Анахата чакра лоцирана е во пределот на срцето, па поради тоа уште се нарекува и срцева чакра. Поврзана е со безусловната љубов, сочувството, прифаќањето, простувањето и радоста. Таа претставува своевиден мост помеѓу мислата, емоциите и духовноста. Анахата ги поврзува долните и горните чакри, интегрирајќи го физичкиот и духовниот аспект на човекот, па затоа, според некои мислења, таа е најважната од сите чакри. Отворена срцева чакра значи да се живее живот исполнет со радост, сочувство и благодарност. Клучната афирмација е Јас љубам.
Потеклото на името Анахата е санскритско и се преведува како недопрен, непроизведен, бесшумен. Во себе го содржи прималниот, космички звук Анахата Нада кој е познат и како звук на тишината. Тоа е првобитниот звук и изворот на сите звуци и е надвор од материјалниот свет. Внатрешна, непроизведена и бесмртна вибрација на Универзумот. Го претставува неговиот почеток, почетокот на Сеприсутното. Семенската мантра за Анахата Нада е звукот АУМ(ОМ).
Хридаја – спиритуално срце
Покрај физичкото срце, во секој од нас постои и спиритуално срце – Хридаја (санскрит:Hridaya). Разликата помеѓу Анахата чакра и Хридаја е суптилна и тешко може да се објасни, бидеќи станува збор за концепти кои немаат физичка димензија. Анахата чакра е енергетски центар чија вибрација делува на физичката, менталната и духовната состојба на човекот, додека Хридаја е безвременски простор. Анахата Нада. Местото каде што се сретнуваме со чистата свест. Кога ќе ги повлечеме сетилата (pratyahara) и ќе се сосредоточиме во центарот на градите, барајќи ги најдлабоки аспекти на нашето битие, со отворена Анахата чакра, започнуваме да чекориме кон посуптилните спиритуални искуства.
Кундалини Шакти
За да може чистата свест (Кундалини Шакти) да стигне до Анахата чакра, потребно е првите три чакри да се отворени и да вибрираат во меѓусебен баланс. Од Анахата чакра Кундалини се издига до Сахасрара (крунската чакра), каде што се спојуваат Шакти и Шива (индивидуалната и космичката свест, Атман и Браман…) и од тука го преплавува и исполнува целото наше битие. Тогаш, вибрирацијата е на повисоко ниво и доаѓаме до Самореализација или доживуваме Самади.
Периодот од животот во кој срцевата чакра доминира е од 22-рата до 28-та година. Во овој период најчесто го сретнуваме нашиот животен партнер. Тоа е период во кој развиваме поголема љубов, кон самите себе и кон другите.
На физичко ниво Анахата чакра е поврзана со срцето, белите дробови, градите, рацете, дланките и тимусната жлезда.
Атрибути
Боја – зелена, елемент – воздух, семенска мантра – ЈАМ, животно – антилопа
Графичкиот приказ на оваа чакра е зелен лотос со 12 ливчиња, во чиј центар се наоѓа хексаграм, односно два вкрстени триаголника. Поврзана е со мантрата ЈАМ, а од животинскиот свет, претставник е антилопата. Бојата е зелена (понекогаш и розева), а елементот е воздухот, кој сам по себе симболизира слобода и експанзија. Ова значи дека во оваа чакра нашата свест може да се прошири до бесконечност. Владејачки божества се Иша и Какини. Кореспондира со Хридаја мудра (Hridaya mudra).
Кога е во рамнотежа
Отвореноста во срцевата чакра ни овозможува да бидеме целосно свесни за сопствените чувства, без да ги потиснуваме. Тогаш чувствуваме подеднаква љубов кон себе и кон другите. Дури и кога поминуваме низ тешки периоди умееме да препознаеме која врска како влијае врз нас и соодветно да се поставиме. Кога Кундалини од Анахата непречено тече кон повисоките чакри, кон Вишуди, Агја и Сахасрара – центрите на духовната свест, нашите чувства се манифестираат како чиста, божествена љубов и посветеност.
Кога не е во рамнотежа
Кога срцевата чакра е блокирана или не е во рамнотежа тешко успеваме да се поврземе со луѓето околу нас, градиме ѕид околу себе, емпатијата ни е на многу ниско ниво и многу сме нетрпеливи. Најчесто, немаме доверба ниту во себе, ниту во другите, чувствуваме немир и незадоволство што може да се манифестира со изолираност, љубомора или тага. Исто така, соочувањето со вистината за самите себе, може да поттикне одредени промени во вибрацијата на оваа чакра.
Кога Анахата е прекумерно активна, во име на љубовта ги губиме нашите лични граници, носиме погрешни одлуки, правиме погрешни избори и им даваме приоритет на потребите на другите луѓе, наместо на сопствените.
Од физички аспект, нерамнотежата во оваа чакра може да се манифестира со појава на респираторни проблеми како бронхитис и пневмонија или проблеми со циркулацијата. Исто така може да се поврзе со несоница, висок крвен притисок и слаб имунитет.
Неколку начини за балансирање
За балансирање на чакрата Анахата потребно е пред сè да култивираме благодарност кон себе и постојано да си даваме таква љубов, каква што би сакале да ни биде дадена, а потоа истата благодарност и љубов да ја насочиме кон светот околу нас. Додека работиме на балансирање на срцевата чакра, доаѓаме до поголемо себеспознание.
Медитација – замислете темна, празна пештера во пределот на градниот кош – Хридајакаша (Hridaya – спиритуално срце; Akasha – простор). Одржувајте свесност за движењето на градниот кош предизвикано со секое вдишување и издишување. Визуелизирајте стабилен и мирен пламен од свеќа во пределот на срцето. Тој е симбол на индивидуалната душа (Атман), духот што не го вознемируваат ветровите од материјалниот свет. Генерирајте чувства на љубов кон себе и кон другите и истовремено одржувајте свесност за визуелизацијата на свеќата во празниот простор – Хридајакаша Дарана (Hridayakasha Dharana). Кога ќе навлезме подлабоко во медитација, физичкото срце трансцендира во духовно и престанува да биде само предмет на медитација.
Јога асана пракса – сите асани каде имаме отварање на градниот кош. Најпознати асани кои ја стимулираат Анахата се Анахатасана (Anahatasana),камила (Ushtrasana), мост (Chakrasana) и други.
Кристали – Вибрација која кореспондира со срцевата чакра можеме да најдеме во зелениот калцит, зелениот авентурин, зелениот ахат, малахитот, розе кварцот и други.
Исхрана – Најсоодветна храна за срцевата чакра е храната богата со витамин Ц, храната со зелена боја како кељ, зелени пиперки, спанаќ и зелени јаболка. Во балансирањето на срцевата чакра исто така може да помогнат и топли супи.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.