Бастрика или „огнено дишење“ е традиционална пранајама техника за дишење која го прочистува умот, го активира телото и ги чисти каналите низ кои поминува праната (животната сила). Оваа техника го зголемува протокот на крвта во секој дел од телото, со што се зголемува виталноста на сите органи и ткива.
Бастрика е напредна пранајама техника и затоа е потребно да се има претходно знаење за абдоменално дишење. Пред практикување бастрика треба да бидат совладани основните пранајама техники како што е целосното или комплетно јога дишење. Упатствата за изведување на бастрика, треба да обезбедат општ и безбеден вовед во техниката. Се разбира, секогаш е најдобро да се научи нова пранајама техника лично од сертифициран учител.
Придобивки од бастрика пранајама
- ги чисти и подмладува белите дробови;
- го зголемува капацитетот на белите дробови;
- ги тонизира мускулите на срцето, бронхијалното дрво, дијафрагмата и стомакот;
- помага во зајакнување на срцето;
- ја прочистува крвта;
- го чисти и освежува црниот дроб, панкреасот и слезината;
- ги чисти носните канали, синусите и градите од слузот;
- ја подобрува циркулацијата;
- го балансира и го зајакнува нервниот систем;
- побудува чувство на мир, спокојство и фокус.
Контраиндикации
Бастрика не треба да ја практикуваат бремени жени, лица кои патат од висок крвен притисок, срцеви заболувања, епилепсија, вртоглавица и чир на желудник. Почетниците треба да ја работат бастрика многу внимателно.
Начин на изведба
Секоја пранајама теника се изведува на празен стомак, или 3 до 4 часа по јадење.
Седнете во било која удобна медитативна положба. ’Рбетот и главата нека бидат прави. Затворете ги очите и опуштете се.
Дланките се на колената. Дишете неколку пати природно и опуштено. Техниката ја започнуваме со енергично абдоменално издишување и контрахирање на стомакот, по што веднаш следи енергично вдишување со ширење на абдоменот. Ова претставува еден циклус. За почеток направете 10 до 20 циклуси. Техниката секогаш се завршува со издишување, по што следи длабоко и бавно вдишување.
Бастрика треба да се работи полека во текот на првите неколку недели. Зголемувајте ја брзината на издишувањето и вдишувањето постепено, како што белите дробови стануваат појаки.
Предупредување
Чувството на вртоглавица или потење укажува дека техниката не се работи правилно. Избегнувајте насилно дишење, грчење на лицето и претерано тресење на телото. Опуштете се во текот на изведување на техниката и одморете се по секој циклус.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.