Аштанга јогата е систем „документиран“ од мудрецот Вамана Риши во Јога Корунта, антички ракопис кој се вели дека содржи многу различни групирања на асани, како и оригинални учења за винјаса, дришти, банди, мудри и филозофија. Текстот на Јога Корунта му бил предаден на Т.Кришнамачарија во раните 1900-ти години од неговиот Гуру Рама Мохан Брахмачари, а подоцна му бил предаден на К.Патаби Џоис за време на неговите студии со Кришнамачарија во 1927 година. Од 1948 година Патаби Џоис предава аштанга јога во „Институтот за истражување Аштанга јога“, според светата традиција на Гуру Парампара (дисциплинска сукцесија).
Аштанга јога во буквален превод значи осум-делна јога, како што е наведено од мудрецот Патанџали во „Јога сутрите“. Според Патанџали, патот на внатрешното чистење за откривање на Универзалното Себство се состои од следниве осум духовни практики: јами, нијами, асани, пранајама, пратјахара, дарана, дијана и самади.
Првите четири дела јама, нијама, асана и пранајама се сметаат за практики за надворешно чистење. Според Патаби Џоис, „дефектите“ во надворешните практики можат да се корегираат. Меѓутоа, „дефектите“ во внатрешните практики како пратјахара, дарана, дијана и самади не можат да бидат корегирани доколку не се следи правилниот метод на Аштанга јога. Поради оваа причина, Патаби Џоис потенцира дека Аштанга јога е метод на Патанџали јога.
Дефиницијата за јогата е „контрола на умот“ (citta vrtti nirodhah). Првите два чекори кон контрола на умот се усовршување на јамите и нијамите. Сепак, овие чекори не може да се практикуваат кога телото и сетилните органи се слаби и обземени од пречки. Практикантот, прво мора да има дневна асана пракса за да го направи телото силно и здраво. Кога органите во телото и сетилата се стабилизирани, умот може да биде стабилен и контролиран. Со контрола на умот, практикантот може да ги применува и разбере првите два чекори.
За правилно изведување на асаните во Аштанга, мора да се применуват винјаса и триштана. Винјаса значи систем на движење и дишење. Секое движење е поврзано со еден здив (вдишување или издишување).
Винјаса
Целта на винјасата е внатрешно чистење. Синхронизирањето на дишењето и движењето во асаните ја загрева крвта, чистејќи ја за да може слободно да циркулира. Подобрената циркулација на крвта ја ублажува болката во зглобовите и ги отстранува токсините и болестите на внатрешните органи. Потта што се создава од топлината на винјасата ги исфрла нечистотии надвор од телото. Преку употреба на винјаса, телото станува здраво, лесно и силно.
Триштана
Триштана се однесува на соединување на три места на внимание или акција: држење на телото, дишење и место за гледање. Овие три се многу важни за јога праксата и опфаќаат три нивоа на прочистување: телото, нервниот систем и умот.
Положба
Методот за прочистување и зајакнување на телото се нарекува асана. Во Аштанга јога, асаните се групирани во шест серии. Примарната серија (Yoga Chikitsa) го детоксифицира и го „мести“ или позиционира телото. Средната серија (Nadi Shodhana) го прочистува нервниот систем со отворање и прочистување на енергетските канали. Напредните серии A, B, C и D (Sthira Bhaga) ги интегрираат силата и грациозноста на праксата, што бара од практикантот повисоки нивоа на флексибилност и смиреност. Секое ниво треба да биде целосно совладано пред да се премине на наредното и последователно да се следи секвенцијалниот редослед на асаните. Секоја положба е подготовка за наредната, развивајќи ја силата и рамнотежата што се потребни за да се продолжи напред. Без сериозен напор и почит кон практикувањето на јамите и нијамите, праксата на асаните ќе биде од мала корист.
