Духовноста во денешно време, особено онаа на новите генерации претставува вековни домородни практики поедноставени, смалени и втемелени во лесно пристапни ритуали и производи, дизајнирани да обезбедат уверување и непосредна врска со нешто поголемо и сè знајно. Наспроти финасиската несигурност, климатската криза и политичката нестабилност во светот денес, популарноста на овој вид „духовност“ добива на смисла.
И покрај тоа што отсекогаш имало луѓе кои сериозно ја сфаќаат духовноста и имаат сериозно познавање, духовноста на новите генерации се однесува на повремено одбирање на ритуали и практики кои ним им одговараат за да „добијат“ смисла во овој свет без насока.
Немате партнер/ка? Можеби розовиот кварц може да ви помогне да привлечете полу-пристојна личност. Потребно ви е да ги исфрлите негативните вибрации од токсичните пријатели? Пробајте да чадите (со свети билки).
Иако новите генерации внимаваат на одржливоста повеќе отколку било која генерација пред нив, тоа е ретко поврзано со контекстот и значењето на духовните практики. Ова е важно затоа што популарноста и приемот на одредени духовни трендови почнува да им штети на заедниците од кои потекнуваат истите, бидејќи тие никогаш не биле наменети да станат комерцијални. Сето ова може да резултира со штета на локалните заедници.
Во моментов, проблемот е во тоа што со цел да се направи нешто брзо достапно, вистинското знаење за сложените врски помеѓу животната средина и локалните заедници се занемарува.
Пало Санто
Пример е дрвото Пало Санто кое расте во Мексико, Гватемала, Еквадор, Перу, Костарика, Хондурас и островите Галапагос. Приказната за Пало Санто е едноставена да „веруваме“ дека доколку гориме стапчиња од ова дрво како што тоа го правеле античките шамани, ќе ја отстраниме негативната енергија. Поради тоа побарувачката за Пало Санто во моментот е огромна.
Пало Сантото што го горме се собира од мртви дрва, но важно е да бидете сигурни дека вашето Пало Санто го берат луѓе кои не го уништуваат екосистемот и локалните заедници, а тоа е тешко да се контролира кога побарувачката експоненцијално се зголемува.
Овој пример наметнува уште едно важно прашање за духовноста на новите генерации: „Како влијанието на трендовите, лажната духовност и присвојувањето на туѓи практики ќе има последици врз заедниците?“
Домородците сметаат дека дрвото Пало Санто треба да ви го даде шаман за да бидете сигурни дека го користите на правилен начин. Ова се практикува не само за да се осигураат дека ритуалот се изведува правилно, туку и за да се помогне со „синџирот“ на снабдување, имајќи предвид дека се потребни околу 50 до 70 години за дрвото да созрее и потоа да умре.
Во моментов Пало Санто може да купите на скоро секоја веб страна како Amazon, Etsy, Ebay итн. со ветувања дека може да го исчистите просторот од негативни влијание како што тоа го прават шаманите.
Ова е култура што се насочува да ги реши проблемите во вашиот живот што е можно побрзо и по-поволно. Купуваме духовни предмети на ист начин како што купуваме сè друго бидејќи тие ни се претставени како „производи за решавање на проблеми“ што можат брзо да пристигнат и немаат потреба од дополнителни практики за да бидат ефективни.
Белата жалфија
Друг пример за ова е користењето на белата жалфија за чадење, церемонија која е вкоренета во традицијата на доморнодните заедници во Северна Америка за чистење на некое место или личност. Поради трендот (хаштагот #whitesage има околу 118 000 објави) побарувачката за белата жалфија е зголемена.
Природно расте само во северните делови на Мексико и во јужна Калифорнија. Побарувачката значи дека луѓето ја берат белата жалфија на не-одржлив начин и во спротивност со практиките и традицијата на културата од каде потекнува.
Домородното население го остава коренот и изразува благодарност затоа што може да го набере растението. Таа размена ја поврзува личноста со земјата и го комплетира кругот на разбирање дека она што го земаме од земјата мора да се направи на правилен начин.
