Погледнете наоколу пред почетокот на кој било час по јога: простирките се местат, блокчињата и појасите се подготвени, но секогаш во некој агол ќе најдете шише со вода. Ако часот е 60 минути или најмногу 90 минути, колку е потребно тоа шише вода? Дали е навистина добро да се пие вода пред јога? И колку треба да пиете после часот?
Со години здравствените експерти ни укажуваат дека треба да пиеме по осум чаши вода секој ден. Носиме вода со нас во автомобилот, дур возиме велосипед, во канцеларија, но дали навистина ни е потребно тоа шише вода за краток јога час? Настрана од четричасовниот маратон, малкумина од нас во индустријализираните земји се во опасност од дехидрација ако не се напијат вода на часот по јога ( тоа се должи на исхраната богата со овошје, зеленчук, чаеви итн.).
Колку вода треба да пиете генерално во текот на денот?
Генералното правило треба да гласи – пијте вода кога сте жедни. Иако е корисен, овој совет е често премногу едноставен, бидејќи жедта е сигнал дека вашето тело се движи кон дехидрација. Иако со години истражувањата препорачуваа пиење осум чаши вода дневно, сега повеќето здравствени советници признаваат дека на поединците им е потребна различна количина на вода поради различни внатрешни и надворешни фактори, вклучувајќи го полот, типот на телото, околината и начинот на живот.
На пример, на луѓето кои често вежбаат или кои живеат во топли, суви или високи средини, обично им треба повеќе вода. Исто така, се препорачува да се пие пропорционално на големината на вашето тело, а на мажите веројатно им е потребна повеќе вода од жените. Ако сакате да пресметате одредена количина на вода што работи за вас, имајте на ум дека речиси целиот внес на храна и пијалоци придонесува за вашата дневна консумација на течност.
За среќа, вашето тело ќе ве алармира ако не консумирате доволно вода. Зашеметеноста, главоболките или сувоста (без разлика дали на вашата кожа, уста, очи или усни) укажуваат на тоа дека треба да го зголемите внесот на вода. Темна урина, ретко мокрење или запекот може да укажуваат на тоа дека треба да пиете повеќе течности. Знаци на дехидрација за време на практикување асани или други форми на вежбање вклучуваат непотење, грчеви и вкочанетост на мускулите.
Од друга страна, навистина е можно да се прехидрирате. Кога пиете премногу вода или ја консумирате премногу брзо, честото мокрење ги исцрпува електролитите што му се потребни на вашето тело за правилно да ја вари храната и да остане хидрирано. Некои знаци дека прекумерно пиете течности вклучуваат чиста урина, често мокрење, вишок слуз и неможност да ја задоволите жедта. Тежината во стомакот и надуеноста се исто така знаци дека можеби пиете повеќе вода отколку што е потребно.
Ајурведски совети за вода за пиење
Ако пиете доволно количество течности и се уште чувствувате жед, постои можност вашето тело да не ги апсорбира правилно. Ајурведата советува одредени практики за пиење вода кои можат да помогнат да се постигне оптимална хидратација.
Како прво, иако може да биде примамливо, не пијте ладена вода Ладната вода е непријател на концептот агни, дигестивниот оган што ни треба за да циркулира прана (енергија на животната сила) низ нашите тела. Се препорачува да се пие млака вода која го стимулира варењето и циркулацијата, што му овозможува на вашето тело да ги апсорбира хранливите материи и да ги исфрли токсините. Ајурведата исто така препорачува практика наречена ушапан, која е едноставно пиење вода (околу еден цел литар) првото нешто наутро. За максимална апсорпција, вежбајте да пиете полека и во седечка положба за да се осигурате дека вашето тело и органи се опуштени.
Вода и практикување јога: Кога да пиете?
Ако го започнувате денот со пиење вода и пиете по малку помеѓу оброците ( не веднаш по нив) и повремено во текот на денот, веројатно е дека нема да имате подреба да се хидрирате за време на часот по јога. Доколку е можно избегнувајте да пиете вода непосредно пред или за време на часот. Покрај тоа што водата прави телото да се чувствува надуено, исто така се меша со енергијата. Една теорија вели дека пиењето вода за време на јога е слично со истурање вода врз нашиот внатрешен оган додека се обидуваме да го запалиме.
Многу често ја грешиме потребата за воздух со потребата за вода кога сме физички активни. Всушност имагинарната потреба за вода е едно од најчестите одвлекувања за време на асана праксата или медитација. Ако ова се случува често, отпорот односно неисполнувањето на непотребната желба да се напиете вода може да биде добра практика за дисцилина, бидејќи сочувствително самоограничување на нашите нагони ни помага да изградиме сила преку трансформација. Ако навистина се чувствувате жедни за време на часот, останете за момент со вашето тело, проверете. По неколку длабоки вдишувања и издишувања ако чувството на жед останува, напијте се малку вода, но не дозволувајте истото да ви го одвлече вниманието, ни на себе ни на другите.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.