Манипура, чакрата на соларниот плексус е третата чакра во седумчлениот чакра систем. Името Mанипура (Manipura – sanskrit: मणिपूर) доаѓа од санскритскиот збор мани, што значи „скапоцен камен“ и пура (или пури) што значи „град“. Се преведува како „градот на скапоцените камења“.
Поврзана e со нашето его, самопочитување, самодоверба и харизма. Одговорна е за нашата моќ, мудрост, сила, виталност, волја, издржливост , одлучност и храброст. Тука е и нашиот натпреварувачки дух, желбата за признанија, самодокажување и статус. Според некои учења, како што е зен будизмот, Манипура се смета за најважен центар и седиште на Кундалини.
Лоцирана е во пределот на соларниот плексус, над папокот, па поради тоа, оваа чакра се нарекува соларна чакра. Под неа се наоѓа коренската (Муладхара) и сакралната (Свадистхана) чакра, а над неа се наоѓа срцевата чакра (Анахата). Кога Манипура вибрира со позитивна енергија ги облагородува Муладхара и Свадистхана, но исто така ја облагородува и срцевата, Анахата чакра. Имено, страста од Свадистхана тука се претвора во чиста, несебична и позитивна љубов, која како таква, се чувствува и искусува во Анахата.
Надворешни влијанија
Во соларниот плексус се складираат и обработуваат сите надворешни енергии и информации со кои доаѓаме во контакт, а бидејќи во овој свет многу често сме опкружени со притисоци и негативни влијанија, кај повеќето од нас оваа чакра не е во баланс. Секој контакт со друга личност, секоја нова околина или ситуација автоматски ја активира Манипура и доколку не работиме правилно со неа, ваквите негативни енергии може да останат таму до крајот на животот.
Подигнување на свеста
Со подигнување на свеста, се подобрува и вибрацијата на Манипура, па така доаѓа до елиминирање на одредени апсорбирани негативни влијанија. Во овој процес на подигнување на свеста почнуваме да зрачиме со позитивна енергија. Колку повеќе зрачиме, толку повеќе се отвараме и во обратна насока и апсорбираме надворешни влијанија. Во овој период може да се соочиме со одредени психички и емоционални блокади, со потребата да простиме нешто, себеси и на другите, да се прифатиме такви кави што сме, да ја прифатиме различноста на другите за да дојдеме до внатрешен мир.
Во повисоката свест, низ светлината на мудроста, предрасудите и аверзијата се трансформираат во почит и разбирање, а зависта и алчноста преминуваат во добра волја и здрава умереност. Со стекнување самодоверба, гордоста и љубомората се заменуваат со скромност и великодушност, а незнаењето со јасност.
Од физички аспект
Оваа чакра на физичко ниво поврзана е со дигестивниот систем, панкреасот, жолчниот меур и црниот дроб. Поврзана е и со надбубрежните жлезди кои лачат адреналин при опасни или изненадни ситуации.
Атрибути
Боја – жолта, елемент – оган, семенска мантра – РАМ, животно – овен
Манипура чакра се претставува како како жолт лотос со десет ливчиња, со црвен триаголник во средината. Триаголникот е поставен врз овен, а во него е напишана семенската мантра РАМ. Не поврзува со елементот оган. Од мудрите кореспондира со Меруданда мудра, во која сите прсти се свиткани на внатре кон дланката, освен палецот (претставник на оганот – “agni”) кој гледа нагоре со што енергијата е насочена кон Маниппура чакра. Владеачки божества се Рудра и Лакини
Кога не е во баланс
Енергијата во соларниот плексус најчесто е блокирана од чувството на срам и ниска самодоверба, а кога вибрира со поголема брзина, доаѓа до дрскост, бесрамност и вообразеност.
Небалансирана соларна чакра значи недостаток од енергија, мрзеливост, тромост депресија. Неодлучни сме и немаме храброст да преземеме било каква иницијатива. Немаме јасни цели и постојано се предомислуваме. Тешко се справуваме со секојдневните проблеми. Неправилната исхрана исто може да предизвика дисбаланс на Манипура, бидејќи е поврзана со дигестивниот систем.
Кога е во баланс
Кога Манипура е во баланс, имаме јасна претстава за тоа што сакаме и како тоа да го оствариме. Мотивирани сме и полни со самодоверба. Таа е центар на трансформации и позитивни промени. Основната афирмации на оваа чакра е „Јас правам“. Според јогиските учења, оваа чакра ни дава јасно чувство за тоа кои сме и каква е нашата цел.
Кога Манипура е силна, ние се осмелуваме да ги живееме нашите соништа, да го правиме она во што веруваме и да живееме во согласност со тоа што сме.
Аномалии од физички аспект
На физичко ниво поврзана е со дигестивниот систем, панкреасот, жолчниот меур и црниот дроб, па така доколку не е во рамнотежа, резултира со заболувања на овие органи, а можна е појава и на чиреви и дијабетес.
Доминира во периодот од 15-тата до 21-вата година од животот
Влијанието на Манипура чакра е најдоминантно во периодот од петнаесетата до дваесет и првата година од животот. Во овој период се создава и развива посилно чувството за Себе, кое многу често може да резултира со вознемиреност. Вознемиреноста во овој период од животот може да прерасне во себичност или во интроспективност. Тоа е период во кој почнуваме да ги градиме сопствените ставови и да развиваме свесност за тоа што навистина сакаме од животот и која е нашата цел.
Неколку начини за балансирање на Манипура чакра
За балансирање на Манипура чакра се препорачува да се внесат одредени промени во секојдневната рутина и да се излезе од зоната на сигурност и удобност. Се балансира со надминување на срамежливоста и зајакнување на самодовербата. Во секојдневието тоа можеме да го реализираме преку отворено изразување на своите ставови, внесување на одредени промени во начинот на облекување, како и во односот што го имаме со другите луѓе.
Медитација – седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Дланките се на колена во Меруданда мудра. Опуштете ги мускулите и насочете го вниманието во пределот на соларниот плексус и настојувајте да почувствувате енергија која зрачи од тој предел. За медитација на Манипура практикувајте визуализација на сонцето и неговите зраци, сончогледови полиња, жолт лотос или друга симболика со доминантна жолта боја.
Јога асана пракса – Асани кои најинтензивно ја стимулираат Манипура чакра се: воин 3 (Virabhadrasana 3), лак (Dhanurasana), поза на дете (Balasna) и др.
Кристали кои вибрираат на иста фрекфенција со Манипура чакра се кристали со жолта боја, како: калцит, топаз, цитрин, жолт турмалин и сл.
Исхрана – консумирајте храна со жолта боја како пченка, банани, житарки. За балансирање на Манипура чакра исто така се препорачува и чај од нане, ѓумбир или камилица.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.