Медитација е контемплативна техника со која се постигнува длабок внатрешен мир. Тоа е состојба во која егото исчезнува, а ние стануваме свесни за нашето Себство, за нашето вистинско јас. За време на медитација умот е целосно ослободен од интелектуална активност, и е насочен кон внатрешната тишина која е извор на љубовта, радоста, сочувството, трпението и спокојот. Медитацијата е патот до Себе, до чистата или трансцендентална свест во која двојството се губи. Состојба во која го искусуваме единството со Севкупното, со Универзумот. За достигнување на оваа состојба, позната како просветлување (Самади, Нирвана … ), потребна е долгогодишна посветеност и дисциплина.
Западна култура
Во 19-ти век, западната култура ја прифаќа медитацијата, но главно ја користи како алтернативен начин при лечење на разни психолошки, невролошки и кардиоваскуларни болести. Покрај во спиритуални цели, медитацијата може да се користи како релаксативна техника за време на која се засилува интроспективноста, па така полесно доаѓаме до потребните одговори. Со редовно медитирање се намалува стресот, вознемиреноста, депресијата и болката. Исто така, со редовна пракса, се подобрува интуинтивноста, меморијата и концентрацијата, а истовремено се поттикнува инспирацијата.
Видови медитации
Постојат различни медитативни техники промовирани во различни традиции и учења меѓу кои најпознати се: јога медитациите, кои главно се базираат на концентрација, випасана медитација – будистичка медитација која се заснова на набљудување на меѓусебната поврзаност на умот и телото и трансцендентална медитација, популаризирана во 20 век, позната како ТМ.
Молитвата, како дел од христијанската и исламската пракса исто така се смета за медитативна техника.
Дјана (Dhyana)
Во јогата, медитативната пракса се базира на концентрација (Dharana), преку која влегуваме во медитација (Dhyana ). Древниот мудрец Патанџали медитацијата ја објаснува како „процес на префинета перцепција на објектот“, а станува збор за процес во кој свеста е еднонасочна (Ekāgratā) и ослободена од било каква интелектуална активност. Овој процес на интензивна концентрација постепено преминува во медитација – Дхјана, односно во состојба кога свеста во целост ги поприма квалитетите на набљудуваниот објект. Крајната цел е доаѓање до момент кога престанува да постои разлика помеѓу набљудувачот, набљудувањето и објектот на набљудување.
Постои надворешна и внатрешна концентрација. Надворешна концентрација може да се практикува на мала точка, полна месечина, сенка, кристална топка, врвот од носот (Нисакагара дришти) и др. Внатрешната концентрација е со визуелизација на одреден симбол или со концентрација на празниот простор. Најчесто застапени визуелни симболи во јогата се лотос, јантра, мандала, иконографски приказ на чакра, визуелизација на одредено божество, симболот ОМ …
Тратака (Trāṭak)
Техниката Тратака традиционално се смета за дел од Хата јогата. Тратака значи сконцентрирано интензивно гледање (зјапање). Постојат различни начини на практикување, но најпозната е техниката со гледање во пламенче од свеќа, во потполно темна просторија. Целата наша свест треба да биде збиена во очите во толкава мера, што свесноста за останатиот дел од телото да се изгуби. Штом очите ќе се заморат, ги затвараме и пламенчето го бараме зад затворените очи и продолжуваме со интензивна концентрација. Во моментот кога пламенчето ќе исчезне, повторно ги отвараме очите и продолжуваме со концентрација на пламенчето пред нас.
Мантра (џапа) јога
Зборот мантра е санскритски и буквалното значење е „алатка на умот” или „инструмент на мислата”. Мантра е континуирано повторување на одреден слог, збор, стих или строфа. Праисконскиот звук Ом е основната мантра позната уште и како пранава мантра. Секоја мантра има своја вибрација, па со самото практикување (пеење/рецитирање), практикантот почнува да вибрира во рамките на истата фреквенцијата. Мантрите може да се изговараат гласно или во себе. Кога мантрата се рецитира со правилно разбирање и интонација и со целосна сосредоточеност на вибрацијата, го носи практикантот до просветлување.
Випасана (Vipassanā, pāli; Vipaśyanā, sanskrit )
Випасана е будистичка медитација и за разлика од претходните медитативни техники, тука не се концентрираме, туку само свесно набљудуваме. Го набљудуваме дишењето и мислите. Целта е да одржуваме свесност за сегашниот момент, без било што да менуваме. Всушност, станува збор за континуирано и непристрасно самонабљудување и себеприфаќање.
Имено, сите мисли и чувства се манифестираат преку дишењето. Со набљудување на дишењето, умот се смирува и може непристрасно да ги набљудува мислите и чувствата. Со редовно практикување, постепено се ослободуваме од менталните негативни обрасци вкоренети длабоко во нашата потсвест и доаѓаме до чистата свест или состојба на просветленост.
Трансцендентална медитација (ТМ)
Трансценденталната медитација се смета за најпопуларна медитативна техника на 20-тиот век. Откриена е и популаризирана во 50-тите години на минатиот век, од страна на индискиот гуру Махариши Махеш Јоги. Практиката на ТМ е ослободена од било каков религиозен контекст и не вклучува концентрација, контемплација или контрола на умот. За време на праксата се користи лична мантра, која ја определува учителот. Се практикува два пати дневно по 15 до 20 минути.
Медитациите најчесто се работат во удобна седечка положба, со исправен грб и со затворени очи. Очите се отворени кај медитативните техники со концентрација на надворешен објект. Дланките и прстите формираат некоја мудра, за подобар проток на енергијата. Најчесто застапени се: чин/гјан мудра (Chin/Gyan) mudra) – мудра на свесноста и на Универзалната мудрост, дјана мудра (Dhyana Mudra) – мудра за длабоко созерцание и медитација и анџали мудра (Anjali mudra) – означува љубов и благодарност. Медитација може да се практикува и во лежечка положба (шавасана), а исто така и во движење.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.