Според многу школи на хиндуизмот, светот е илузија (маја), игра на врховната свест на Бога. Тој е проекција на нештата и формите кои се привремени и ја одржуваат илузијата на единственост и трајност.
Од човечкото тело до џиновска галаксија, секој објект во материјалниот Универзум е таков каков што е заради збир на нешта што ја одржуваат неговата сегашна состојба. Променете еден од нив и објектот станува нешто друго во времето и просторот. Така, она што го доживуваме како наш свет и за кое сметаме дека е наше постоење, се реални во ограничена смисла и ограничена перспектива.
Сетилата имаат ограничена способност да ја согледаат и препознаат вистината, иако ние ги земаме здраво за готово и повеќе се потпираме на изгледот на нештата, отколку на вистината што лежи во нив. Во духовна смисла, маја значи нереалност, различна од реалноста претставена од Бог или Браман. Бог во Неговиот вечен и апсолутен аспект е чиста свест и Неговото создание е обична формација во рамките на таа свест. Постои сè додека има искусувач различен од искуството.
Етимолошки гледано, маја е она што произлегува од Пракрити (природа) или Прадана (примарна енергија). Маја е опишана и во хиндуистичките списи како претстава (lila) на Бога донесена преку неговата креативна и динамична енергија или сила (shakti). Тоа е мрежата на измама што ја плете универзалниот пајак (Brahman) за да ги обвитка световите во заблуда (moha).
Што значи илузија?
Илузијата е појава на работите поинаку од она што тие се всушност. Тоа е дел од нашето нормално постоење. Не мора да бидеме склони кон духовноста за да го забележиме тоа. На пример, сè во универзумот е во постојано движење, но ни изгледа како да живееме во стабилен свет затоа што не го перцепираме движењето, освен ако не обрнеме особено внимание на планетите, ѕвездите и движењето на времето. Небото нема боја. Но, за нашите очи се чини како сино, поради одразот на светлината од молекулите во воздухот. Ова е илузија, која ја гледаме секојдневно, но не ја признаваме ментално, освен ако не почнеме свесно да размислуваме за тоа. Изгледот на една личност како комбинација на умот и телото е исто така илузија, бидејќи човекот е многу повеќе од тоа.
Едноставна анализа на нашето перцептивно искуство несомнено ни открива дека светот не е како што изгледа и она што ние го перцепираме преку нашите сетила е само површна реалност. Науката се обидува да го надмине видливиот Универзум и да ја разоткрие вистината скриена во длабочините на материјата. Но, на моменти се зафаќа со изгледот на нештата и слоевите на сложеност што е дел од нашиот аналитички пристап. Хинду-списите нè потсетуваат на овој факт кога ќе го споредат светот со илузија. Тоа е илузија затоа што ја крие вистината и различно се открива секој пат кога ќе ја согледаме.
Дали светот е навистина нереален?
Хиндуизмот го смета светот за лажен или нереален не во физичка смисла, туку во вечна и апсолутна смисла. Светот е илузија не затоа што не постои, туку затоа што не е она што се прикажува. Од апсолутна перспектива, материјалниот Универзум е привремена креација. Се менува од момент во момент и никогаш не е ист. Не можеме да кажеме дека живееме во ист свет во секој момент од нашето постоење. На сетилата може да им треба време да ги согледаат промените што се случуваат во нашето опкружување, но промената е она што го карактеризира нашиот свет и нашето постоење. Двојноста и плуралноста се факти за животот. Без нив не можеме да добиеме смисла за нас и за нашите искуства.
Зошто ова е важно за една личност? Како е важно дали светот е реален или нереален? Никој не може да го оспори фактот дека, во секој даден момент, светот во кој живееме е реален. Постои во некоја специфична форма и состојба, независно од тоа дали постоиме или не. Тоа е реално во физичка смисла. Исто така е опипливо за нашите сетила. Неговото постоење го доживуваме на безброј начини во нашите умови и преку нашите сетила цело време. Токму во овој момент сме во реален свет. Не можеме да кажеме дека светот е илузија, освен ако не сме го изгубиле умот. Ова не значи дека не е илузија. Ова е парадоксот, вистинската вистина, за да разбереме треба да влеземе подлабоко во себе за да ја откриеме нашата вистинска природа.
Причината зошто светот е нереален?
Непобитен факт е дека светот не е ист постојано. Ние не живееме во ист свет цело време, исто како што не пливаме во иста река или океан секој пат кога ќе влеземе во неа. Ниту ние сме истите луѓе цело време. Се менуваме од момент во момент. Нашите умови и тела се трансформираат и обновуваат цело време. Многу работи умираат и се обновуваат во нас секој момент.
