Гајатри, исто така позната како мантрата на Савитри (Savitri) е мантра посветена на Сонцето како божество. Се претпоставува дека Гајатри ја има „создадено“ мудрецот Vishvamitra од античка Индија. На мудрецот мантрата му била поклонета од Создавателот како награда за неговата долгогодишна медитација и длабоко покајание. Со тоа, Гајатри станала и подарок за целото човештво.
Една интерпретација е дека зборот „Gayatri“ е изведен од зборовите „gaya“ , што значи витални енергии и „trâyate“ што значи заштита, ослободување, избавување.
Од оваа интерпретација може да се извлече основното значење и да се преведе како „молитвена благодарност која ги буди виталните енергии, дава ослободување и избавува од незнаење“.
„Om Bhur Bhuvaḥ Swaḥ
Tat-savitur Vareñyaṃ
Bhargo Devasya Dhīmahi
Dhiyo Yonaḥ Prachodayāt“
„Медитираме за славата на Создавателот
Кој го создал Универзумот
Кој е достоен за обожување
Кој е олицетворение на знаење и светлина
Кој е отстранувач на гревот и незнаењето
Нека ги отвори нашите срца и просветли нашиот ум“
ОМ – првичниот звук; Bhur – физичкото тело / физичкото царство; Bhuvah – животната сила / менталната сфера; Swah – душата; Tat – Тоа (Бог); Savitur – Сонцето / Создателот (изворот на целиот живот); Vareñyam – обожава; Bhargo – божествена светлина; Devasya – Врховниот Бог; Dhīmahi – медитирајте; Dhiyo – интелектот; Yo – нека оваа светлина; Nah – нашите; Prachodayāt – просветлување / инспирација.
Поврзаноста на Гајатри мантрата и Сонцето
Се верува дека пеењето, рецитирање, изговарањето на глас или во себе на Гајатри мантрата, носи мудрост и просветлување.
Гајатри има три цели. Првата цел е да се возврати со подарок на Сонцето. Тоа секогаш дава, но никогаш не добива. Втората цел е барање мудрост и просветлување од Сонцето. Сонцето го дава својот дар на сите суштества, без судење и без приврзаност кон исходот од подарокот. И последната цел на мантрата е израз на благодарност кон Сонцето кое дава живот на сите суштества.
Потеклото и историјата на Гајатри
Мантрата е забележена во Риг Веда, која била напишана на санскрит пред повеќе од 3500 години, а може да се пеела и многу години пред тоа.
Со векови, оваа прекрасна мантра, била мистерија за западниот свет, надвор од дофат дури и за повеќето Хиндуси. Таа била добро чувана тајна. Денес пак, се пее и медитира во целиот свет со почит и љубов.
Убавиот и смирувачки антички звук и ритмиката ја прават Гајатри мантрата прекрасен дел од секојдневната спиритуална пракса. Поради тоа што е искрена молба до Врховното Битие за просветлување, може да се применува универзално. Верата, националноста и етничката припадност не се воопшто важни за изведба на Гајатри, единствено важна е намерата и автентичноста.
Значењето на универзалната мантра – Гајатри
Се вели дека оваа света молитва, кружи низ целиот универзум од срцето на оној кој ја пее, апелирајќи за мир и божествена мудрост за сите.
Гајатри мантрата инспирира мудрост во сите луѓе кои ја пеат. Во суштина и на многу основно ниво значењето на мантрата е: „Нека божествената светлина на Врховното Битие го осветли нашето разбирање да не води по патот на праведноста.“ Но таа прави и многу повеќе од тоа. Гајатри ги отвора срцата на оние кои ја пеат, а кога срцата и умовите се отворени и самите ние се отвораме за нови можности.
За многу хиндуси, Гајатри претставува божествено будење на индивидуалниот ум и индивидуалната душа – Атман – и нивно соединување со колективната свест – Браман. Разбирањето и суштинското сакање на мантрата се смета од многумина за еден од најмоќните начини да се допре Бог.
Според Ведите постојат седум сфери или нивоа на постоење. Преку духовната свест и развој, можеме постепено да се движиме низ овие нивоа или сфери, за на крајот да се споиме со Врховното Битие.
Со пеење на оваа мантра, духовната божествена светлина и моќ ја исполнува секоја од седумте чакри на нашето физичко тело и ги поврзува со седумте големи духовни сфери на постоење.
Тајната на влијанието на Гајатри мантрата во физичките домени на животот лежи во уникатната конфигурација на специфични слогови на мантрата. Цикличното изговарање на оваа мантра ги стимулира потсвесните центри за моќ во суптилното тело. Притисокот врз јазикот, усните, гласните жици, непцата и поврзувачките региони во мозокот, генерирани со континуирано изговарање на дваесет и четири посебни слогови на гајатри мантра, создаваат резонанца (или вибрација) во нервите и „конците“ на суптилното тело. На тој начин, музичкиот проток ги поттикнува есктрасензорните енергетски центри.
Значајно е дека продолженото повторување на Гајатри има кумулативен ефект врз нашето тело и ум. Умот станува поостар, имунолошкиот систем станува посилен, а срцето поотворено. Кога енергетските центри, вклучувајќи ги и чакрите се активираат со вибрациите на Гајатри, позитивно влијаат на нашата животна сила или енергија – праната.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.