Како да знаете дека сте во здрава врска со вашиот партнер? Може да се запрашате дали обожавате заедно да пробувате нови ресторани, да одите на долги прошетки и да патувате и одговорите на овие прашања да бидат потврдни. Но, има и други работи што треба да ги земете предвид освен заедничките интереси кога станува збор да се биде во среќна и здрава врска.
Што точно ја прави врската здрава? Одлична врска е безбедно место за двајцата партнери да се сакаат и почитуваат еден со друг. Во здрава врска можете да ги споделите или искажете вашите желби, потреби и граници, а истото да го очекувате и од партнерот.
Здравата врска е од суштинско значење за вашата благосостојба, бидејќи останување во токсична врска (која е спротивност на една здрава врска) влијае на квалитетот на вашиот живот, може да ја зголеми депресијата и анксиозноста, влијае на спиењето, може да влијае на стекнување лоши навики, па дури и да влијае на здравјето на индивидуата.
Да се биде во квалитетна и здрава романтична врска како што кажавме влијае и е од особено значење за благосостојбата на индивидуата, но да се биде сам без партнер (сингл) е многу подобро за благосостојбата на индивидуата, отколку да се биде во неквалитетна врска или врска која не ве исполнува или прави среќни.
Уште поважно е дека многу парови кои се во нездрави врски не се свесни за тоа. Ова може да е така од причини што и самите пораснале во такви средини.
Во продолжение 6 показатели дека вие и парнерот добро си одговарате:
1. Не се плашите да го кажете она што го мислите
Лесно е кога знаете дека вашиот партнер прави нешто што не ви се допаѓа – можеби не ви се јавува два дена или не помага низ дома. Но, не е секогаш лесно да зборувате и да му кажете на вашиот партнер како се чувствувате. Ова бара многу сила, самодоверба и храброст затоа што треба да дојде од ранливо место. Во здрава врска, ќе се чувствувате доволно сигурни за да бидете отворени со вашиот партнер.
2. Доверба
Довербата е основа и суштинска за сите односи, но со социјалните медиуми и мобилните телефони, работите излегоа од контрола. Многу често се случува едниот од партнерот да ги „шпиунира“ социјалните профили или телефоните на другиот партнер. Но, во здрава врска, не треба да го правите тоа. Потребно е да се има доверба во партнерот со тоа што ќе се даде слобода и простор.
3. Се согласувате да не се согласите за одредени прашања
Секој пар има несогласувања. Но, спротивно на она што можеби мислите, не треба да го решавате секое прашање. Всушност, во ред е да имате неколку теми за кои двајцата/двете никогаш нема да се согласите. Понекогаш, сосема е добро да се согласите да не се согласувате. Во здравите врски, постојат најмалку пет прашања за кои „не се зборува“. Тоа се прашања за кои и двајцата/двете се разликувате по мислење и перспектива и тоа е сосема во ред.
4. Се охрабрувате да ги следите вашите цели
Многу од нас имаат сон или визија за нашиот живот, а особено како што старееме, сакаме да ги задржиме тие визии. Во ред е ако вашите соништа не се усогласуваат сè додека се почитувате и охрабрувате еден со друг да ги постигнете вашите цели.
5. Вие и вашиот партнер имате посебни интереси
Паровите кои имаат најголеми љубовни врски се оние кои можат да ги задржат своите интереси, но сепак да не го обвинуваат партнерот што не ги споделуваат истите со нив. Ова значи дека и двајцата го поттикнувате другиот сам/а да го истражува она што го сака. Иако е лесно да се приспособите на навиките и интересите на вашиот партнер, со текот на времето претерано потпирање еден на друг може да предизвика незадоволство. Развивањето и инвестирањето во себе гради самодоверба, самољубие и радост.
6. Пријатно ви е во сопствената кожа
Кога сте во врска, од клучно значење е да ги знаете вашите силни и слаби страни. Можеби сте сигурни околу и со вашите пријатели, но не толку многу на работа. Или знаете дека малите нешта, како на пример кога вашиот партнер ќе заборави да го фрли ѓубрето, може да ве нервираат. Без оглед на вашите силни и слаби страни, свесноста за нив може да ви помогне да достигнете точка на љубов и прифаќање себеси, што пак може да ви помогне да го сакате и прифатите партнерот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.