Випасана (Vipassanā, pāli; Vipaśyanā, sanskrit ) е континуирано и непристрасно самонабљудување кое резултира со увид во вистинската природа на реалноста. Се нарекува уште и уметност на живеење. Терминот е будистички и се преведува како „увид”, „јасно гледање“ или „да се види на посебен начин“. И покрај тоа што долго време била чувана како тајна во будистичките храмови во Бурма, Випасана нема догматски карактер.
Во поширока смисла на зборот, випасана значи непристрасно согледување на нештата такви какви што навистина се. Во неа е сублимирано целокупното учење на Буда и преку неа можеме да го следиме патот на Дармата (Dhamma, pali; Dharma, sanskrit) – универзални закони и принципи и да доживееме ослободување и просветлување (sanskrit: Nirvana; pali: Nibbāna), самореализација. Правилата на моралот, или почитувањето на природните закони на Универзумот, се во суштина првите чекори во Випасана.
Со Випасана го истражуваме сопственото тело и сопствениот ум, за да ги откриеме и решиме сите проблеми и конфликти кои лежат длабоко во нас, да ги искористиме неискористените потенцијали и во крајна линија, да се ослободиме од страдањето и од вечниот круг на повторнoто раѓање.
Випасана медитација
За разлика од другите медитативни техники каде имаме предмет или симбол на концентрација, Випасана медитацијата се заснова на набљудување на меѓусебната поврзаност на умот и телото. На едната страна е умот и содржината на умот – разни мисли, а на другата страна се дишењето и физичките чувства. Секоја мисла и чувство се манифестира преку дишењето што се јавува во тој момент. Со набљудување на дишењето, умот се смирува и може непристрасно да ги набљудува мислите и чувствата, со свесност. На тој начин свесно правиме избори и постепено се ослободуваме од менталните негативни обрасци, вкоренети длабоко во нашата подсвест.
За време на медитацијата најважно е чувството на леснотија. Кога медитацијата е пријатна и кога умот ќе се смири, егото исчезнува, а ослободувањето од егото е најважниот предуслов за објективно, непристрасно набљудување на сопствените мисли и чувства.
Чист ум
Чистиот ум секогаш е полн со љубов, полн со сочувство за неуспесите и страдањата на другите, полн со радост за нивниот успех и среќа; исполнет со мир без разлика со каква ситуација се соочува.
Свесност за дишењето и за чувствата
За време на медитацијата, секогаш кога ќе се појави некаква мисла – тенденција во умот, уште две работи почнуваат да се случуваат истовремено на физичко ниво. Дишењето го губи својот природен ритам и доаѓа до згрчување на одреден мускул. На посуптилно ниво, во организмот почнува да се одвива еден вид биохемиска реакција, се појавува чувство. Целта на Випасана е да останеме свесни и мирни, без да реагираме на чувството, без разлика дали се работи за пријатно или непријатно чувство. Затоа се фокусираме на дишењето и само набљудуваме. На тој начин, кога умот има конкретна задача – набљудување на движењето на папокот или струењето на воздухот низ ноздрите, полесно се смирува и останува фокусиран, а со тоа се олеснува непристрасното набљудување на мислите.
Доколку се соочуваме со некаква ментална нечистотија (гнев, омраза, завидливост, посакување туѓо …) набљудувајќи ја, без реакција, таа почнува да ја губи својата моќ, повеќе не може да не обзема како порано, постепено се повлекува и на крајот целосно се брише. Со континуирана и истрајна пракса одржуваме состојба на мирен ум, блаженство и среќа.
Начин на практикување
Седнете удобно во тивка и проветреана просторија. Грбот е исправен. Очите се затворени. Телото опуштено. Вниманието е насочено кон движењето на папокот или кон струењето на воздух низ ноздрите. Ги набљудуваме мислите што надоаѓаат. Со смиреност и свесност. Од дистанца. Секакви мисли се дозволени, се додека за нив не се врзуваме. Не морализираме, не интелектуализираме. Само набљудуваме и увидот сам си доаѓа.
Сепак, првите чекори во Випасана најдобро да се направат под водство на искусен учител.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.