Б12 е есенцијален витамин, што значи дека е потребен за вашето тело да работи правилно. Внесувањето доволно витамин Б12 е клучно за здравјето, и е неопходен за процесите што го вклучуваат централниот нервен систем, ДНК и црвените крвни зрнца. Бидејќи нашето тело не може сам да го произведе витаминот, мора да го внесуваме Б12 преку диететски извори или додатоци.
Одреден дел од популацијата може да имаат дефицит на витаминот Б12 и тоа може да е од различни причини, како возраст, консумирање одредени лекови итн. Недостатокот на витамин Б12 може да влијае значително врз телото и нервниот систем. Но, недостатокот е нешто што може да се третира или евентуално целосно да се спречи.
Колку количество витамин Б12 ви е потребно?
Потребното количество на Б12 се менува во текот на животот. Како и повеќето други витамини и минерали на бебињата и децата им треба помалку Б12 отколку на возрасните.
Ова се некои генерални препораки за дневниот внес на Б12, во микрограми (mcg):
- Од раѓање до 6 месеци: 0.4мкг.
- 7-12 месеци: 0.5мкг.
- 1-3 години: 0.9мкг.
- 4-8 години: 1.2мкг.
- 9-13 години: 1.8мкг.
- 14-18 години: 2.4мкг.
- 19 години или постари: 2.4мкг.
Важно е да се има предвид дека препорачаните дневни дози се засноваат на количините потребни за да се избегне недостаток од витаминот. Ова значи дека овие препораки не се нужно она што му треба на просечниот возрасен за одржување на оптималните нивоа на Б12.
За време на бременоста и доењето се зголемуваат потребите за повеќето витамини и минерали. Бидејќи Б12 е потребен за правилен раст и развој на фетусот, на бремените жени им требаат 2.6мкг. Б12 дневно, додека на жените кои дојат им требаат 2.8мкг. дневно. Сепак, некои експерти препорачуваат оние кои дојат да земат повеќе Б12 од она што моментално се препорачува за одржување на оптималните нивоа на витаминот во крвта.
Што предизивикува недостаток на витамин Б12?
Неколку фактори може да предизвикаат недостаток на витамин Б12. Повеќето од нив се надвор од контролата на една личност.
Трите главни причини за недостаток на Б12 се:
1. Автоимуни проблеми
Пернициозната анемија е вид на автоимуна состојба што отежнува тенкото црево да го апсорбира Б12. Ова доведува до ниски нивоа на витаминот Б12.
2. Малапсорпција
Некои луѓе не се способни ефикасно да го апсорбираат Б12 поради оштетување на цревата или операција. На пример, луѓето кои имале гастричен бајпас или отстранет дел од дебелото црево може да имаат поголем ризик да развијат дефицит на Б12.
3. Низок внес во исхраната
Витаминот Б12 го има во храната од животни, како што се рибата, месото, живината, јајцата и млечните производи. Ако не внесувате доволно храна богата со Б12 во вашата исхрана, може да имате недостаток од овој витамин. Недостатокот може да биде почест кај оние кои следат вегански диети и строги вегетаријански диети подолги години.
Долготрајната употреба на одредени лекови исто така е поврзана со недостаток на Б12. Лекот за намалување на шеќерот во крвта метформин и инхибиторите на протонската пумпа кои лекуваат рефлукс на киселина се два примери на лекови кои можат да ја попречат апсорпцијата на Б12 и да предизвикаат дефицит на овој витамин.
Симтоми на недостаток на витамин Б12
Некои од најчестите симптоми на недостаток на Б12 се нејасни, така што недостатокот може да остане неоткриен кај многу луѓе. Ова е причината зошто е од суштинско значење да се направи крвна анализа за да се процени нивото на Б12 ако мислите дека можеби имате недостаток.
Најчести симптоми на недостаток на Б12 се:
- Замор
- Бледа кожа
- Бледа конјуктива (ткиво што ја обложува внатрешноста на вашите очни капаци)
- Недостаток на здив кога се занимавате со активност
- Суви усни
- Воспален јазик (глоситис) може да биде уште еден знак за недостаток на Б12.
Недостатокот на Б12 може да предизвика и невролошки симптоми како:
- Вртоглавица
- Оштетување на меморијата
- Главоболки
- Пецкање во екстремитетите
- Тешкотии при одење
Недостатокот на Б12 може да доведе до посериозни симптоми како невролошко оштетување, кое може да биде неповратно ако не се лекува.
Дијагноза
Недостатокот на Б12 се дијагностицира преку крвна слика, која треба да вклучува тестирање на серумските нивоа на Б12 и фолати.
Ако ви е дијагностициран недостаток на Б12 или имате ниски нормални нивоа на Б12, вашиот лекар ќе ви препорача план за лекување специфичен за вашите потреби.
Недостатокот на Б12 има слични симптоми со други сериозни состојби и болести, па затоа е важно никогаш да не се самодијагностицирате и секогаш да контактирате со лекар за да направите соодветни тестирања.
Третман
Ако се открие дека имате ниски или дефицитарни нивоа на Б12, вашиот лекар може да препорача орални додатоци на Б12 или инјекции Б12.
Некои луѓе, како оние кои имаат несоодветен внес на Б12 во исхраната, можат да го зголемат нивото на Б12 со земање орални додатоци на Б12 како спрејови, капсули или пастили.Меѓутоа, за луѓе кои не можат правилно да го апсорбираат Б12 поради здравствена состојба или мината операција, се препорачуваат инјекции Б12.
Дозирањето и времетраењето ќе се разликуваат во зависност од нивото на недостаток и основната причина.
Храна богата со витамин Б12
Ако сте загрижени дека не внесувате доволно Б12 во вашата исхрана, обидете се да го зголемите внесот на следната храна богата со Б12:
- Варен говедски црн дроб
- Варени школки без лушпа
- Риба како лосос и туна
- Млечни производи како јогурт и сирење
- Јајца
- Живина како мисирка
Б12 е претежно концентриран во храна од животинско потекло, но може да се најде во некои растителни намирници. Ако следите растителна диета која содржи малку или воопшто нема производи од животинско потекло, обидете се да вклучите храна која е збогатена со витамин Б12 во вашата исхрана за да ги задоволите вашите потреби.
Неколку растителни извори на Б12 се:
- Квасец
- Темпех
- Житарки
- Немлечни растителни млека како млеко од соја
Кратко резиме
Недостатокот на Б12 може да биде предизвикан од голем број фактори, вклучувајќи медицински состојби, употреба на лекови и низок внес на витамин во исхраната.
Недостатокот на Б12 може да предизвика низа нејасни симптоми како замор и бледа кожа. Ако не се лекува, недостатокот може сериозно да влијае на здравјето.
Иако повеќето луѓе можат да одржуваат оптимални нивоа на Б12 со редовно конзумирање на храна богата со Б12 како риба, јајца и јогурт, некои луѓе можеби ќе треба да земаат додатоци на Б12 или да добијат инјекции Б12 за лекување и спречување на недостатокот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.