Атман е бесмртниот аспект на нашето постоење, индивидуалното Јас, кое се крие во сѐ што е создадено, вклучувајќи не и нас луѓето. Тоа е микрокосмосот што го претставува макрокосмосот во секој од нас, давајќи ни божествените квалитети и можности и обезбедувајќи ни свест и причина да постоиме и да ги доживуваме болките и задоволствата на земниот живот.
Атман е самиот Браман, Себството што се „спушта“ во елементите на природата преку самопроекција или манифестација и учествува лично во играта на самоиндуцирана илузија и чиста радост. Сепак, врзани за сетилата и ограничени од егото, врските, дуализмот и сетилното знаење, ние, не ја перцепираме вистината. Се вклучуваме во светот и во тој процес забораваме кои сме. Како личност која патува во далечни земји и ги заборава своите корени, идентитет и татковина.
Кога гледаме наоколу, ретко гледаме внатре. Кога сме целосно вклучени во светот, ја губиме свесноста за себе и се впуштаме во задачата што е зададена. Така, природата ги создаде нашите умови и тело за да не држат врзани. Така, гледаме кон надворешниот свет и не се гледаме себе во него.
Себството е тивок партнер во сите наши дела и искуства, набљудувач и живеалиште на сите отелотворени суштества. Неговата природа не може соодветно да се објасни или опише на било кој јазик кој го зборува човекот, бидејќи е надвор од сетилата и умот. Таму не можат да патуваат очите, ниту говорот, ниту умот.
Може да се доживее само кога целата сетилна активност престанува да има влијание врз умот, кога самиот ум е ослободен од мислите и желбите, кои се главната причина за целата човечка активност и страдање. Себството „се појавува“ кога умот и петте сетила се смируваат.
Иако е опишан како пламен, со големина на палецот, за кој се вели дека постои физички во просторот помеѓу веѓите, или психички во срцето, неговата точна локација е неизвесна. Атман нема физички или ментален аспект како таков, освен како обичен одраз или идеја во интелигенцијата на умот. Сепак, несомнено тој постои и e реален. Сè друго е лажно или илузија, која венее, смачкана од тежината на гревовите, распаѓањето на светот и временските притисоци.
Над сетилата е умот, над умот интелектот, над тоа е егото, а над егото е неманифестираната кауза. Над тоа е Браман, кој е сеприсутен и без атрибути.
Егото е „лошиот братучед“ на Атман, лажниот центар, кој го презема господарството и сопственоста на умот и телото, додека во реалноста тој е обичен одраз, производ на илузија и ментална проекција, роден од сензорни искуства и акумулација на спомени и мисли. Додека основата на Атман е реалноста, трајноста и блаженството, природата на егото е илузија, непостојаност и страдање.
Атман во Упанишадите
Егото е секогаш во незнаење и мрачност. Во Ката Упанишад се објаснува релативниот статус на двете Себства на следниов начин: „Постојат две Себства, засебното его и неразделниот Атман. Кога индивидуата ќе се издигне над „јас“ „мене“ и „мое“, Атман се открива како вистинското Јаство.“
Иако Атман се наоѓа во сите нас, не можеме соодветно да го разбереме со нашата обична свест. Во Кена Упанишад, учителот им ја објаснува тешкотијата во познавањето на Себството на учениците со следниве зборови: „Ако мислите дека го познавате Себството, не го познавате“. И студентот признава: „Не мислам дека го познавам Себството, ниту можам да кажам дека не го познавам“.
Идејата што е имплицирана или предложена во Упанишадите е дека Атман не може да се разбере со обична свест, кога сетилата се активни и кога умот е нестабилен, а интелигенцијата е под влијание на желбите, заблудата и двојноста, кои се мешаат со процесот на познавање и препознавање на вистината и вистинското знаење.
Умот и сетилата стојат помеѓу двата поларитети на познавачот и познатото, или субјектот и објектот. Тие спречуваат индивидуата да го познава, разбере и сфати Атман како негово Себство. Умот е несовршен инструмент со својствена неможност да го разбере Атман.
Како да се разбере Атман?
Кое е решението, или процесот со кој Атман станува очигледен? Упанишадите се јасни. „Себството не може да биде познато од индивидуа која не ги контролира своите сетила и која не практикува медитација или нема дисциплина.“
Себството не може да се спознае преку проучување на списи, ниту преку интелектот, ниту преку научените дискурси.
Воспоставувањето на врската помеѓу надворешниот и внатрешниот свет не е нималку лесно. Треба да се поминат низ многу состојби и фази, да се надминат многу пречки, да се отстранат многу нечистотии, да се стишат многу звуци во умот и телото за да се постигне крајната цел.
Себството е ултимативна мистерија на човечкиот живот. Да се знае дека тоа е крајната цел, која една личност може да ја постигне можеби по многубројни раѓања е извонредно. Додека обичните луѓето се „борат“ во смртниот свет со нејасни копнежи и неисполнети желби, неколкумина успеваат да го постигнат скоро невозможниот сон – да знаат кои се. И светот им се поклонува.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.