Ако практикувате јога некое време, тогаш многу е веројатно дека сте го слушнале името Б.К. С Ајенгар. Но, кој е тој и кое е неговото наследство во светот на јогата?
Кој е Б.К.С Ајенгар?
Белур Кришнамачар Сундарараја Aјенгар, попознат како Б.К.С. Ајенгар бил мајстор и учител по јога. Воедно и основач на ајенгар стилот на јога, соодветно именуван по него.
Роден на 14 декември 1918 година, во скромно семејство во Индија, Ајенгар уште од мали години станал жртва на разни болести. Боледувал од маларија, тифус, грип, туберкулоза и поради тоа не бил физички добар во младоста.
Така, во 1934 година, неговиот зет (сега познатиот учител по јога Тирумалај Кришнамачарја) го замолил Ајенгар да се пресели во Мајсор, Индија за да научи јога (конкретно, јога асана) за да го подобри своето лошо здравје.
Кришнамачарја често се нарекува „татко на модерната јога“ затоа што тој и неговите ученици биле во голема мера одговорни за ширење на модерната јога (првенствено практиката на асана) на Запад. Б.К.С. Ајенгар бил еден од најпознатите ученици на Кришнамачарја кој ја направил јогата позната.
Со доследно вежбање, физичкото здравје на Ајенгар почнало полека да се подобрува. За многу кратко време тој можел да практикува напредни асани како инверзии и длабоки свиткувања кон назад без никаков проблем.
Како што неговото физичко здравје продолжило да се подобрува, тој почнал да ги проучува и посуптилните аспекти на јогата. По некое време учење со неговиот гуру, Ајенгар бил испратен во Пуна, Индија за да ги шири учењата за јога.
Во текот на својот живот, тој објавил 14 книги за јогата, континуирано предавал на Запад и на крајот го создал свое училиште наречено Рамамани Ајенгар Меморијален јога институт во Пуна, Индија. Неговиот институт го добил името во чест на неговата покојна сопруга.
Зошто е познат во светот на јогата?
Познат меѓу блиските како „Гуруџи“, Ајенгар бил обожаван од неговите многубројни ученици. Тој предавал јога на изразито уникатен начин и со тоа ја направил физичката пракса достапна и применлива, а духовната практика успевал да ја доближи до секого.
Неговите часови биле познати по тоа што се користеле разни реквизити и се почитувале строги правила на местење при изведба на асани. Тој бил познат по тоа што бил строг учител со груб допир и неславно го нарекувале „лавот од Пуна“.
Но, сепак, неговите ученици ги сакале неговите учења и продолжиле верно да го следат. Б.К.С. Ајенгар не само што ја создал Ајенгар јогата, туку и ја применувал јогата со ѕидно јаже што многу влијаело на пронаоѓањето на модерната ресторативна јога.
Како што неговата „кариера“ напредувала, тој ја објавил својата прва книга со наслов „Светлина на јогата“. Истата станала меѓународен бестселер и е преведена на 18 различни јазици.
Бидејќи неговата премиерна книга била хит, тој објавил 13 последователни книги кои истражуваат теми како пранајама и други суптилни аспекти на јогиската филозофија.
Придонесот на Б.К.С Ајенгар за јогата
Малку луѓе влијаеле на јогата на Запад на начинот како што Б.К.С. Ајенгар влијаел. Ајенгар јога било едно од првите училишта што имале програми за обука на учители во Сан Франциско, Калифорнија, кој бил – и сè уште е – главен центар на јогата на Запад.
Преку неговите книги, семинари, познати ученици и часови, Ајенгар навистина го обликувал начинот на кој јогата се учи на Запад. Неговото екстремно внимание на асаните и правилната поставеност на телото при нивната изведба сè уште е начинот на кој се предава на повеќето модерни часови по јога.
Тој, исто така, бил еден од првите учители по јога што ја вовел анатомијата во училницата и на простирките.
Со големо внимание на држењето на телото, силна и енергична практика полна со забавни и предизвикувачки асани и импресивно разбирање на јогиската филозофија, Ајенгар влијаел на јогата на многу различни начини. Неговите учења сè уште се многу почитувани во истражувања ширум светот денес.
Тој не бил само јогин на простирката. Бил добро познат по неговите филантропски напори и дарежливи донации во добротворни цели.
До 95-годишна возраст, Ајенгар сè уште практикувал јога асани секојдневно, вклучувајќи напредни пози како што е стој на главата. Почина во 2014 година на 95-годишна возраст, но зад себе остави прилично големо и значајно наследство во светот на јогата.
Б.К.С Ајенгар и неговото наследство
Како модерни јогини, треба да сме благодарни на Б.К.С. Ајенгар за големиот удел во нашата јога пракса. Тој навистина го обликуваше начинот на кој јогата се учи во западниот свет, што засекогаш ја промени перцепцијата за јогиските практики.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.