Потеклото на зборот Вишуди (или Vishuddha) е санскритско и доаѓа од зборот шудa (shuddha) што значи чисто и префиксот Ви (Vi) кој го интензивира самиот збор. Се преведува како „особено чисто“ или „прочистено“. Лоцирана е во грлото и е позната како грлена чакра.
Вишуди владее со нашата комуникација и со автентичноста на изразот. Во неа се усогласуваат сите спротивности. Клучна афирмација е „Јас зборувам“. Таа е првата по ред од трите духовни чакри. Отворена е кај луѓе кои се духовно, ментално и физички чисти. Периодот од животот во кој е најактивна е од 29–тата до 35-тата година од животот.
Кундалини Шакти
За да може Кундалини Шакти непречено да стигне до Вишуди, потребно е сите подолни чакри да се отворени и во баланс. Облагородена во Анахата со безусловна љубов и сочувство, Кундалини тука носи нова свест. Свеста за моќта на говорот и за Универзалната Вистина. Во неа е почетокот на препознавањето на реалноста како хармонизиран начин на живеење, каде сè е само искуство, а сите нешта и сите суштества се еднакво важни. Прочистување, спокој и хармонија се аспектите низ кои се реализира Кундалини во оваа чакра.
Повисока свест
Вишуди кореспондира со повисоката свест – интелектуалното тело (vijnanamaya kosha). Во неа егзистираат и еволуираат моралот и етиката. Тука лежат почетоците на разбирањето дека одвоеностa од Севкупното и Егото се само илузија. Едноставната перцепција карактеристчна за подолните чакри, тука трансцендира во посуптилно знаење, проникливост и мудрост. Отворената Вишуди облагородува со сочувство, љубов и среќа.
Поврзана e со нашата директност и чесност. Управува со нашата волја и со нашата перцепција за вистината. Во неа прифаќаме одговорност за нашите одлуки и го прифаќаме она во што навистина веруваме.
Центар на балансот помеѓу доброто и лошото
Искуствата низ кои минува човекот, умот ги квалификува како добри или лоши, позитивни или негативни. Ваквиот начин на прифаќање и одбивање на искуствата, резултира со хронична вознемиреност и доаѓаме до конфликт со самите себе.
Во Вишуди овој конфликт се надминува бидејќи чувството за рамнотежа помеѓу спротивностите, (добро/лошо, светло/темно, болка/ задоволство …) носи до состојба на длабок внатрешен мир. Сè е јасно и чисто.
Атрибути
Се претставува како лотос со шеснаесет ливчиња. Бојата е сина, а мантрата со која се активира е ХАМ. Од животинскиот свет претставник е белиот слон. Има претстава на месечина која го симболизира умот. Поврзана е со елементот простор (или етер), па оттаму и со мудрата Акаши (Aakash mudra). Владејачко божество е Ардханаришвара – облик на богот Шива и неговата жена Парвати, споени во едно тело, половина машко, половина женско. Божица на овој центар е Шакини.
Удана Вају
Чакрата Вишуди е почетна точка на праната Удана (Udana vayu). Удана вају одговорна е за говорот, растот и самоизразувањето. Функцијата на оваа прана е прочистување на телото од токсични материи, но и прочистување на посуптилно ниво, ниво на психата и на умот. Сите проблеми и непријатни искуства од нашиот живот што ги потиснуваме, продолжуваат да постојат во потсвесниот ум сè додека не се соочиме со нив и не ги разрешиме.
Чакрата Лалана
Чакрата Вишуди е тесно поврзана со малата чакра Лалана, каде што се верува дека се наоѓа божествениот нектар Амрита. Лалана се наоѓа на крајот од непцето. Кога Вишуди е затворна, нектарот се движи надолу, кон чакрата Манипура, што води кон дегенеративност, но кога Вишуди е отворена, нектарот влегува во неа, каде што се прочистува и станува нектар на бесмртноста. Лалана се стимулира со понапредни техники како што е кечари мудра. Благодарение на нектарот јогинот може да остане долго без храна и вода.
Кога е во рамнотежа
Кога Вишуди е во рамнотежа нашето изразување е лесно, природно и спонтано. Автентични сме при изразувањето на најдлабокото од себе. Отворено зборуваме за нашите мисли и чувства, истовремено дозволувајќи им и на другите слободно да се изразат. Не ни е важно да доминираме во разговорите и прифаќаме дека не мора сите да се согласат со нас. Имаме разбирање за другите и умешни сме во сите видови на комуникација. Развиваме свесност за рамнотежа на спротивностите како и свесност за Универзалната Вистина.
Кога е блокирана или не е во рамнотежа
Блокираната грлена чакра првенствено се манифестира со неможноста вербално да ги изразиме нашите мисли. Може да се чувствуваме како да сме заглавени во тајни. Убедени сме дека луѓето не сакаат да го слушнат нашето мислење или дека не можеме да ги пронајдеме вистинските зборови за нашите чувства. Не можеме да ги идентификуваме нашите вистински потреби и имаме проблем со донесување одлуки.
Се смета дека една од најверојатните причини за блокирањето на оваа чакра и спречувањето на енергијата да се движи кон повисоките чакри е чувството на вина. Кога е отворена, негативните искуства ги трансформира во мудрост.
Од физички аспект чакрата Вишуди е поврзана со вратот, грлото, гласните жици, забите, непцата, устата, вилицата, тироидната и паратироидната жлезда. Доколку имаме проблеми со болки во вратот, хормонален дисбаланс или непријатност во ткивото на грлото, најверојатно проблемот е во оваа чакра (блокирана или небаласирана – не активна или премногу активна).
Начини на балансирање
При работа со чакрата Вишуди, потребно е да умееме да создадеме просторност во грлото и вратот, каде јасно ќе можеме да ги визуелизираме универзалните вистини. Еден од најдобрите начини за балансирање на оваа чакра е пеењето мантри. Мантрата ја култивира мислата, го стишува умот и го прави јасен. Со пеењето директно се стимулираат гласните жици.
Медитација – пронајдете мирно место и седнете во удобна положба. Очите и усните се затворени, а лицето и вилицата опуштени. Почнете да го произведувате звукот “ммммммм” со резонантен тон кој е природен за вас. Почувствувајте ги вибрациите насекаде околу јазикот, усните, образите, вилицата, ушите и грлото. Визуелизирајте светло сина боја, небо. Звучните вибрации му помагаат на јогинот да се поврзе со неговата подлабока интуиција, мудрост и знаење.
Исто така можете да се обидете да почувствувате (визуелизирате) како ладни слатки капки нектар капат во пределот на грлото, врз вишуди, давајќи чувство на блажено пијанство.
Јога асана пракса – асни со кои директно ја стимулираме грлената чакра се обратните положби: сарвангасана или свеќа (Sarvangasana), халасана (Halasana) или плуг, матсјасана (Matsyasana) или риба и други.
Кристали за кои се смета дека влијаат на чакрата Вишуди, се сините кристали, како што се: лапис лазули, аквамарин, амазонит, тиркиз, содалит и др.
Исхрана – боровинките во комбинација со капини и кокос претставуваат вкусна и заздравувачка храна за грлената чакра. Се препорачува да се консумира пред јавен настап или кога не очекува тежок разговор. Сите плодови кои растат на дрвја традиционално се поврзуваат со грлената чакра. Едноставните зачини како сол или ѓумбир во храната промовираат јасно самоизразувањe.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.