Бакти значи пат на посветување кон одреден Бог или Божество, за што се верува дека води кон спасение или нирвана. Потекнува од санскритскиот збор „bhaj“ што значи „да го сакате или обожувате Бога“. Бакти формира една од патеките на јога – бакти јога.
Терминот „бакти“ може исто така да се толкува како „посветена служба“. Кога некој искажува вистинска посветеност тој/таа е несебичен во својата желба да му угоди на оној на кој се посветува. Се смета дека со сакање и служење на некој Бог или Божество, некој исто така ќе го сака и ќе му служи на Боженственото во сè, со што ќе најде спасение.
Бакти јога
Бакти јога е една од главните патеки што практикантот може да ги следи на патот кон самореализација. Ова е патот на љубовта и посветеноста. Понекогаш се опишува и како јогата на умот/интелектот.
Концептот на Бакти јога е опишан во светите хинду текстови, Багавад Гита и Упанишадите. Бакти се однесува на предавање на Боженственото или Универзалната свесност.
Намерата кога се практикува Бакти јога е да се посветиме на Боженственото кое се наоѓа во сè и на тој начин да го реализираме соединувањето на индивидуалното Себе со Бог. Мотивацијата е љубовта кон Бог, наместо страв од негативните реперкусии или казнувања.
Свами Вивекананда ја има опишано Бакти јогата како „пат на систематизирана посветеност за постигнување на соединување со Апсолутот“. Во различни поглавја, вклучувајќи го дванаесетото поглавје од Багавад Гита, Кришна ја опишува Бакти јогата како една од патеките за највисоко духовно достигнување.
Приврзаниците на Бакти јогата може да обожуваат одредено божество или да имаат поширок пристап кон посветување на Боженственото во сè. Во хиндуизмот, постојат три главни групи на приврзаници на Бакти кои обожуваат специфични Богови:
- Шаивисти, го посветуваат своето обожување на Шива и неговото семејство;
- Ваишнависти го посветуваат своето обожување на Вишну и неговите аватари;
- Шактисти го посветуваат своето обожување на божици како Дурга и Кали.
Сите три групи имаат апсолутно почитување кон другите групи и нивните Богови додека се фокусираат на нивните примарни богови.
Патеката на Бакти е патека на срцето и приврзаниците може да користат пеење, побожни мантри, молитви, киртан и ритуали како дел од обожување. Историски гледано, оваа патека била подостапна за жените или за оние од пониските касти од хиндуистичкото општество.
Се вели дека постигнување соединување со Бога преку Бакти јогата, бара трпеливост, решителност и апсолутно предавање и посветеност на патот, а не само површен обид за поклонување.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.