„Блум“ (Bloom) е македонски бренд на веганска козметика. Создаден од две девојки Андријана и Бисера кои веруваат дека за да го променат светот на подобро, прво треба да почнат од себе и своите навики.
Од каде Ви дојде идејата да започнете со производство на веганска козметика?
А: Отсекогаш сум се интересирала за домашно, рачно направени работи. Така и почнав уште поодамна да си правам домашна козметика која дел научив да ја правам гледајќи ја баба ми како ја прави. Имав потреба од природна козметика што нема состојки од животинско потекло која што или не можев да ја најдам локално или беше прескапа. Разговарајќи со Бисера дојдовме до идеја дека можеби е добро да се обидеме да ја произведуваме за наш пазар и така се роди идејата за „bloom“. Ни се чинеше како супер идеја затоа што е локално, природно, не наштетува на природата и е нешто што кај нас ретко може да се најде по пристапни цени.
Што ја разликува веганската козметика од обичната козметика која најчесто е застапена на пазарот?
А: Во веганската козметика нема никакви состојки од животинско потекло и не е тестирана на животни. Сите состојки се на база на растителни, базни и есенцијални масла и путери. Се соединуваат на ниска температура и со самото тоа се зачувуваат сите хранливи состојки што ги содржат маслата во завршниот производ.
Зошто е добра веганската козметика?
А: Сите масла се ладно цедени и не подлежат на преработка на високи температури. Со тоа кожата ги добива сите нутритивни вредности што ги содржат маслата. Има производи за секој тип на кожа, меѓутоа најголемата придобивка од природната козметика е дека одговара на секој тип на кожа и ја носи до баланс. Не може да имате никаков контра ефект и може да ја користат сите возрасни групи.
Каков е процесот на создавање на производите од кретивен до техничка изработка?
А: Нашите производи ги правиме со ладен процес затоа што сакаме да ги задржат сите нутритивни вредности. За сапуните тоа значи дека откако ќе ги направиме, се чека најмалку три недели пред да се пуштат во продажба. За тоа време се извршува процесот на сапунификација.
Омилен дел ми е кога испробувам како маслата реагираат едни со други, да го погодам соодносот, всушност правењето на рецептите. Секогаш ни е интересно и да испробуваме нови дизајни на сапуните и да си играме со изгледот сè додека не дојдеме до нешто што ни се допаѓа. Боите секако ги добиваме на природен начин со мешање на зачини и билки.
Кои производи Bloom ги нуди моментално на потрошувачите?
А: Сега за сега имаме шест вида на сапуни, крема за лице, дезодоранс креми и балзами за усни. Моментално работиме и на нови рецепти и производи кои планираме да ги споделиме со сите вас наскоро.

Каде може да се најдат вашите производи?
А: Производите може да се нарачаат на нашите страни на Инстаграм bloom.mk/ и Фејсбук bloom.natural/ . Во подготовка е и веб страна на која ќе може да се изврши нарачка. Работиме со достава низ цела Македонија.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.