Антармона е санскритски термин што значи „внатрешна тишина“. Претставува техника која вклучува трансформирање и контролирање на мисловните процеси преку свесност и набљудување. Со повлекување на сетилата низ оваа техника, јогините ја набљудуваат внатрешната и основната структура на умот и мисловните процеси.
Оваа техника е составена од шест фази. Првите три фази на антармона треба да бидат совладани пред да се премине на понапредните (четвртата, петтата и шестата фаза). До шестата фаза јогинот ја достигнува состојбата на dharana (концентрација) или дури dhyana (длабока медитација).
Фази на антармона:
1. Свесност за сетилната перцепција
2. Свесност за спонтаните мисли
3. Креирање и отстранување на мисли
4. Чиста свесност и отстранување на спонтани мисли
5. Создавање состојба во која нема мисли
6. Јасна свесност за избраниот личен симбол на јогинот.
Подолу ќе бидат објаснети првите две фази на антармона.
Фаза 1 – свесност за сетилната перцепција
Антармона всушност припаѓа на петтата гранка од осумчлената јога. Петтата гранка од осумчлената јога се нарекува пратјахара (pratyahara), што значи повлекување на сетилата.
Не е возможно да се достигнат „повисоките“ гранки на јогата како dharana, dhyana или samadhi, без правилно повлекување на сетилата на систематски начин без потиснување. Потребно е да се има аналитичен пристап кон спиритуалноста и да се разбереме дека не може веднаш да се практикува dhyana без претходна соодветна подготовка на телото и умот.
Како да ги повлечеме сетилата?
Сетилниот систем на човекот е составен од пет сетила, вид, слух, мирис, вкус и допир, преку кои го перцепираме светот околу нас. Сетилата неодредено се дефинираат како физиолошка способност која им овозможува на луѓето да примаат дразби.
При првата фаза на антармона учиме како да ги повлечеме сетилата. Најпрво со затворање на очите стануваме свесни за останатите сетилни искуства околу нас. Можеме да слушнеме звук од соседната соба, кој треба да го набљудуваме свесно без да се врзуваме за истиот. Потребно е да го разделиме сетилото од сетилното искуство и да развиеме свесност само за искуството од сетилната вибрација. Колку повеќе ја повторуваме оваа фаза, толку полесно се дистанцираме од звукот, од неговото значење и потекло.
Пример: Ѕвони ѕвонче. Прво го земаме во предвид увото, второ ѕвончето и трето звукот на ѕвончето. Ѕвончето, сетилниот објект припаѓа на надворешниот свет. Со разбирање на ова ја постигнуваме првата фаза од повлекување на сетилата.
Првата фаза од антармона може да се практикува насекаде. Доколку сте патник во кола, затворете ги очите и обидете се да станете свесни за она што го чувствувате, слушате и мирисате. За кратко време надворешните звуци и објекти ќе исчезнат од вашиот ум. Вашите сетила ќе се повлечат, иако не целосно.
Фаза 2 – визуализација на процесот на спотантани мисли или состојба без мисли
Кога ќе ја разбереме сетилната перцепција, умот ќе може да се насочи кон внатре и да биде рамнодушен на надворешните звуци.
Следната фаза е свесноста за појавата на спонтаните мисли. Одредени мисли се појавуваат спонтано, односно без наша волја. Мислите кои доаѓаат од потсвеста на свесното ниво се нарекуваатт самскара.
Постојат два вида на мисли: спонтани и предизвикани. Спонтаните мисли се вградени во личноста и се појавуваат без било каков надворешен стимул. Пример, ако видите црква и ви се појави мисла за манго, тогаш тоа е спонтана мисла, но доколку ви се појави побожна или лоша мисла, тогаш таа мисла е предизвикана. Тоа е израз на одреден дел од вашата личност, кој модерната психологија го нарекува потcвест, а во Веданта се нарекува sukshma sharira или суптилно тело.
Како што излегува чад од печката, на истиот начин неколку мисли излегуваат од сите акумулирани мисли. Кога овие мисли ќе се појават, ако се „добри“ ги прифаќаме, а ако се „лоши“ или болни ги потиснуваме или враќаме назад. Лошите мисли што се вратени назад не се исцрпени или употребни. Во принцип сите лоши мисли ги враќаме во потсвеста, додека голем дел од добрите мисли се исцрпени, па поради тоа потсвеста е полна со лоши, а има недостаток на добри мисли.
Антармона работи на „смирување“, односно разбирање на сетилата и насочување на свесноста кон спонтаните мисли кои се појавуваат од потсвеста.
Во втората фаза на антармона, треба да го набљудуваме спонтаниот тек на мислите. Можеме да ги забележиме мислите пред да се појават на свесното поле, додека се таму или од кога ќе го напуштат свесното поле. Тоа зависи од внимателното набљудување и ставот на умот. Просечниот човек е способен да мисли повеќе мисли во дел од секунда.
Ваквиот пристап на набљудување на мислите и свесноста се нарекува интроспекција. Кога практикувате интроспекција на површина излегува сета „нечистотија“ од умот. Практикувањето на антармона ги протерува негативните мисли затоа што е вид на само-елиминирачко прочистување на „нечистотијата“ од нашиот ум.
Антармона е напредна техника која треба да биде практикувана под водство на сертифициран јога инструктор или учител по медитација.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.