Зборот „јога“ го слушаме насекаде, но истиот е ретко дефиниран. Претпоставуваме дека сите знаеме за што зборуваме, но честопати зборуваме за различни работи. Кое е вистинското значење на јогата?
Прво, физичките положби, таканаречени асани не се јога, тие се еден дел од јогата. Најчесто кога одите на „час по јога“ всушност одите на асана час. Учите како да правите движења со телото. Овие положби се алатки во јогата. Но, тогаш што е јога?
Следната дефиниција за јогата е онаа за класичната јога. Класичната јога е систем на самореализација составен од Патанџали некаде околу 200-500 г.п.н.в во текстот наречен „Јога Сутри“.
Јога Сутрата поставува осум „гранки“ или аспекти на практиката што ја објаснуваат состојба на јогата. Во овој контекст, јогата станува последна состојба што се доживува како резултат на целокупната пракса. Таа состојба е дефинирана во поглавје 1 стих 3 од Јога Сутрата како самореализација:
„Тогаш Гледачот живее во Себе, почивајќи во својата Вистинска Природа, која се нарекува Самореализација“.
Јога Сутра 1.3
Што е самореализација? Или уште познато и како просветлување. Ова е место каде што флуктуациите на умот главно се смирени/стабилни и веќе не се идентификувате со преостанатите флуктуации или мисли.
Да објасниме подобро
Нашите умови создаваат мисли. Повеќето од нас се идентификуваат со нашите мисли. Мислиме дека ние сме нашите мисли. Имаме депресивна мисла, мислиме дека ние сме депресивни. Имаме среќна мисла, мислиме дека ние сме среќни. Нашите мисли ни го контролират животот како мајсторот на кукли, што ја контролира куклата. Јогата е „состојба“ каде мислите повеќе не ве контролираат. Вие сте во „контрола“.
Самореализација е состојба подлабока од мислите. Можеби имате депресивна мисла, но вие не сте депресивни. Можеби имате дури и среќна мисла, но вие не сте среќни. Наместо тоа, вие се одмарате во вашата вистинска природа, која е неограничена свесност.
Јога – состојба на самореализиација
Сепак, јогата е исто така практика потребна за да се доживее јога. Тоа се работите што некој ги прави за да се префрли од поистоветување со мислите кон сведочење на мислите. Ова вклучува, но не е ограничено на асана пракса.
Други практики објаснети во Јога Сутра како дел од практиката на јога вклучуваат применување на јамите и нијамите, пранајама, повлекување на сетилата, интензивен фокус и медитација.
„Јогата е контрола (ниродха, регулирање, канализирање, владеење, интеграција, координација, мирување, замолчување, оставање настрана) на модификациите (груби и суптилни модели на размислување) на полето на умот.“
Јога Сутра 1.2
Каде не остава оваа сутра? Што е јога?
Таа е и крајна точка на патувањето – самореализација и практики што некој ги користи за да го помине тој пат. Вклучува асани, но не е ограничена само на асани. Всушност, сосема е можно да се практикуваат асани без воопшто да се практикува јога.
Може да се фокусираме на изведувањето на физички положби без да ги користиме истите како алатка за набудување на флуктуациите на умот.
Ова е целата поента на јогата – да работиме со умот, признавајќи дека тоа е најголемата пречка што не спречува да ја запознаеме нашата вистинска природа.
Улогата на учителите
Како рибите што пливаат во вода, умот е невидлив, бидејќи практикантите целосно се идентификувани со него. Улогата на јога учителот е да предава на таков начин што практикантот ќе научи како да биде сведок на сопствениот ум, а потоа како да работи со она што го гледа.
Тука улогата на учителот станува витална во јога праксата. Практикантите обично не се во можност да ги видат флуктуациите на нивниот ум кога ќе започнат со праксата.
Многу асана учители не го живеаат патот на јогата и затоа не се во можност да им го понудат ова ниво на настава на своите ученици/практиканти. Тие не се научени на овој начин, ниту го практикуваат овој начин. Тоа можеби е поради недостаток на желба, а можеби и поради незнаење.
Меѓутоа, ако предавате асани и сакате да предавате јога, важно е да разберете како да ја поттикнете состојбата на јога кај вашите практиканти. Како да предавате на начин што ги води учениците да не се идентификуваат со нивниот ум? Како им помагате да се префрлат во состојба на сведочење на умот?
Прво, треба да го практикувате ова. Кога ги работите асаните, треба да бидете сведоци на флуктуациите на сопствениот ум. Треба да се фатите себеси кога се идентификувате со вашите мисли и да научите како да се вратите во неограничена свесност. Потоа, кога можете сами да го направите ова, можете да им помогнете на практикантите да го направат истото.
Потребна е постојана пракса – она што Патанџали го нарекува абјаса.
„Пракса (abhyasa) значи избор, примена на напорот и правење на оние дејства што носат стабилна и мирна состојба (sthitau).“
Јога Сутра 1.13
Кога ќе одберете да бидете сведоци на вашиот ум додека „работите“ асани, со текот на времето спонтано ќе „влезете“ во стабилна и мирна состојба.
Ако сте практикант кој/а вежбал/а само асани и сакате да вежбате јога, побарајте учители кои предаваат јога. Започнете да го сведочите умот од моментот кога ќе стапнете на вашата јога простирка. Внатрешно, замислете дека се повлекувате. Замислете дека вашите мисли се пред вас на големо филмско платно на педесетина метри одалечни. Потоа престанете да им давате енергија на тие мисли.
Размислете, каде одите кога не се појавуваат мисли? Тоа е јогата.
Затоа, следниот пат кога ќе слушнете некој како зборува за јога, прашајте – дали зборува за практиките што водат кон самореализација или просветлување? Или зборува за физичките положби? Да, асаните може да доведат до јога, но тие сами по себе не се јога.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.