Исхрана базирана на растенија продолжува да биде популарна, a за тоа има и добра причина. Оваа исхрана има многу здравствени придобивки и има тенденција да биде подобра за планетата во споредба со исхраната базирана на месо. Но, постои еден аспект каде што љубителите на овој вид исхрана би можеле да се подобрат, а тоа е намалување на отпадот од храна.
Ако навистина размислиме, има многу добри делови од растенијата кои ги фрламе без добра причина. Секако тука е и опцијата да ги компостираме истите, но многумина од деловите што ги фрламе се сосема безбедни за јадење. Прифатете исхрана базирана на растенија како стилот на јадење „од стебло до корен“ и ќе го намалите фрлањето храна, ќе заштедите пари, а можеби дури и ќе откриете нов омилен дел од познатите растенија за кои не сте знаеле дека може да се јадат.
1. Листовите од цвекло
Обично, цвеклото го купуваме заради слаткиот црвен корен, кој е всушност зеленчукот што го јадеме. Но, свежите листови од цвеклото се исто така вкусни. Според некои истражувања тие имаат повеќе протеини и влакна отколку самото цвекло. Може да ги употребувате листовите од цвеклото како и секое друго лисесто зелено растение.
2. Листовите (или дршките) од празот
Ако некогаш сте направиле рецепт со праз, веројатно сте ја следеле насоката за подготовка на „само белите и светло зелените делови“. Но, што не е во ред со потемните зелени делови? Според многу истражувања овој дел од празот се фрла од козметички причини. Сè што е потребно е да го излупите надворешниот слој и темелно да го исчистите. Потоа можете да го користите исто како и белиот дел.
3. Зелените стебла/листови од морковот
Морковите од супермаркет обично ги немаат стеблата и листовите, но на пазарите може да се најдат. Овие зеленила се совршени за јадење, иако немаат баш многу вкус на моркови. Најчесто може да се користат на ист или сличен начин како што се употребува магдоносот.
4. Листовите и стеблата од брокулата
Цветовите ја добиваат целата љубов, но стеблата од брокула се всушност уште повкусни. Треба само да го излупите цврстиот надворешен слој на стебленцето. Месото одоздола може да се користи исто како брокулата. Лисјата се скриено богатство но, им треба малку готвење, па затоа може да ги додадете во супи или чорби.
5. Кората од бананата
Можете дури да ја јадете и кората од бананата. Фенолните соединенија кои се наоѓаат во кората од банана се богати со антиоксидантни и антимикробни соединенија.
Иако некои вешти готвачи ја претвораат кората од банана во веганска скара, веројатно ќе сакате да започнете со додавање малку од кората во вашите смутиња. Едноставно исечкајте половина кора од многу зрела банана и додадете ја во блендерот со другите омилени состојки.
6. Јадрото од јаболката
Можеби го фрлате најмоќниот пробиотик во вашиот фрижидер. Во едно истражување истражувачите откриле дека јаболката содржат околу 100 милиони бактерии – повеќето од нив корисни – и 90 проценти од нив се наоѓаат во јадрото на јаболкото. Јадрото можеби е малку потврдо од остатокот од јаболкото, но целосно може да се јаде.
Можеби сте слушнале дека семките од јаболка се отровни. Иако тие содржат токсин наречен амигдалин, кој може да се претвори во водород цијанид, треба да изедете 80 или повеќе семки одеднаш за да се отруете. Но, ако сакате да бидете дополнително внимателни, слободно отстранете ги семките и засадете ги.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.