Мета Бавана (Metta Bhavana) е една од најпознатите будистички медитации. Тоа е медитација која ја поттикнува и зајакнува љубовта и добронамерноста кон сите живи битија. За време на медитацијата развиваме чувство на љубов кон самите себе, а потоа истото чувство го прошируваме и го испраќаме до сите живи битија на оваа планета. Без љубов кон себе, невозможно е да чувствуваме љубов за другите.
Со редовно практикување на оваа медитација се надминува чувството на завист, злоба, гнев, алчност, а се поттикнува чувство на љубезност, љубов, пријателство, добронамерност и благородност.
Најраните записи за оваа медитација датираат од античко време, а ги сретнуваме во будистичките и хиндуистичките текстови. Самиот израз Мета Бавана потекнува од Пали јазикот и нема буквален превод. Зборот Мета грубо се преведува како љубов, добронамерност, љубезност, сочувство и пријателство. Синоним за Мета е зборот Маитри, кој за прв пат го спомнува древниот мудрец Патанџали. Зборот Бавана означува култивирање, развивање, контемплирање, медитирање.
Формата на Мета Бавана низ вековите варира во начинот на интерпретирање, но најчестата и најпознатата форма е составена од пет засебни сегменти.
Петте сегменти на Мета Бавана
После воведната релаксација, го насочуваме вниманието во центарот на градниот кош и за време на целата медитација фокусот е на срцето.
Прва фаза
Во првата фаза (сам себе) култивираме мета (љубов, добронамерност) кон самите себе. Го освестуваме чувството на мир, тишина и спокојство, како дел од себството, кое не носи до самиот извор на љубовта и радоста. Со интензивирање на ова чувството ја освестуваме безусловната љубов и дозволуваме таа да го преплави целото наше тело и да ја облагороди секоја наша клетка.Тогаш и самите стануваме љубов.
Втора фаза
Во втората фаза (пријател) развиваме свесност за личност која ни е многу блиска и драга, во која имаме довeрба и која буди убави чувства во нас. Тоа може да биде член од семејството, од пошироката фимилија или близок и драг пријател. Го визуелизираме јасно со колку може повеќе детали. Стануваме свесни за неговото движење, држење, насмевка и за сите доблести кои ги поседува. Се поврзуваме ментално со таа личност и Метата која ја развивме во првата фаза ја испраќаме до неа и и посакуваме да биде среќна, да биде во љубов, да има добро здравје и да биде ослободена од секаков вид страдање.
Трета фаза
Во третата фаза (неутрална личност) се остварува ментален контакт со одредена личност која не ни предизвикува никакви чувства. Тоа може да биде сосед, колега или некој кој воопшто не го познаваме, но личност која ја сретнуваме секојдневно. Ја визуелизираме личноста до детали и го испраќаме истото чувство на љубов. Посакуваме личноста да биде среќна, да биде во љубов, да има добро здравје и да биде ослободена од секаков вид страдање.
Четврта фаза
Во четвртата фаза (непријател) визуелизираме личност која некогаш не повредила, изневерила или со која не сме во добри односи. Личност која не ни буди убави чувства. И покрај тоа што оваа личност не ни буди убави чувства или ја доживуваме како непријател и кон неа ја испраќаме истата Мета, истата љубов. Исто и посакуваме да биде среќна, да биде во љубов, да има добро здравје и да биде ослободена од секаков вид страдање.
Петта фаза
Во последната фаза, ги визуелизираме сите четири личности заедно (самите себе, пријателот, неутралната личност и непријателот). Потоа го шириме кругот во кој вклучуваме се повеќе луѓе. Луѓето од нашата улица, населба, градот во кој живееме, државата, континентот и на крај ги вклучуваме сите живи битија од целата планета. И повторно, до сите нив испраќаме Мета, ја испраќаме истата безусловна љубов. Во тој момент искусуваме целосно исцелување и ослободување, освестуваме соединување (Нирвана, Самади, Самореализација).
Подготви: Габриела Донакова, сертифициран јога инструктор
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.