Муладара чакра е првата и основната чакра во седумчлениот чакра систем. Зборот Муладара (Muladhara – sanskrit: मूलाधार) е санскритски и значи корен или поддршка (mula – корен и adhara – база, основа), па оттаму оваа чакра е позната и како коренска чакра.
Коренската чакра поврзана е со егзистенцијалните инстинкти како прималниот инстинкт за опстанок, инстинктивната потреба за храна, секс, безбедност на домот и припадност во семејството. Поврзана е со несвесниот дел од умот, каде што се складирани искуствата од минатите животи. Тука е сместено и генетското наследство. Се смета дека во оваа чакра е сублимиран севкупниот енергетски потенцијал на човекот – сексуалниот, емотивниот, менталниот и духовниот.
Лоцирана е на дното на карлицата, помеѓу анусот и перинеумот кај мажите, односно во пределот на цервиксот кај жените. Од тука поаѓаат трите основни нади Ида, Пингала и Сушумна кои ја поврзуваат Муладхара со останатите шест чакри, лоцирани по должината на ’рбетниот столб, до врвот на главата. Таа има примарно значење и од неа зависи балансот и отвореноста на погорните чакри, што пак се рефлектира врз целокупната психофизичка состојба на човекот.
Органи поврзани со Муладхара чакра се надбубрежните жлезди, носот (сетило за мирис) и анусот (органот за активност). Исто така, Муладхара ја регулира функцијата и развојот на скелетниот систем за кој е зацврстено телото, нозете – како стабилна потпорна структура на телото и неговото движење и стапалата кои се во директен контакт со земјата.
Кундалини Шакти – божествена енергија
Муладхара чакра е седиштето на „заспаната” Кундалини Шакти енергија. Кундалини Шакти е една и единствена, но има различни квалитети и особини, во зависност од квалитетот и особината на чакрата низ која се манифестира. Со активирањето на Кундалини Шакти, стануваме способни да го пробиваме патот кон светлината на знаењето, кој води до самореализација. Целта не јогата е дасе разбуди Кундалини и да се насочи кон погорните чакри и да стигне до Сахасрара (крунската чакра), каде како чиста енергија (Шакти) ќе се соедини со чистата свест (Шива).
Атрибути
Боја – црвена, елемент – земја, семенска мантра – ЛАМ, животно – слон
Муладхара го поврзува нашето тело и ум со елементот земја, а со самото тоа и со квалитетите цврстина и структура, кои му даваат поддршка на целокупното наше битие. Се претставува како темноцрвен лотос со четири ливчиња кои ги претставуваат четирите функции на психата: умот (Manas), интелектот (Buddhy), свеста (Citta) и егото (Ahamkara). Кореспондира со биџа мантрата ЛАМ која е запишана во жолтиот квадрат кој се наоѓа во центарот на лотосот. Во центарот на квадратот се наоѓа триаголник чиј врв е насочен надолу. Ја симболизира женската енергија. Триаголникот е претставен врз слон со седум сурли кои ја симболизираат мудроста, стабилноста и цврстината, како и виталните елементи за физичко функционирање. Внатре во триаголникот е свајамбху лингам, спирално обвиткан со златна змија, завиткана три и пол пати (змијата ја претставува Кундалини шакти). Владеачки божества се Брахма, создателот на Универзумот и божицата Дакини.
Кога Муладара чакра не е во баланс
Муладхара чакра може да биде во дисбаланс доколку се загрозени нашите основни, елементарни потреби, односно доколку е загрозена нашата егзистенција.Стравот лесно се инфилтрира во мислите и прави да се чувствуваме несигурно. Може да се случи да бидеме дефокусирани од тоа што премногу размислуваме за нашата благосостојба. Кај некои луѓе ваквите појави можат да преминат во хипохондрија, па дури и во општа параноја. Небалансирана коренска чакра значи конфузни мисли, нестабилен ум и променливи чувства. Сето тоа се рефлектира во нашиот секојдневен живот во кој не можеме да се пронајдеме себеси, се соочуваме со страв, анксиозност, имаме негативен став кон себе, кон околината, а исто така можно е да имаме и наздрав однос кон храната (јадеме или премалку или премногу). Самодовербата ни е на исклучително ниско ниво и имаме потешкотии кога треба да донесеме некоја одлука.