Тоа е етос што се гледа кај домородните заедници низ целиот свет. Абориџините, на пример, имаат една од најстарите и најубави врски помеѓу луѓето и Земјата. Тие се преселуваат во различни области во зависност од годишните времиња, за да не го прекинуваат екосистемот. Да се биде личност која премногу земала се смета за дело против природата.
Идејата за колективна одговорност е во срцето на сè што прават Абориџините, и затоа нвоите генерации треба да се запрашаат: „Дали начинот на кој работите се практикуваат колективно е одговорен, или земаме премногу без да ги разгледаме последиците?“
Уништувањето на планетата не може да се игнорира, но тоа не значи дека луѓето не можат да практикуваат ритуали од други култури. Духовноста на новите генерации има лоша репутација на преземање на туѓи култури, нивно пакување со убави слики и хаштагови и исфрлање на оригиналната култура надвор од процесот.
Познавањето на историјата на духовниот ритуал е важно затоа што ни овозможува да бидеме повеќе свесни за тоа како го користиме. На пример, поради прекумерната употреба на белата жалфија сега домородните заедници може да немаат пристап до неа.
Не значи дека луѓето не треба да се интересираат за традиции и ритуали кои припаѓаат на други култури, туку станува збор за затворање на кругот и поставување прашања, но не само за животната средина. Се разбира и тие се важни, но прашањата дали компанијата која продава Пало Санто или бела жалфија дава назад на заедницата од која зема се од клучно значење.
Духовниот туризам наречен „ајахуаска“
Друг актуелен тренд во моментот е ајахуаска, горчлива, темно кафеава течност направена од мешавина на растенија, вклучувајќи ја и амазонската лоза наречена banisteriopsis caapi која предизвикува халуцинации и визии кои ви го менуваат умот. Ова искуство не беше лесно достапно за било кого до пред неколку години. Се вели дека е неверојатно (и покрај повраќањето), го менува животот и особено помага при трауми, но мора да се консумира со внимателност.
Денес, ајахуаската стана еден вид духовен туризам. Популарноста значи дека растението се одгледува во количини кои што не треба природно да се појавува во природата.
Употребата на растението потекнува од домородните церемонијални практики каде што самиот шаман го консумира растението – кое првично не било наменето за комерцијална употреба. Сега со зголемената популарност на ајахуаската и турзимот што доаѓа со тоа, се забележува зголемено садење на растението кое може да доведе до опасни алтернативи и уништување на шумите.
Многумина од нас сакаат да се поврзат со различните култури од добронамерни причини, но важно е да се запрашаме како функционираат компаниите од кои ги добиваме тие производи. Скоро секогаш мислиме дека доколку некој производ е наменет за духовно користење истовремено е етички произведен. Тоа може да биде затоа што особено овие производи естетски ни се презентирани на малку поразличен начин отколку покорпоративните производи.
Кристалите и нивната употреба
Земете ги на пример кристалите. Иако намерата за нивната употреба во суштина е добра, тие станаа бизнис вреден милијарди долари. Нив ги користиме за прочистување на водата, за привлекување љубов, спокојство – постои кристал за скоро секој аспект од животот. Но, извор на кристали не е неограничен, а во моментот тие се продаваат насекаде.
Рударството има големо влијание врз околината, овие кристали треба да бидат ископани понекогаш со значителни последици врз животната средина и честопати со многу експлоатиран човечки (во некои сценарија и детски ) труд.
Движејќи се по духовниот пат, треба да внимаваме притоа да не и наштетуваме на планетата и другите човечки суштества. Како што чекориме во несигурни времиња на многумина од нас им е потребна духовноста повеќе од било кога. Како ќе одбереме да се вклучиме, едуцираме и практикуваме тоа зависи од самите нас. Заедниците кои живеат најмногу во хармонија со околината се едни од најстарите на Земјата и се внимателни, љубезни и го земаат само она што им треба. Трендовите доаѓаат и си одат, но ова е лекција која е безвременска со причина.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.