Дишење
Техниката за дишење која се изведува за време на асана праксата се нарекува уџаи (победнички здив), која се состои од вдишување (пурака) и издишување (речака). И вдишувањето и издишувањето треба да бидат стабилни и рамномерни, а должината на вдишување треба да биде иста како должината на издишување. Со текот на времето должината и интензитетот на вдишувањето и издишувањето треба да се зголемат, така што зголеменото „издолжување“ на дишењето го иницира зголеменото истегнување на телото. Долгото, рамномерно дишење го зголемува внатрешниот оган и го зајакнува и прочистува нервниот систем.
Банди
Бандите се основни придружни компоненти на техниката за дишење уџаи. Банда значи „заклучување“. Целта на бандата е да ја отклучи праничната енергија и да ја насочи кон 72.000 надии (енергетски канали) на суптилното тело. Мула банда се изведува со контракција на мускулите на перинеумот (кај жените грлото на матката) навнатре, а потоа мускулот се повлекува кон горе, за да се одржи енергијата. Удијана банда се изведува со повлекување на дијафрагмата кон градниот кош, а абдоменалните органи ги контрахираме навнатре, кон ‘рбетот и нагоре. Двете банди ја заклучуваат енергијата, даваат леснотија, сила и помагаат да се изгради силен внатрешен оган. Мула банда работи на коренот на телото за да се заклучи телото внатрешно за удијана банда да ја насочи праната нагоре преку надиите. Џаландара банда претставува заклучување на грлото што се јавува спонтано во суптилна форма во многу асани поради дршти (точката на фокус) или позицијата на главата. Ова заклучување спречува праничната енергија да излезе од телото и го спречува создавање на притисок во главата кога се задржува воздухот. Без контрола на бандите дишењето нема да биде правилно, а асаните нема да дадат никаква корист.
Дришти – точка на фокус
Дришти е погледот, односно точката на која се фокусирате при изведување на асаната. Постојат девет дришти и тоа: носот, просторот помеѓу веѓите, папокот, палецот, рацете, нозете, горе, десната и левата страна. Дришти го прочистува и стабилизира функционирањето на умот. Во изведување на асаната кога умот се фокусира само на вдишувањето и издишувањето и на дришти се отвора патот за практиките на дарана и дијана.
Воведување на прајамата започнува откако практикантот добро ги научил асаните и може да ги изведе со леснотија. Пранајама значи преземање на суптилната моќ на виталниот „ветер“ преку издишување (rechaka), вдишување (puraka) и задржување на здивот (kumbhaka). Според Патаби Џоис само овие крии, практикувани со трите банди (мускулни контракции или енергетски заклучувања) во согласност со правилата можат да се наречат пранајама и треба да се практикуваат при изведба на асаните. Кога мула банда е усовршена, контролата на умот е автоматска. На овој начин Патанџали ја започнува јогата. Со употреба на мула банда и со контролирање на умот, тој се стекнал со знаење за јогата.
Практикување на асани долги години заедно со правилни винјаси и триштана му дава на практикантот јасност на умот, стабилност на телото и прочистување за да започне со пропишаната пракса на пранајама. Преку практикување на пранајама, умот се усмерува во една насока и го следи движењето на здивот. Пранајамата ја формира основата за внатрешните практики за чистење во Аштанга јогата.
Четирите внатрешни практики на чистење – пратјахара, дарана, дијана и самади го доведуваат умот под контрола. Кога ќе заврши чистењето и ќе се случи контролата над умот шестте отрови што го опкружуваат духовното срце: желба (kama), лутина (krodha), заблуда (moha), алчност (lobha), мрзливост (matsarya) и завист (mada) – ќе исчезнат еден по еден целосно, откривајќи го Универзалното Себство. На овој начин правилната пракса на Аштанга јога под водство на Гуру со покорен ум, непоколеблив од надворешните и внатрешните сетилни органи води кон една целосна реализација на осум-делната јога на Патанџали.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.