Во античките времиња медитацијата била цел, а асани – средство за зголемување на капацитетот на телото и умот. Целта на асаните има длабоко значење и вредност во развојот на личноста, како во физички така и во ментален и духовен поглед.
Многумина сметаат дека асаните се еден вид на гимнастички вежби. Тоа е сосема погрешно мислење, затоа што асаните не се наменети ниту за акробатски движења, ниту за развивање на непотребно големи мускули. Асана значи состојба во која може да останете подолго време, мирно, стабилно и удобно, и физички и ментално. Во древниот текст за јогата кој го напишал Патанџали во т.н. „Јога сутри“, постои дефиниција за што претставува асана – „стабилна и удобна положба“. Асаните се изведуваат за развивање на способноста за седење во една положба подолго време, како што се случува за време на медитација.
Како асаните ги добиле своите имиња?
Многу асани имињата ги добиле од природните движења и позиции на животните, како што се мачка, риба, тигар. Овие положби претставуваат добар пример од природата за тоа како да си помогнеме себеси. Животните инстинктивно се користат со овие движења поради нивните физички придобивки. Овие ефекти се постигнуваат преку практикување на асани. На пример, марџари (мачка) е добра за истегнување на телото и ’рбетот, буџангасан (кобра) за ослободување на агресија.
Асаните исто така може да се изведуваат и за лекување на разни заболувања, како и за одржување на оптимално здравје. Со благо истегнување на мускулите, со масажа на внатрешните органи и тонизирање на нервите на целиот организам, здравјето на практикантот може да се подобри. Истовремено многу болести можат да се олеснат или потполно да се отстранат.
Јога асаните се работат бавно со опуштање и концентрација. На тој начин се влијае и на надворешните и на внатрешните системи на телото. Асаните имаат физички и психоанатомски ефекти кои се од голема помош во отстранување на различните недостатоци.
При изведување на асаните мускулите, коските, нервите, жлездите, системот за дишење и циркулација како и органите за излачување соработуваат така што си помагаат еден на друг. Асаните постепено го прават телото поеластично и поспособно за лесно прилагодување на промените во околината. Ја стимулираат функцијата за варење поттикнувајќи правилно лачење на различни дигестивни сокови. Симпатичкиот и парасиматичкиот систем се доведуваат во состојба на рамнотежа која се одразува и на хармонизирање на органите кои ги регулираат овие системи (белите дробови, срцето, желудникот, цревата, црниот дроб, бубрезите). Тие се психосоматски вежби со кои се зајакнува и се балансира целиот нервен систем и се усогласува и стабилизира состојбата на умот. Ефектите од овие вежби се чувство на задоволство, јасност на умот, релаксација и чувство на внатрешен мир и слобода.
Дишењето игра значајна улога во изведбата на асаните. Со координацијата на дишењето и движењето практиката на јога станува хармонична, дишењето се продлабочува и циркулацијата и метаболизмот на телото се стимулирани. Правилното дишење во голема мера ја подобрува мускулната релаксација, концентрирајќи се на напнатите делови од телото, свесно се релаксираат со секое издишување.
Со практикување на асаните се развива моќ за одлучност и концентрација. Умот се здобива со рамнотежа и живост. Ќе бидете во состојба многу полесно да се соочите со тагата, вознемиреноста и секојдневните проблеми на мирен начин.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.