Капалбати пранајама (Kapalbhati pranayama) е една од шесте шаткарми (техники за прочистување на телото), па поради тоа, покрај тоа што се практикува како пранајама (техника за дишење) сe детерминира и како крија. Терминот капалбати доаѓа од санскритските зборови, капал (kapal) што значи “череп” или “чело” и бхати (bhati), што значи „сјаење” или „светлина”. Во слободен превод капалбати значи прочистување на челниот дел од мозокот. Крајната цел на оваа пранајама е прочистување на надите (енергетските канали), со што е овозможено непречено поминување на праната (животната енергија ) низ сите чакри (енергетски центри).
Со практикување на капалбати пранајама, покрај прочистувањето на челниот дел од мозокот, се отстрануваат и сите останати нечистотии од телото, се активираат нервните и циркулаторните системи и се подобрува метаболизмот. Исто така, се зголемува внесот на кислород во телото, што резултира со беспрекорна јасност на умот.
Начин на практикување
Капалабати пранајама се состои од наизменични кратки, силни и енергични издишувања и малку подолги, пасивни и спонтани вдишувања. Издишувањата се прават со силни контракции на долниот дел од стомакот (помеѓу пубичната коска и папокот), со што се исфрла целосно воздухот од белите дробови. Со ослободување на контракцијата, стомакот природно и спонтано се подигнува, а белите дробови повторно се полнат со воздух. Фокусот е на долниот дел од стомакот.
Оваа техника многу често се комбинира со симултано изведување на бандите – мула банда, џаландара банда и удијана банда. Се практикува во удобна седечка положба (вирасана, ваџрасана, сукасана, падмасана и сл), најдобро наутро, односно на празен стомак. За време на јога праксата, како и сите пранајами, се изведува после асаните, а пред медитација. Почетниците најдобро е да започнат со циклус од десет вдишувања/издишувања.
Позитивни ефекти
Со практикување на Капалбати пранајама се генерира топлина во телото, се раствораат токсините и другите отпадни материи, се подобрува функционирањето на бубрезите и црниот дроб, се намалуваат подочниците, се подобрува циркулацијата на крвта, се подобрува метаболизмот, ги зајакнува белите дробови и го зголемува нивниот капацитет. На ментален план, го отстранува стресот, ја подобрува меморијата и концентрацијата и го избиструва умот.
Негативни појави
Покрај позитивните страни, неправилното практикувањето на капалбати пранајама може да има и нескани ефекти како хипертензија, вртоглавица, главоболка, нагон за повраќање, сушење на устата и прекумерно потење. Особено внимателни треба да бидат луѓето со срцеви заболувања, со висок крвен притисок, чир на желудник како и бремени жени. Не се препорачува за жени кога се во циклус.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.