Јогата, како спиритуална, а истовремено и холистичка дисциплина, покрај асаните по кои е главно препознатлива, вклучува и други видови техники, меѓу кои се и мудрите, кои најчесто се изведуваат за време на пранајама (јога техники за дишење) и медитација. Мудра е санскритски збор и значи гест или печат. Основното значење и дефиниција на зборот мудра е „невербална комуникација“ – надворешен пат и израз кој го користиме да дојдеме до внатрешен мир и одлучност. Мудрите го подготвуваат умот за медитација поттикнувајќи повлекување на сетилата од врзувањето за надворешните објекти (pratjahara), правејќи го умот еднонасочен (ekagrata).
За потеклото и видот
И покрај тоа што постојат повеќе од илјада години, точното потекло на мудрите сè уште не е познато. Се сретнуваат во различни религии и култури како хиндиузмот, будизмот, христијанството, египетските хиероглифи, тантричките ритуали, азиските боречки вештини, таоизмот и индискиот традиционален танц. Најпознат древен текст кој се однесува на мудрите (и другата јога практика) е Gheranda Samhita, каде се спомнуваат 25 мудри.
Во системот на индискиот класичен танц, мудрата значи симболичен гест со кој се повикува извесно расположение или емоција во внатрешното битие.
Во средновековната сакрална уметност, присутни се неколку различни иконографски типови на Христос како благословува со рацете во положба на Prithvi Mudra, Prana Mudra и др.
Постојат најразлични варијанти на изведување на мудрите (во некој е вклучено целото тело, очите и јазикот), но сепак поголемиот дел од мудрите се изведуваат со дланките, односно со прстите. Не се знае точно колку мудри постојат. Речиси, секоја можна положба на дланките и прстите претставува мудра. Се смета дека секој тип има специфичен ефект врз телото и умот преку балансирање на психичките центри (чакри) и енергетските канали (нади). Иста мудра понекогаш има повеќе имиња.
Од аспект на Ајурведата – најстариот медицински холистички систем на лечење
Различни делови (точки) на дланките и прстите се поврзани со различни области во телото и во мозокот. Така, кога ги поставуваме дланките во одредена мудра, ние стимулираме одредени делови во мозокот, со што се создава специфично енергетско струење во телото и се активира праната, односно се буди заспаната кундалини шакти енергија.
Според ајурведската медицина, која се смета за најстар медицински холистички систем на лечење и која уште се нарекува сестра на јогата, секоја болест е резултат на одреден дисбаланс во нашето тело, а тој дисбаланс настанува како последица на вишок или недостаток на еден од петте клучни елементи: оган, воздух, простор, земја и вода.
Секој од овие пет елементи има специфична улога во нашето тело и има свој претставник во прстите односно секој наш прст е поврзан со одреден елемент.
- Палецот e поврзан со елементот оган (Agni). Ја претставува Космичката свест, Универзумот, Бог.
- Показалецот е поврзан со елементот воздух (Vayu). Ја претставува индивидуалната свест.
- Средниот прст е поврзан со елементот простор (Akasha). Претставува чистота и вистинска мудрост (sattva).
- Домалиот прст е поврзан со елементот земја (Prithvi). Претставува страст и акција (rajas).
- Малиот прст е поврзан со елементот вода (Jal) Преставува летаргија и темнина (tamas).
Прстите функционираат како струјно коло, а мудрите ја подесуваат и правилно ја насочуваат енергијата која ги балансира петте елементи и создава можност за лечење. Превентивно, со практикување мудри, можеме да го одржуваме телото во постојан баланс и да бидеме здрави и полни со енергија.
Краток осврт на дел од основните мудри
Anjali mudra – Поздрав или божествена понуда, претставува гест на почит, благослов и пофалба. Анџали мудра е еден од најчесто застапените гестови во јогата и чест начин на поздравување во повеќето азиски земји. Пропратена е со зборот Намасте, кој значи Светлоста во мене се поклонува на светлоста во Тебе. Означува љубов и благодарност. Со поздравот Намасте, најчесто се завршува и часот по јога. Оваа мудра исто така присутна е и во јога асана праксата (Поздрав на сонцето, Врксасана,Тадасна и други).
За да направиме анџали мудра треба да ги споиме дланките пред срцето, што само по себе симболизира почит кон себе и кон Универзумот. Палците ги поставуваме на средината на градниот кош, прстите се свртени нагоре. Притисокот на двете дланки треба да е еднаков. Брадата благо е наведната кон градната коска. Со спојувањето на дланките една со друга, се воспоставува баланс меѓу левата и десната хемисфера во мозокот, симболизирајќи ја поврзаноста со самите себе како и со сите други битија. Со практикување на Анџали мудра се намалува стресот и вознемиреноста, се смирува умот, се создава флексибилност во рацете, прстите, зглобовите и дланките.
Постојат повеќе варијанти на Анџали мудра во кои дланките не се поставени кај срцето (анахата чакра), туку пред челото (агја чакра) или над темето на главата (сахасрара чакра).
Анџали е мудра која што може да се практикува и со партнер. Вашиот партнер седи спроти вас, исто така во удобна положба. Спојте ги дланките во Анџали мудра и партнерот треба да ги покрие вашите дланки со неговите / нејзините. Останете така неколку минути со здружени раце, чувствувајќи енергична размена помеѓу вашите суптилни срца која што се одвива преку вашите дланки. Потоа истото направете го обратно, односно вашите дланки поставете ги врз неговите/нејзините.
