Close Menu
Омниа
    Facebook X (Twitter) Instagram
    петок, мај 16
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    Омниа
    • Јога
    • Здравје
    • Личен развој
    • Духовност
    • Авантури и природа
    • Глобална свесност
    • Рецепти
    • Астрологија
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    Омниа
    Home»Јога»Аштанга јога – најбрзиот духовен тренинг на денешницата
    Јога

    Аштанга јога – најбрзиот духовен тренинг на денешницата

    Аштанга јога - најбрзиот духовен тренинг на денешницата интервју со Ваирагја Ранко
    Gorjana BojadzievskaBy Gorjana Bojadzievska22/05/2020Updated:17/01/2023Нема коментари9 Mins Read
    Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email
    Аштанга јога - најбрзиот духовен тренинг на денешницата - интервју со Ваирагја Ранко
    Аштанга јога - најбрзиот духовен тренинг на денешницата - интервју со Ваирагја Ранко
    Share
    Facebook Twitter LinkedIn Pinterest Email

    Да се биде вистински јогин е прилично субјективна квалификација, а главно се однесува за оние кои инспирирале многумина, преку начинот на кој го живеат сопствениот живот и го отелотворуваат патот на јогата. Еден од таквите јогини е Ваирагја Ранко Стоилковиќ, Аштанга учител, директор и сопственик на Аштанга Јога центарот во Белград.

    Далечната 1971 година, инспириран од книгата „Психички тренинг на индиските факири и јогини“од психологот Живорад Михаловиќ Славински, Ранко започнува да практикува пранајама техники и техники за концентрација. Во тие средношколски денови, големо влијание врз него извршил и писателот Херман Хесе. Посетувал часови кај Јасмина Пуљо, но сепак претпочитал да вежба сам. Редовно ги вежбал „Поздравот на сонцето“ и „Ришикешовата серија на асани“.

    Љубовта кон каратето и воопшто боречките вештини го обземала. Поголемиот дел од времето го поминувал на тренинзи и во читање книги. По одредено време поврзаноста меѓу јогата и боречките вештини му станува кристално јасна – тренингот на умот. Една слика на познатиот јапонски карате мајстор Гоген Јамагучиј како медитира во лотус положба над водопад, му оставила огромен впечаток и под влијание на истата, одлучува да стане карате мајстор и јогин.

    На 19 годишна возраст се соочува со здравствени проблеми, односно проблеми со срцето, па поради тоа бил и ослободен од воена служба, а истовремено му било забрането вежбањето карате.  Во тој период се посветува целосно на јогата и почнува со здрава исхрана. После седум години здравствената состојба се нормализира и Ранко се враќа се враќа на каратето и станува  државен репрезентативец.

    Во 1994 година за првпат заминува во Индија, каде се среќава со првата гуру, Свами Шивамурти Сарасвати. Својата мантра ја добива во Бихарската школа за јога во Мунгир.

    Од 1996 година започнува да живее во ашрамот Сатјананда во предградието на Атина, во подножјето на планината Имитрос. Истата година е инициран во Крија јогата и Татва Шуди. Во 2000-та година е инициран во “poorna sannyasa diksha patra” и станува Свами Ваирагјаратна Сарасвати, со што неговиот живот целосно се променува.

    Во 2008 година заминува во Мајсор, Индија во Институтот за Аштанга јога на К.Патаби Џоис (KPJAYI). Како што самиот вели во истиот момент кога пристигнал на обука кај семејството Џоис, знаел дека е на вистинското место бидејќи го обеземала неопислива количина на љубов, мир и спокојство како и при првата средба со Свами-џи.

    За неговиот живот може да се каже дека е составен од две традиции на Крија јогата, првата – тантичката и втортата –  Аштанга јогата по традиција на К.Патаби Џоис.

    Аштанга јога - најбрзиот духовен тренинг на денешницата - интервју со Ваирагја Ранко
    фотографијата е преземена од веб страната на Аштанга Јога Белград

    Што претставува јогата за вас, а поконкретно Аштангата?