Ние, не го гледаме сето ова затоа што не обрнуваме особено внимание на случувањата во нас и околу нас или затоа што нашите перцепции се ограничени. Ние не ги разбираме вистините што се однесуваат на нашето постоење затоа што сме предмет на заблуда (моха), што пак е предизвикано од незнаење (авидија). Затоа веруваме во многу работи што не се вистинити. Сметаме дека нашиот свет е постојан, иако е непостојан и живееме како да сме бесмртни, иако смртта и распаѓањето ги гледаме како дел од нашето постоење.
Илузијата на битијата
Индивидуалната душа е подложена на илузија само доколку е зафатена со материјалните работи. Но, кога вистината ќе осамне и кога умот и сетилата ќе се повлечат и егото ќе се покори, душата ќе се сети на нејзината вистинска и суштинска природа. Егото и врските формирани од нашите желби формираат превез на незнаење околу душата и ја одржуваат во ропство на Природата.
Кога овие ќе бидат отстранети преку вежбање јога, душата ќе се ослободи од држењето на природата и ќе се стане само-апсорбирачка. Ова се случува обично кога се менува начинот на размислување на индивидуата. Јогините ги нарекуваат ваквите искуства како самвегана (samvegana), што е всушност интензивно раздвижување на умот кога ќе се разбијат нашите светогледи и верувања. Тогаш застануваме пред елементарните сили на бруталната природа во тотално ранлива и беспомошна состојба. Буда доживеал слично искуство кога видел смрт и болест на улиците на Капилавасту. Исус имал слично искуство кога излегол во пустината.
Нешто слично на тоа им се случува на многумина за време на духовното будење. Тие ги отфрлаат своите стари верувања и начини на живеење и се будат во нов свет. Кога има духовно будење, ние го гледаме светот поинаку. Стануваме свесни за една нова реалност. Се чини дека светот во кој живеевме исчезна, како сон и сите работи за кои се приврзавме и сметавме дека се извор на нашата среќа и исполнување, всушност беа причина за нашето страдање и внатрешна нерамнотежа. Како што ги отфрламе световните работи и стануваме центрирани во нас самите, нашиот однос со светот претрпува огромна трансформација. Тогаш стануваме свесни за играта на мајата, очигледна илузија предизвикана од движењето и појавата на формите и нештата.
Маја и Пракрити
Маја е состојба на постоење, гледна точка, предизвикана од несовршената дискриминирачка интелигенција (буди), која според хиндуистичките списи е аспект на Пракрити и најблиска во хиерархијата до чистата свест. Од таа ограничена перспектива, ние доживуваме двојност и плуралност. Го гледаме светот, но не и свеста скриена во него и работите што се наоѓаат во неговиот простор, што е одговорна за нивниот изглед.
Заради маја, ние се гледаме себеси не како индивидуални души на чиста свест, туку како суштества направени од умови и тела. Ја мешаме душата со егото, а умот со свесноста и се натпреваруваме за внимание и валидација дури и кога таквите цели имаат тенденција да ги дестабилизираат нашите умови и внатрешниот мир. Ние бараме секакви нешта со цел да се исполниме себеси и да ги ублажиме нашите стравови и грижи. Ние се препуштаме на себични постапки од желби и навики. Додека се препуштаме на себични постапки со желба да добиеме нешта и да ги достигнеме нашите цели, ние ги жнееме плодовите на нашите сопствени постапки и стануваме предмет на ропство, раѓања и преродби.
Надминување на мајата
Мајата не може да се надмине без фундаментална промена во нашата свест и внатрешно условување. Каде што постои двојност, чувство на одвоеност има и маја. Кога нашите умови и сетила се активни, ние остануваме под влијание на маја. Кога ги согледуваме работите во состојба на двојност, остануваме во доменот на маја. Маја исчезнува само кога нашите умови и сетила се целосно стабилизирани и можеме да ги доживееме работите без поделба на гледачот и виденото. Дури и боговите не се ослободени од влијанието на маја, бидејќи тие исто така доживуваат двојност и плуралност. Навистина никој никогаш не е ослободен од маја, сè додека не го изгуби чувството за двојност засекогаш. Единствениот начин да се ослободиме од мајата, е да можеме да ја видиме вистината каква што е, што е можно само кога нашето его ќе му го отстапи местото на нашето вистинско јас.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.