Ахимса или ненасилство е можеби еден од најмоќните, широко познати концепти во светот, a сепак многу погрешно разбран. За многумина, патот на ахимса е поплочен со пречки, жртви, трпение и екстремна упорност. Пат кој само неколкумина може да го поминат.
Иако ахимса е патот на високо еволуираниот, не е само за оние кои се откажале од сè. Како се практикува ахимса и кои се нејзините придобивки? Каде завршува ахимса и започнува химса или насилство? Кои се заблудите за ахимса?
Практиката на ахимса е патување што ги отвора очите и го менува животот.
Што е ахимса?
За многуте проблеми што моментално го мачат општеството и околината, во голема мера, може да се обвинат одредени човечки особини, како што се заблуда, егоцентризам, гордост и алчност.
Не успеваме да разбереме дека уредната, чиста облека, говорењето странски јазици, поседувањето софистицирани уреди итн. не се белег на еволуирана свест.
Видовме во минатото, го гледаме во сегашноста и сигурно ќе го видиме во иднина. Некои луѓе лесно се разликуваат од другите по начинот на кој живеат, размислуваат, дејствуваат и постапуваат со живите и неживите суштества што ги опкружуваат. Личности како Буда, Махавира, Ади Шанкара, Свами Вивекананда, Рамана Махарши и Шивананда Сарасвати се одлични примери на вистински еволуирани суштества кои го примениле принципот на ахимса во нивните животи и во секоја нивна акција. Тие беа вистински јогини и за да се дојде до такво „ниво“ треба да се совлада телото и да се дисциплинира умот.
Практично е невозможно да се скротат сетилата и да се канализира своеволниот ум без помош на јогиските техники. „Кодовите“ за самодисциплина на Раџа Јога, познати како јами (yamas), се особено важна практика за сите луѓе. Јамите се повеќе од само правила, тие се фази на свест што секој човек мора да цели да ги постигне.
Постојат пет главни јами во Раџа Јога. Од петте, ахимса е прва и основна.
Буквалното значење на ахимса е „не убивање или неповредување“, но неговото вистинско значење ја надминува оваа дефиниција. Да се практикува ахимса значи да се воздржиме од предизвикување штета, болка и повреда, физички и психички, на секое живо суштество. Практиката на ахимса не е лесна затоа што треба да се воздржите од мисли, зборови и дела кои се со лоша намера кон другите.
Во никој случај ахимса не е пасивен концепт. Ахимса е поим за љубовта. Не е само отсуството на омраза, туку љубовта кон други што расте од комбинација на внатрешна сила, моќ, простување и самопожртвуваност.
Каде завршува ахимса и каде почнува химса?
Самата мисла за предизвикување болка или лоша намера кон другите се толкува како химса – насилна акција.
Употребата на груб говор кон другите, особено за подредените и сите оние што ги сметате за инфериорни во однос на вас на кој било начин се смета за химса. Дури и помислата дека другите се инфериорни во однос на вас на кој било начин, претставува форма на химса.
Зборовите, изразите, гестовите и постапките што имаат намера да ги повредат чувствата на луѓето се сметаат за химса. Зборувајќи лошо за некоја личност зад грб и некултурно, (непристојно, неучтиво) зборувајќи во присуство на други, исто така, создава химса. Да се остане неактивен, или да не се преземе ништо во очи на неправда е исто така химса.
За да практикуваме ахимса, мора да зборуваме само добри работи за другите и да ги избегнуваме сите форми на негативни, груби и болни зборови. Ние мора да создадеме чисти мисли. Љубомората, огорченоста и инаетот немаат место во еволуираниот ум. Вашите постапки – директни и индиректни – треба да им користат на другите. Ова се атрибутите на ахимса.
Кои се заблудите за ахимса?
Ако ненасилството врз сите живи суштества е ахимса, тогаш оние што консумираат месо се следбеници на химса. Ова е аргументот што многу приврзаници на вегетаријанството го даваат со векови. Контра-аргументот ја доведува во прашање употребата на растенијата како извор на храна, бидејќи и растенијата се живи организми.