    В.Р: За мене, јогата е самиот живот. Таа ме учи како да живеам подобро, секогаш подобро, како индивидуално така и кон другите околу мене. Имам навика да кажам дека јогата значи да се биде подобар секој ден.

    Аштанга јогата е всушност идеален пат кој за мене и за голем број луѓе денес, одговара како главно средство за континуиран развој, за квалитетна работа на себе на секое ниво.

    Некој има речено дека во Аштанга јогата за прв пат во историјата на духовноста се сумирало врвно духовно тренирање и врвниот фитнес што носи одлични резултати. Јас целосно го делам ова мислење. Аштанга јога всушност во согласност со „Јога Сутрите“ на Патанџали, е најбрзиот духовен тренинг на денешницата, ако може така да се каже.

    Што претставува Мајсор праксата?

    В.Р: Мајсор праксата е идеален начин за учење јога. Ова можам да го кажам, затоа што сум пробал различни начини на вежбање и затоа тврдам дека за повеќето луѓе ова е најефикасниот начин на учење. Се напредува постепено и секоја претходна техника е услов за наредната. По некое време, најчесто години вежбање, праксата станува природна, спонтана, а практикантот сè повеќе медитативен. Сепак, овој метод на вежбање е комбиниран со т.н. „воден час“ кој дополнително ги збогатува асаните и пранајамата и исто така допринесува за свесност во сегашниот момент и смиреност на умот, што е целта на јогата и сите духовности.

    Какво влијание имаше јогата врз вашиот живот? Како јогата го има променето вашиот живот?

    В.Р: Јогата изврши најголемо влијание во мојот живот. Можам да кажам дека таа ми го врати изгубеното здравје, ме научи повторно да станам активен, полн со самодоверба, искуствено да се здобијам со она што болеста во најчувствителните години од мојот живот ми го одзема.

    Во почетоците упорно го практкував „Поздравот на Сонцето“ составен од 12 положби, основните асани и пранајама техники и постојано се обидував да медитирам. Годините си поминуваа и ненадејно наидов на книгата „Вовед во кундалини и тантра“ од Парахамса Сатјананда. Таа книга вистински ме мотивираше. После неколкугодишно вежбање по оваа книга и по заминувањето во Индија, дежаву искуствата како и визиите ми станува кристално јасно дека јогата и санјасата се мојот животен пат.

    Иако дипломирав на Правниот факултет во Белград, со право се занимавав само околу три години, работејќи во компанија. Сè друго дојде спонтано како производ на мојата желба да бидам свој, да работам и да им помагам на луѓето на мој начин.

    Како одлучивте да станете јога учител и што според вас е добар јога учител?

    В.Р: Станав јога учител по сугестија на мојата гуру. Јас само сакав да учам од Свами-џи. Немав однапред идеја да станам учител, за да станам учител по јога не морав да одам во ашрам. Свами-џи многу работеше со мене. Учев разни вештини и тоа не само од нејзе. Исто така, подучував и карате и Таи-чи во ашрамот. А потоа таа ми рече дека треба да подучувам и јога.

    Всушност слушањето на учителот, заедно со трпеливоста е најголемата, клучна вештина за духовен раст. Без разлика дали ќе станете готвач или јога учител или станува збор за нешто сосема трето, ќе го правите тоа извонредно.

    Добриот јога учител секогаш се грижи неговите ученици да работат на себе на квалитетен начин, прилагодувајќи ги техниките за да може да го извлечат секогаш максимумот од нив на секое ниво, работејќи со секого поединечно, иако најчесто јогата се практикува групно.

    Тоа е всушност постојана размена на љубов со учениците, љубов кон нив и постојан обид да се направи подобра личност од било кој ученик. Секако еден вистински учител засекогаш се чувствува како ученик и постојано работи на себе, за да може секогаш да биде подобар за себе и за другите.

    Имате поминато осум години во Satyananda ашрамот во Грција. Каков е животот во ашрам? Ако можете накратко да објасните како изгледа еден вообичаен ден?

