правиме, што ни штети, а што ни користи и што не доведува до поблизок контакт со вистинското Јас. Овој принцип нè охрабрува да продолжиме да се едуцираме себеси за она што нè инспирира, со тоа продлабочувајќи го нашето знаење.
Оваа нијама исто така се објаснува и како проучување на светите списи. Читањето и проучувањето на традиционалните списи на јога филозофијата како што се Багавад Гита, Упанишадите, Јога Сутрите на Патанџали и други е многу значајно, бидејќи овие списи содржат важни знаења и обезбедуваат голема помош на духовниот пат.
Ishvara Pranidhana – предавање на повисоката моќ
Често се преведува како „предавање на Бога“, но може да биде протолкувано и како „предавање на повисоката моќ“, или едноставно ослободување од нашите очекувања. Оваа нијама значи да се трудиме да бидеме автентични и да живееме во целост, без никакви очекувања. Практикувањето на овој принцип ќе не ослободи од флуктациите на умот кои предизвикуваат загриженост и стресни мисли, а со тоа ќе се добие шанса да се чувствуваме посветени на секојдневниот живот.
Како што е објаснето и во Упанишадите овој принцип се однесува на „состојба на колективна свесност“ па оттука, не станува збор за обожување или посветување на нашите постапки и акции на божествена фигура, туку „Бог“ е всушност колективната свесност и нè претставува сите нас.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.