Неспорен факт е дека не можеме да поминеме низ животот без да убиеме други живи суштества. Секоја наша акција, голема или мала, претставува некаква форма на химса кон живо суштество. Убиваме илјадници или милиони микроорганизми само со дишење. За енергија сме зависни од растенијата и/или животните. Ова е неизбежно бидејќи нашето тело е фабрика за хемикалии, а не машина што работи на надворешна батерија.
Еден пример од големото дело „Махабхарата“ може да ни помогне да го разбереме подобро „концептот“ на ахимса. Кришна, херојот на Бхагавад Гита, беше кукларот на големата епопеја. Преку своите постапки, тој ја навали вагата во корист на Пандава. Тој го потсети херојот Арџуна на неговата морална должност да се бори на бојното поле и обезбеди на крајот дарма или праведност да победи. Иако Господ Кришна го користеше секој „валкан“ трик во книгата за да ги победи Каурава, тој нашироко се смета за персонификација на ахимса. Ова е сосема точно, бидејќи неговите постапки беа ослободени од омраза и беа водени од длабоката љубов кон човештвото и природата. Работеше за поголемо добро на човештвото и за заштита на животите на невините и чистите.
Така, терминот „ненасилство“ треба да добие попрактично значење – не чувствување омраза кон другите. Вистинското значење на ахимса е да се живее живот без завист, алчност, љубомора и омраза. Треба да посакуваме само добри работи дури и за нашите непријатели, а нашите изрази, гестови, зборови и дела мора да ја одразуваат оваа чиста мисла.
Кои се придобивките од ахимса?
Гледајќи ги нашите постапки, оние на луѓето околу нас и целиот свет, може да стане јасно дека имаме навика да изведуваме химса во големи размери. Разбирањето на вистинското значење на ахимса и стремежот да се придржуваме до неговите принципи може да ни помогне да отстапиме од патот на самоуништување.
Ахимса се смета за најголема од идеалите и со нејзина практика, ќе ги совладате сите други доблести и јогиски принципи. Омразата избледува пред ахимса.
Според древните јогини, нема поголема сила од ахимса во овој свет. Вистинскиот практикант на ахимса може да стане складиште на незамисливи сили. Се верува дека човек може да стане апсолутно бестрашен, да стави крај на сите форми на непријателство, да ја прошири сферата на влијание врз другите суштества и да го смени текот на светските настани совладувајќи ја ахимсата.
Како да се практикува ахимса?
Ахимса нè учи да ги сакаме сите и да ги сметаме сите суштества за божествени и еднакви. Според таквите начела, повредувајќи ги другите, вие, пак, го повредувате божественото во вас.
Само храбрите можат да ја практикуваат, бидејќи моќта на ненасилство се троши кај кукавицата. Овој концепт е добро објаснет во епот Махабхарата. Непосредно пред почетокот на војната Курукшетра, кога Арџуна одби да се бори користејќи ја ахимса како одбрана за да ја оправда својата неактивност, Господ Кришна го нарече кукавица. Ова се случува затоа што практикантите на ахимса се храбри и силни во срцето, додека Арџуна го спушти лакот затоа што се плашеше да се бори со своите роднини.
Ахимса треба да се практикува секоја секунда, минута, час и ден од вашиот живот. Човек мора да се воздржи од предизвикување и најмала штета на другите во мислите, зборовите и постапките.
Ахимса е крајната форма на љубов кон неживите и живите, вклучувајќи ги растенијата, животните и сите човечки суштества, особено непријателите. Започнете со заштита на природата и намалување на дејствата што можат да и наштетат на животната средина. Научете да ги почитувате другите онакви какви што се. Никогаш не дозволувајте зависта, одмаздата, алчноста и гневот да ги контролираат вашите мисли и постапки.
Додека ја практикувате ахимса, ќе бидете сериозно тестирани. Ќе се соочите со тешкотии, но никогаш не се откажувајте. Со текот на времето, ќе научите да ги сакате и почитувате членовите на семејството, пријателите, роднините, заедницата и секоја личност каде и да сте во светот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.