Dhyana Mudra
Рацете се поставени во скут, десната дланка е врз левата, гледаат нагоре) се користи за време на контемплација, за длабоко созерцание и медитација. Ја подобрува концентрацијата, ја одржува рамнотежата помеѓу десната и левата страна на телото, како и помеѓу десната и левата хемисфера на мозокот, го смирува умот и помага при лекување. Оваа мудра понекогаш се нарекува yoga mudra или samadhi mudra. Будистичката варијанта е со споени палци. Поврзувањето на палците го претставува обединувањето на машкиот и женскиот принцип, присутни во секој човек.
Chin (или Gyan) mudra
Мудра на свесноста или на универзалната мудрост (споени се врвот на палецот и врвот на показалецот, дланките гледаат нагоре и доколку седиме, поставени се на бутините). Палецот ја претставува универзалната (колективната) свест, а показалецот ја претставува индивидуалната свест. Оваа мудра содржи една од парадигмите во јога филозофијата за еволуирањето од состојба на незнаење до мудрост и од темнина до просветлување. Преку оваа мудра се соединуваме со Универзумот, односно со нашата повисока свест. Оваа мудра ослободува од негативни мисли, ја подобрува меморијата, концентрацијата, креативноста и медитацијата.
Aakash mudra
Станува збор за симболичен ритуален гест на рацете (споени се врвот на палецот и врвот на средниот прст) кој често се користи во ајурведата и во духовната практика на јогата за да се зголеми елементот на просторот или космосот во телото. Оваа мудра симболизира трпение и дисциплина и ја зајакнува стабилноста. Се препорачува да се практикува кога чувствуваме дека ни е потребно повеќе сила за решавање на одреден проблем. Помага во отстранувањето на негативните емоции, како лутина, тага или страв, со што се менува начинот на гледање на нештата. Исто така се смета дека оваа мудра го детоксифицира телото, поволно влијае на аритмијата, болките во градите и на висок крвен пристисок. Со оваа мудра ја активираме грлената чакра (vishudi).
Prithvi Mudra
Претставува спојување на елементите оган и земја (споени се врвот на палецот и врвот на домалиот прст). Оваа мудра симболизира енергија и здравје и ни го подобрува чувството за рамнотежа. Се смета дека може да донесе позитивни промени во нашиот живот. Кога се користи како дел од духовната пракса, се смета дека оваа мудра влијае на коренската чакра (muladhara) која е поврзана со стабилноста, корените и безбедноста. Се смета дека има исцелителна моќ и дека може да ублажи хроничен замор, губење на тежината како и разни други аномалии. Оваа мудра присутна е и во христијанството.
Buddhi Mudra
Позната и под името Varuna mudra (споени се врвот на палецот и врвот на малиот прст) ги поврзува елементите оган и вода. Оваа мудра симболизира комуникација и отвореност. Со практикување на оваа мудра, се зајакнува интуицијата. Ја подобрува рамнотежата во телото како и менталната чистота. Зборот Buddhi има санскритско потекло и означува интелект или перцепција.
Prana Mudra
Ја симболизира виталната енергија на праната (споени се врвот на палецот и врвовите на малиот и домалиот прст). Ја активира неактивираната енергија во телото. Добро е да се користи наутро и секогаш кога ни е потребна дополнителна енергија. Оваа мудра е со цел да ја зголеми виталноста и да ја активира коренската (muladhara) чакра. Зборот прана е санскритски и значи животна сила или енергија. Помага во балансирање на витамините во телото.
Garuda Mudra
Се користи за зголемување на интуицијата и комуникација со духовниот свет (дланките гледаат нагоре, десната дланка е поставена на врвот на левата со палците еден преку друг). Ја поттикнува упорноста, посветеноста и дисциплината. Ја балансира енергијата. Оваа мудра името го добила по орелот на богот Вишну.
Adi Mudra
Палецот е поставен во внатрешноста на дланката и е покриен со прстите во вид на тупаница се смета за прва мудра, бидејќи тоа е првата позиција што детето може да ја направи со дланките. Се смета дека го стимулира мозокот, кој е тесно поврзан со крунската чакра (sahasrara) која владее со чувство на мир, со повисоката свесност и остварува единство со Универзумот. Исто така, се смета дека го подобрува протокот на кислород во главата и го зголемува капацитетот на белите дробови.
Зошто и како да ги применуваме?
Сите мудри носат одредени позитивни промени и можат да извршат големо влијание врз практикантот. Ја одржуваат рамнотежата на петте елементи во човекот, што е од суштинско значење за здравјето. Повеќето од мудрите пожелно е да се користат заедно со асани, банди и пранајама. Ваквите комбинации се многу моќни затоа што секоја од наведените техники има сама по себе точно одредена корист.
Мудрите се практикуваат во удобна седечка положба, со вкрстени нозе (падмасна и сидасана), но може и во ваџрасана. Како и да е, доколку флексибилноста на телото не ни ги дозволува овие јога положби, можеме да седнеме во сукасана (турско седење). Најважно е да ни е удобно и да немаме потреба во следните (барем) петнаесетина минути да придвижиме ниту еден дел од телото. Се фокусираме на дишењето и на нежниот притисок на прстите. Пожелно е да се остане во одредена мудра 30 до 45 минути наеднаш или по 10 до 15 минути, неколку пати дневно.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.