Римскиот император Марко Аурелиј познат е по својата интроспективност, контемплативност и љубов кон мудроста.
Целта на неговата филозофија е издигнување над секојдневието и достигнување спокојство, мудрост, радост и среќа преку поврзување со единството кое го чинат космосот и божественото, односно со Севкупното. И покрај тоа што бил најмоќниот човек на своето време, тој не бил воопшто заинтересиран за раскошот и привилегиите што согласно неговата положба му припаѓале. Напротив, тој го претпочитал контемплативниот живот.
Роден е на 26 април 121 година во аристократско семејство, за време на владеењето на императорот Хадријан. Тој е шеснаесеттиот римски император и последниот од петте „добри цареви”. Неговото изворно име е Марко Аниј Катилиј Север.
Духот на Марко Аурелиј бил обликуван во согласност со суштината на стоицизмот. Во продолжение неколку контемплативни размисли од „добриот цар”.
Контеплативни размисли
1. Не го троши остатокот од животот на размислување за другите,освен ако тоа служи за општо добро, бидејќи ако се измачуваш околу тоа што прави овој или оној и зошто го прави тоа, што зборува, што мисли и какви намери има, и околу други прашања кои не одвлекуваат од следењето на нашиот сопствен ум, ќе бидеш спречен да извршиш некоја друга поважна работа. Затоа во синџирот од мисли треба да се избегнува сè што нема основа и цел, а пред сè љубопитноста, грижата за нештата кои не те засегаат и сите лоши мисли.
2. Отстрани ја мислата „навреден сум” и чувството од навредата ќе исчезне. Отстрани го чувството „навреден сум” и навредата ќе ја снема.
3. Ако некој може да докаже и да ме убеди дека моето мислење и начин на однесување не се правилни, јас ќе го прифатам тоа и ќе бидам благодарен. Јас ја барам вистината, која сè уште никому не наштетила. Штета има само оној кој опстојува во своите гршки и незнаење.
4. Не мисли на она што го немаш како да го имаш, туку од она што го имаш избери што е најскапоцено и помисли колку би копнеел по него, ако го немаш. Но внимавај од преголема радост да не го прецениш, бидејќи така ќе го изгубиш мирот, ако некогаш случајно останеш без тоа.
5. Смешно е тоа што никој не сака да побегне од својата лошотија, иако може, а сака да побегне од злобата на ближните, што е невозможно.
6. Ако заради некои околности си принуден да се вознемириш, веднаш повлечи се во себе и не излегувај оттаму без поголема потреба. Подобро ќе завладееш со хармонијата, ако постојано и се враќаш.
7. Немој да се однесуваш така како да ќе живееш сто години. Смртта те демне. Биди добар додека си жив и додека можеш.
8. Смртта и раѓањето се тајни на природата. Како што раѓањето е спојување на елементите , така смртта е нивно раздвојување, но тоа не е нешто од што би требало да се срамиме. Смртта не е противречна со природата на разумните суштества, ниту противречи на сопствената природа.
9.Луѓето бараат место на село, покрај море или на планина, за да се повлечат таму. И тебе ти е својствено да имаш такви желби, а секоја ваква желба е многу несериозна бидејќи, ако сакаш, во секое време можеш да се повлечеш во самиот себе. Ниедно место не може да му даде таков мир и блаженство на човека како неговата душа, особено ако е таква што кога ќе се повлече во неа, веднаш ќе наиде на совршен мир, а кога велам совршен мир мислам само на совршен ред. Затоа користи ја оваа скривница и во неа преродувај се.
10. Биди како карпа од која се прекршуваат брановите. Таа стои неподвижна, а морето што беснее околу неа постепено се смирува. Никогаш не вели „Несреќен сум, зарам мораше тоа да ме снајде?” Секогаш вели „Среќен сум што живеам безгрижно и не сум погоден од тоа што сега ми се случува, ниту се плашам за иднината”.
11. Бесмислено е да се бара невозможното, а невозможно е лошите луѓе да не прават лошо.
12. Размислувај често за брзината со која се случуваат настаните и работите, минуваат и незабележливо се губат. Сите нешта постојано течат како река, дејствата постојано се менуваат, нивните причини се менуваат безброј пати и може да се каже дека ништо не е постојано. Секогаш сè околу нас, сосем се блиску и бескрајноста на минатото и бесконечноста на иднината во која се исчезнува. Зарем не е луд оној што во таков свет се разбеснува или дозволува да биде растргнат и огорчен, небаре нешто ќе го повредува подолго време или засекогаш?
13. Дали некој друг греши кон мене? Тоа е негова работа. Каков му е темпераментот, такви му се постапките. Јас, пак, го имам тоа што целокупната природа сака да го имам, а ќе го правам тоа што мојата природа бара од мене тоа да го правам.
14. Можеш секогаш да бидеш среќен, само ако сакаш да одиш по вистинскиот пат и ако си способен да мислиш и да постапуваш правилно.
15. Азија и Европа се само делчиња од космосот, целиот океан само капка во космосот, Атос е само грутка земја во космосот. Целата сегашност е само момент во вечноста. Сè е мало и променливо и брзо исчезнува. Сè потекнува од еден извор, доаѓа од она што управува со вселената или се случува под негово влијание или по причинско последичен пат.
16. Следи го својот внатрешен живот. Во него е изворот на доброто и ако постојано копаш, може секогаш да блика.
17. Прифаќај скромно, простувај великодушно.
18. Каменот што си го фрлил нагоре не е несреќен што повторно паднал на земјата, ниту е среќен што си го фрлил.
19. Не расправај многу за тоа каков треба да биде добриот човек, туку ти самиот биди таков.
20. Набљудувај го патувањето на ѕвездите и твоето патување заедно со нив и постојано мисли на меѓусебната размена на елементите. Таквите медитации ја отстрануваат валканоста од земниот живот.
Подготви: Габриела Донакова
(користен материјал: Медитации, Марко Аурелиј)