Интересот за минерали и кристали е присутен е од праисториско време, кога човекот ги одбирал парчињата камен што можел да ги употребува како орудие или оружје. Со развитокот на материјалната култура на човекот, се зголемува и нивното значење. Кристалите како софистицирани алатки со генерации биле во рацете на најмудрите луѓе. Денес кристалот претставува алатка кон која авангардниот свет се повеќе посегнува.
„Кристалите се мемориски банки на одредени искуства – планетарни, цивилизациски, па дури и предцивилизациски“, рече во еден неврзан разговор Деан Шкартов – Деко и додаде дека кон кристалот треба да се однесуваме како кон инструмент, правилно да го употребуваме и со многу љубов.
Деко го знаеме како голем познавач и вљубеник во кристалите, а на јавноста и е познат и по неговиот придонес во македонската рок музика, како член во групите „Коцка лед“, „Бадмингтонс“, „Александар Македонски“, „Клержо“. Oсновач e на дуќанчето за кристали во Скопје (сега се наоѓа на Рекорд), а неговата биографија бележи повеќе забележителни претставувања, како во земјава така и во странство. Сепак, овој пат најголемата провокација за разговор со Деко, покрај неговото познавање на кристали е и неговото долгогодишно искуство со јогата како практикант и како познавач на јога филозофијата.
За настанокот и потеклото на минералите и кристалите
Постојат неколку степени на градација, почнува Деко. Прво е светот на минералите. Еден минерал е хомогено соединение со најчесто цврсто тело, кое се одликува со хомоген емпириски, односно хомоген хемиски состав. Кристалот пак, претставува кристална појавна форма на минералот и за разлика од минералот, кој се одликува само со емпирија, односно хемиски состав, кристалот има и строго определена геометриска дефиниција во просторот. Значи, доколку во амбиентот во кој што се создава минералот, се создадат услови за кристализација, минералите добиваат кристални појавни форми и тогаш преминуваат во кристали. Како пример можеме да ги наведеме вулканите. Според геометриската форма на кристалната клетка, сите кристали се распоредени во седум кристалографски системи: кубичен, ромбоедарски, ромбичен, тетрагонален, моноклиничен, триклиничен и хексагонален.
За начинот на кој кристалот влијае врз чакра системот
На прашањето на кој начин кристалите влијаат на чакрите, Деко продолжи: Чакрите се одредени енергетски точки или порти преку кои нашето битие е поврзано со Универзумот. Тие функционираат како примопредаватели кои работат на одредени фрекфенции, па така, пониските чакри се фокусирани на пониски фрекфетни вредности, додека повисоките, духовните чакри, на повисоки фрекфентни вредности.
Кога одреден кристал се наоѓа во нашата аура, побуден од нејзината вибрација (самата аура е вибрационално био-електромагнетно поле) почнува да осцилира со својата фрекфенција, која е непроменлива и се однесува како штимер на фрекфенцијата со која осцилрираат кристалите растопени во нашите клетки.
Распределбата на чакра системот кореспондира со распределбата на кристалите според нивната фрекфенција, односно според нивниот емпириски и хемиски состав и боја. Па така црвените кристали ја стимулираат коренската чакра, сините кристали се за грлената итн. Затоа, најдобриот начин да си одберете кристал е оној чија боја најпрво ќе ве привлече.
За делувањето на кристалот (будењето на кундалини шакти)
За делувањето на кристалот најважно е да веруваме во неговата делотворност – советува Деко, и продолжува: да бидеме отворени и со свесност да се синхронизираме со вибрацијата на кристалот. Значи, мора да е запазен синхронизитетот на нашето отворање и прилагодување, односно стартувањето на нашиот капацитет да ја прими вибрацијата на кристалот. Ние тој потенцијал го имаме, но не е активен, заспан е во нашата потсвест или во првата чакра. Кристалите за првата чакра помагаат во будењето на тој потенцијал, односно заспаната кундалини шакти енергија.
Кристалите овозможуваат хармонија, а всушност лекувањето со кристали, според мене, вели Деко, е процес на балансирање на енергијата во деловите од нашиот комплексен систем на нашето битие – физичко, емотивно, умствено или духовно.
За поврзаноста со медитацијата (чакри и соодветни кристали)
Разговорот го завршуваме со прашањето за поврзаноста на кристалите со медитацијата. Медитацијата е последниот степен од нашето аплицирање на ведските знаења и на јогата, вели Деко и продолжува: Постои верување дека кристалите ја подобруваат медитацијата, со што се поттикнува спиритуалната природа на човекот. Сепак, пред медитацијата, ние мораме да го подготвиме телото, преку асаните, пранајамата, техниките за прочистување (криите), па потоа имаме мантри со кои што ќе го култивираме начинот на размислување на нашиот ум.
Со секоја асана се стимулира одредна чакра, а се верува дека истото се случува доколку го поставиме вистинскиот кристал на соодветно место на телото, кое кореспондира со одредената чакра. Па така, црвениот јаспис или црниот оникс се за првата чакра (муладара чакра), за свадиштана чакра најчесто карнеол, цитринот или килибарот за плексусот (манипура чакра), розевиот кварц или македонскиот рубин за чакрата на срцето (анахата чакра), аметистот за третото око (агја чакра), за чакрата на врвот на главата (сахасрара чакра), најчесто горскиот кристал – кварцот.
Ако емоциите се прочистат на правилен начин преку манипура чакрата, зракот на енергијата на нашата свест може да продолжи да се издигнува и да дојде до срцевата (анахата) чакра, каде што се облагородува низ квалитетот на љубовта. Во оваа чакра е и простувањето, а преку простувањето можеме да продолжиме кон повисоките чакри. Следната, петата грлената (вишуди) чакра е одговорна за комуникацијата и поврзувањето, а во агја чакра се наоѓа балансот помеѓу рационалниот и интуитивниот свет. Тогаш сме подготвени да се ослободиме преку најгорната чакра (сахасрара) каде што сме веќе комплетни во севкупноста на постоењето и моето Јас во целиот Универзум, завршува Деко.
Доколку одлучите да имате cвој кристал
Најдобриот начин да си одберете кристал е оној чија боја најпрво ќе ве привлече, а истиот ќе делува само доколку му верувате. За да делува еден кристал најпрвин треба да се отвориме спрема влијанието и делувањето на кристалот. Можеме да го носиме како камче, како приврзок или во накит. За делување на одредена чакра, треба да го поставиме на делот од телото кој соодветствува на конкретната чакра. Кристалот треба повремено да се чисти, а еден од начините е да се помине под млаз вода или низ пламен од свеќа.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.