    В.Р: Тоа беше одличен период од мојот живот. Еден класичен ден во ашрамот започнува многу рано. Практично, пред вашата карма јога треба да ја направите вашата садана или пракса. Пример, ако од пет часот наутро имаме јога час или нешто друго на распоред, треба да станам во три наутро да се избањам, да направам 20 крии и во пет веќе да започнам со јога.

    По појадокот, како и повеќето мажи поголемиот дел од времето го поминував во градење на ашрамот, а тоа беа часови и часови работа со големо задоволство. Не е важно што правите, но тоа чувство на помагање и служење неверојатно исполнува и прочистува. Работата всушност не прочистува да се одржиме во прекрасна енергија. Имав среќа од почетокот на ашрамскиот живот да бидам под директен тренинг на Свами-џи. По неколку часови поминати во градење, имав чест да го подготвувам ручекот за Свами-џи и јас и уште неколку најблиски ученици, ручавме заедно со нејзе.

    Во една прилика носев дел од храната од главната кујна и не ја донесов кока-колата, која ретко, многу ретко беше на нашето мени. Свами-џи ме праша дали сум донел сè, а јас и одговорив дека донесов сè, освен кока колата бидејќи не е здрава. На мое изненадување Свами-џи ми одговори дека понекогаш и малку отров е добро и да одам да ја донесам. Таа не учеше цело време. Премногу сум и благодарен.

    Секојдневно по желба на Свами-џи вежбав карате околу еден час. Навечер често водев киртан и mahamrityunjay мантра, што сè уште го правам во мојот центар Аштанга јога шала Белград.

    За да можете вистински да навлезете во јогата а и не само во јогата, потребен е мајстор учител кој знае да ви го пренесе знаењето. Ашрамскиот живот е еден начин. Бескрајно уживав во ашрамскиот живот и тоа ме доведе до Аштанга јогата, па затоа денес велам дека практикувам две традиции на Крија јога, тантричка крија и Аштанга јога по традиција на Шри Кришна Патаби Џоис и Шри Шарат Рангасвами Џоис, моите гуруа за аштанга јога.

    Во 2005-та година по повеќе од осум години поминати традиционално во ашрамот на мојот гуру Свами Шивамурти Сарасвати, патот ми се спојува со Аштанга јогата и започнувам сам да учам преку VHS касети, а потоа и DVD-a. Чувствувам дека оваа Крија јога најмногу ми одговара мене и наредните две ипол години се подготвувам за Мајсор, Индија каде одам на обука кај семејството Џоис. Во 2008-ма година ги поминувам првите два месеци на обука во KPJAYI во Мајсор, Индија.

    Каков совет би им дале на оние кои започнуваат со јога патувањето?

    В.Р: Да станат доволно чувствителни за да можат да почувствуваат кој е нивниот животен пат и ако тоа е јогата, да дознаат кој начин на вежбање, да следат одредена традиција, линија на учители/мајстори, затоа што така најверојатно е дека ќе се движат на вистинскиот пат. Се разбира сите ние пред сè сме ученици и не е неопходно сите да станеме учители.

    Која е вашата дарма, вашата животна мисија?

    В.Р: Мојата дарма е секако да работам на себе дур сум жив,  да ја вежбам Крија јогата и Аштанга јогата и да го пренесувам знаењето од своите учители.

    УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
    Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.
    ашатанга јога ашрам Ваирагја Ранко Индија интервју јога Мајсор Патаби Џоис Шарат Џоис
    Share. Facebook Twitter Pinterest LinkedIn Tumblr Email
    Previous ArticleЈин и Јанг – хармоничен танц на спротивностите
    Next Article Светиот цвет – Лотос
    Gorjana Bojadzievska

    Related Posts

    Пренатална јога: Подгответе го телото за бременоста

    09/09/2024

    Медитација и јога во природа: Придобивки, совети и најдобри места во Македонија

    25/05/2024

    Болка во зглобовите при јога? 11 совети за спречување на болки во зглобовите

    05/02/2024

    Comments are closed.

    Омниа.мк
    info@omnia.mk
    контакт телефон +389210180
    Copyright © 2023 Omnia.mk

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.