Историјата на јогата вклучува заедништво на физички, ментални и духовни практики или дициплини кои потекнуваат од античка Индијa. Јогата е една од шестте школи на хиндуистичката филозофија. Постои широк спектар на јога училишта, практики и цели во хиндуизмот, будзмот и џанаизмот. Меѓу најпознатите „типови“ на јога се „Хата јога“ и „Раџа јога“.
Санскритскиот збор „јога“ има неколку преводи и може да се толкува на многу начини. Потекнува од зборот „yug“ што значи „чин на впрегнување“ (впрегнување на волови или коњи) или „јарем“, а во фигуративна смисла го зема општото значење „работа, употреба, извршување, примена“ (да се стави во активна употреба). Во суштина, јогата ги опишува средствата за обединување или методот на дисциплина. Практикувачите на јога се нарекуваат јоги или јогини.
Пред-класичната јога
Историјата на јогата ги има своите почетоците од цивилизацијата Инд-Сарасвати во северна Индија пред повеќе од 5.000 години. Зборот јога првпат се споменува во најстарите свети текстови Риг Веда. Ведите се збирки на текстови со песни, мантри, ритуали, што ги користеле Брахманите, ведските свештеници. Јога со текот на време била „прочистена“ и развиена од Брахманите и Ришите, кои ги документирале нивните практики и верувања во Упанишадите, огромно дело кое содржи над 200 стихови. Најпозната од јогиските списи е Багавад-Гита, составена околу 500-тата г.п.н.е.
Класична јога
Во пред-класичниот период, јогата била мешавина од разни идеи, верувања и техники кои честопати биле спротивставени и контрадикторни. Класичниот период е дефиниран со Јога сутрите на Патанџали, кои претставувале прва систематска презентација на јогата. Во буквален превод „сутра“ значи „нишка“ или „конец“, а исто така се преведува и како „афоризам“ што значи прецизна изјава за вистината. Сутрите се составени од 196 афоризми и претставуваат еден вид филозофски водич за справување со предизвиците да се биде човек.
Јога сутрите обезбедуваат рамка и даваат упатства за тоа како да се стекне контрола над умот и емоциите и совети за духовен раст, врз кои се заснова јогата што ја практикуваме денес. Напишани негде во вториот век, тие го опишуваат патот на „Раџа јога“, често нарекуван „класична јога“. Патанџали ја поделил јога практиката на „осум гранки“ кои ги содржат чекорите и фазите за достигнување на Самади или просветлување. Патанџали често се смета за татко на јогата и неговите Јога сутри сè уште силно влијаат врз повеќето стилови на модерната јога.
Пост-класична јога
Неколку векови по Патанџали, јога мудреците создале систем на практики кои имале за цел да го подмладат телото и да го продолжат животот. Тие ги „отфрлиле“ учењата на древните Веди и го прифатиле физичкото тело како средство за постигнување на просветлување. Тие развиле тантра јога, со радикални техники за чистење на телото и умот за да ги скршат јазлите кои нè врзуваат за физичкото постоење. Ова истражување на овие физички и духовни врски и практиките каде што во центарот на фокусот е телото, довело до создавање на она што ние на Западот го сметаме за јога – Хата јога.
Првично хата јогата – физичкиот аспект на јогата, бил развиен како средство за медитација. Репертоарот на хата јогата го подготвувала телото, особено нервниот систем, за смиреност, создавајќи ја потребната физичка сила и издржливост што му овозможува на умот да остане смирен.
Зборот „хата“ исто така има неколку преводи. „Ха“ – сонце, „та“ – месечина , означува заедничка интерпретација на хата јогата како „сојуз на пар спротивности“. Техничкиот превод на хата јога значи „сила или одреден напор“. Така хата јогата, или „јогата на активност“ е јога која го користи умот и телото и бара дисциплина и напор. Тоа е јогата што можеме да ја почувствуваме, што можеме да ја доживееме, тука и сега. Хата јога е моќен метод на само-трансформација и мудреците ја препорачуваат оваа пракса илјадници години.
Модерен период
Во доцните 1800-ти и раните 1900-ти, јога учителите започнале да патуваат на Запад, привлекувајќи внимание и следбеници. Ова започнало во Парламентот на религии во Чикаго, во 1893 година, кога Свами Вивекананда ги поучил присутните со своите предавања за јогата и за универзалноста на светските религии. Во 1920-тите и 1930-тите, Хата јогата била промовирана во Индија преку работата на Т.Кришнамачарија, Свами Шивананда и други јогини кои практикувале хата јога. Кришнамачарија ја отворил првата школа за Хата јога во Мајсор во 1924 година од каде потекнуваат три ученици кои ќе го продолжат неговото учење и ќе ја зголемат популарноста на хата јогата: Б.К.С Ајенгар и Патаби Џоис. Шивананда, пак бил плоден автор, кој напишал над 200 книги за јогата, основал девет ашрами и бројни центри за јога лоцирани низ целиот свет.
Историјата на јогата има многу текови. Со текот на годините, многу повеќе западни и индиски учители станале пионери, промовирајќи ја хата јогата и добивајќи милиони следбеници. Хата јогата, сега има многу различни школи или стилови, сите нагласувајќи ги многуте различни аспекти на практиката.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.