Кога е во баланс
Добро балансирана Муладхара значи да бидеме мотивирани, да можеме лесно да носиме одлуки и да преземеме одговорност за сопствениот живот. Лесно се справуваме со стравот и стресот. Чувствуваме спокој, стабилност, безбедност и удобно ни е во самите себе. Отворена коренска чакра значи силна личност, личност со чувство на припадност кон семејството и кон природата. Работејќи на Муладхара се ослободуваме од негативните обрасци поврзани со нејзината функција. Исто така балансираната коренска чакра придонесува да бидеме способни да учиме од животните искуства и да не се задржуваме на болни сеќавања, особено сеќавања поврзани со изневерена доверба. Имаме разбирање за другите, лесно простуваме, умееме да преземеме одговорност за нашиот живот.
Аномалии од физички аспект
Аномалии поврзани со небалансирана коренска чакра може да се појават на соодветните делови во телото, па така, исцрпеноста на надбубрежните жлезди предизвикана од постојан стрес, упатува на слаба коренска чакра. Исто така, Муладхара е одговорна за работата на дебелото црево, регулирањето на столицата, односно ослободувањето од токсични материи. Болки во грбот и нозете се честа појава доколку коренската чакра не е во рамнотежа. Физички проблеми потенцијално предизвикани од блокирана коренска чакра вклучуваат и ниски нивоа на енергија и ладни екстремитети.
Рано детство
Секоја чакра е поврзана со одреден период од животот. Муладхара како прва и основна чакра се поврзува со периодот од раѓањето до седмата година во животот. Во текот на овој ран детски период ние сме цврсто вкоренети во физичкиот свет, поврзани со родителите, со довербата и вроденото чувство за припадност. Ако овој период на некој начин бил проблематичен, довербата била скршена, имало злоупотреба и слично, тогаш детето може да постави нестабилни основи во психата.
Неколку начини за балансирање на коренската чакра
Со оглед на тоа дека елементот со кој е поврзана коренската чакра е земјата, а бојата е црвена, за балансирање на истата се препорачува одење боси по земја, поминување повеќе време во природа, облекување во црвена облека … Коренската чакра, впрочем како и сите други чакри, може да се балансира со практикување на следниве техники:
Медитација – седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Дланките се на колена во притви мудра (Prithvi Mudra). Опуштете ги мускулите и насочете го вниманието во карличниот предел. Визуализирајте црвена светлина (или црвен лотос …) во дното на карлицата. Замислете како црвената светлина се проширува низ целата карлица…Одржувајте свесност за црвената светлина, за положбата на телото и за контактот на телото со земјата… Останете во положбата и во состојбата колку што ви е удобно.
Јога асана пракса – вниманието треба да е фокусирано на стабилноста на позите, односно на чувството на поврзаност со земјата под нас (стапалата – ако стоиме, задникот – ако сме седнати или торзото – ако сме легнати). Со соодветни асани се стимулираат споменатите делови од телото – надбубрежните жлезди, перинеумот, карлицата, ’рбетот, нозете. Со тоа ние го зголемуваме елементот на земјата во нашето битие. Со стоечките асани ја подобруваме општата рамнотежа и стабилност и тие се најкорисни при работа со коренска чакра. Исто така, со практикувањето на мула банда директно ја стимулираме коренската чакра.
Исхрана: се препорачува намалување на шеќерот и солта, како и заситените масти, а повеќе консумирање на зеленчук и овошје. За балансирање на коренската чакра треба да јадеме пред сè храна богата со протеини – (грав, тофу, грашок, спанаќ и бадеми), потоа црвена храна која автоматски влијае на коренската чакра поради нејзината поврзаност со црвената боја – (јагоди, цреши, домати и црвени пиперки) како и коренестиот црвен зеленчук.
Афирмации – основната афирмација за коренската чакра е: „Јас сум (јас)“. Други афирмативни предлошки кои можеме да ги користиме за балансирање на оваа чакра се: „Каде и да сум, јас сум безбеден и сигурен“, „Во овој момент сум стабилен, втемелен и опуштен“, „Имам здраво тело, здрав ум и изобилен живот“, „Јас сум закотвен на земјата и поддржан од Универзумот“, „Универзумот секогаш ме поддржува и ми покажува каде понатаму“, „Јас сум безбеден и среќен во мојот дом“.
Кристалите со својата вибрација, која е непроменлива, исто така се смета дека влијаат на балансирање на чакрите, бидејќи и секоја чакра има своја вибрација. Минералите и кристалите поврзани со Муладхара чакра се црвени или црни – црн турмалин, црн опсидијан, чадлив кварц, црвен јаспис, рубин.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.