Еден од најмоќните, најиздржаните и највлијателните духовни учители на денешнината е несомнено Екарт Тол (Eckhart Tolle), роден 16.02.1948 година како Улрих Леонард Тол (Ulrich Leonard Tölle). Тол на дваесет и девет години доживува длабока духовна трансформација и од тогаш е посветен на продлабочување на таа трансформација. Не се идентификува со ниту една религија, а неговото учење претставува своевиден сублимат на библијата, зенбудизмот, суфизмот и хиндуизмот. Екарт Тол ни пренесува пораки од древните учења, на јазик разбирлив за современиот човек. Неговото внимание е насочено кон подигнување на нивото на свест и освестување на сегашниот момент преку ослободување од егото и освестување на Битието.
Во продолжение неколку цитати за егото и Битието:
За Битието
– Се што постои има Битие, има божја суштина, има некакво ниво на свест. Дури и каменот има зачеток на свест, инаку не би постоел, а неговите атоми и молекули би се распрснале. Сè е живо. Сонцето, земјата, растенијата, животните, луѓето – сите тие се манифестации на свест на различни нивоа, свест што се пројавува како форма.
– Да се спознаете себеси како Битието што почива под мислителот, како мирот под менталната врева, како љубовта и радоста под болката, значи слобода, спасение, просветлување.
– Љубовта е состојба на Битието. Вашата љубов не е во надворешниот свет, таа почива длабоко во вас. Никогаш не можете да ја изгубите и таа не може да ве напушти.
– Кога ќе станете свесни за Битието, она што навистина се случува е дека Битието станува свесно само за себе. Кога Битието ќе стане свесно само за себе – тоа е присуство. Бидејќи Битието, свеста и животот се синоними, би можеле да речеме дека присуството значи свест која станува свесна сама за себе или живот кој достигнува самосвест.
– Битието е самата интелигенција чија видлива манифестација е всушност физичкиот универзум.
За Егото
– Додека растете вие формирате ментална претстава за тоа кои сте, заснована врз личните и културолошките услови. Тоа фантомско „јас“ можеме да го наречеме его.
– Содржината на егото е различна од човек до човек, но секое его има иста структура. Со други зборови, егата се разликуваат само на површината, во суштина се исти. Живеат од идентификувањето и раздвојувањето. Кога живеете преку „јас” кое е творба на умот и се состои од мисли и емоции што го сочинуваат егото, основата на вашиот идентитет е нестабилна, затоа што мислите и емоциите по својата природа се минливи и непостојани.
– Она што егото го гледа како слабост, всушност е вашето Битие во сета своја чистота, невиност и моќ. Колку е посилно егото толку сте поодалечени од својата вистинска природа, од Битието.
– Егото се храни од вниманието што го добива од другите, за него тоа претставува душевна енергија. Кога и да се чувствувате супериорни или инфериорни во однос на другите, тоа е само егото во вас.
– Кога живеете низ егото, секогаш го сведувате сегашниот миг на средство.Вие живеете за иднината и кога ќе ги постигнете своите цели, тие веќе не ве задоволуваат, барем не за долго време.
– Огромно количество насилство што го извршиле човечките суштества едни над други, не е дело на криминалци или на ментално растроени луѓе, туку на нормални, угледни граѓани што делуваат во служба на колективното его. Гледајте го егото онакво какво што е навистина: колективна дисфункционалност, болна состојба на човечкиот ум.
– Сè што е потребно за да се ослободите од егото е да станете свесни за него, зашто егото и свеста се некомпатибилни.
Користен материјал: “Моќта на сегашниот миг”, “Нова земја” и “Тишината зборува”
Подготви: Габриела Донакова, сертифициран јога инструктор